Сто француски пратеници протестираа во знак на поддршка на Асиријците во Мосул

"Сто француски пратеници протестираа во знак на поддршка на Асиријците во Мосул"

Сто пратеници од францускиот Парламент протестираа пред зградата на Парламентот денес (24.07.2014) во знак на поддршка на христијанското асириско население во Мосул, кое е мета на милитантите на Исламската држава. Нивната поддршка пратениците ја изразија преку носењето на листови хартија на кои беше испечатена арапската буква „н“, која е првата буква од зборот „Насрани“ (Назарејци, како што Муслиманите ги нарекуваат Христијаните). Исламската држава ги обележала сите христијански домови во Мосул со оваа буква.

Од потпаѓањето на Мосул под власта на милитантните исламисти, уништени се речиси половината од црквите во градот, а преостанатите се окупирани, претворени во џамии или воени седишта.

Приближно 2000 асириски семејства го напуштија Мосул, упатувајќи се во селата на север од градот, како Анкава и Дохук. Меѓутоа, милитантите го прекинале доводот на вода и струја до градовите и селата во околината на Мосул, и населението е соочено со закана за недостиг на вода.

Според денешната изјава на халдејскиот патријарх Луис Сако, ова е најголемата катастрофа што ги погодила ирачките Христијани од доаѓањето на Џингис Хан.

Извор: Асириска новинска меѓународна агенција