На враќање од Ерусалим, кадешто се сретна со Папата Франциск во црквата на Воскресението Христово, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I открил еден важен договор за единство меѓу римо-католиците и Православната Црква: собир во Никеја во 2025 година, кадешто се одржал Првиот вселенски собор пред шизмата.
Разговарајќи за AsiaNews, Патријархот изјавил дека заедно со Папата Франциск „се согласивме како наследство на нашите наследници да им го оставиме собирањето во Никеја во 2025 година, кадешто заедно, по 17 века, ќе го прославиме првиот вистински вселенски собор, на којшто бил донесен Символот на верата“.
Никејскиот собор (одржан во денешен Изник, 130 километри југоисточно од Истанбул), обединил повеќе од 300 епископи од Истокот и Западот во 325 година. На него се осудила аријанската ерес, и бил дефиниран првиот дел од Символот на верата, во кој се исповеда дека Синот е „единосуштен на Отецот“.
На средбата во Ерусалим минатиот месец (мај), беше одбележана педесетгодишнината од првата средба меѓу Павле VI и Атинагора, со што, пак, се прекина повеќевековниот молк меѓу христијанскиот Исток и Запад. За овогодинешната средба, Неговата Сесветост изјавил: „Дијалогот за единство меѓу католиците и православните одново ќе започне во Ерусалим. Во овој град, под покровителство на Патријархот Теофил III есенва ќе се одржи средба на Римо-католичко-православната заедничка комисија. Нè очекува долг пат, и сите мора да сме посветени, без хипокризија“.
– Ерусалим, – продолжил г. Вартоломеј, – е местото, земјата на дијалог меѓу Бога и човекот, местото кадешто Словото Божјо се воплотило. Нашите претходници Павле VI и Атинагора го избраа токму ова место за да го прекинат долговековниот молк меѓу двете сестрински Цркви. Чекорев со мојот брат Франциск по Светата Земја, не со стравот на Лука и Клеопа на нивниот пат до Емаус (сп. Лк. 24, 13-35), туку со жива надеж на која се учиме од Господа“.
Извор: AsiaNews.it