Бројот на Христијани во Кина забележува постојан раст, и веројатно до 2030 година овој број ќе биде поголем од бројот на Христијани во САД, јавува „The Telegraph”. За Велигден, најголемата црква во Кина која собира 5.000 верници, а се наоѓа во малиот град Лиуши, била пополнета до последното место. Самата изградба на црквата чинела 10 милиони евра, а пред неа е поставен е крст со висина од 63 метри.
Официјално, Народна Република Кина е атеистичка држава со која владее една партија – Комунистичката, но тоа постепено се менува, зашто голем број од нејзините 1,3 милијарди жители бараат духовна утеха. Христијанските цркви во Кина започнале повторно да се отвораат по смртта на некогашниот лидер на Комунистичката партија и НР Кина, Мао Цедунг (1893 – 1976).
После речиси четири децении од неговата смрт, Кина е на пат да стане држава со најголем број христијански верници. Статистиките велат дека до 2030 година вкупниот број на христијани би можел да достигне до 247 милиони, што ќе ја стави Кина пред Мексико, Бразил и САД по бројот на христијанско население.
„Прекрасно е да се биде Христов следбеник. Тоа ни влева доверба. Кога сите во Кина би поверувале во Христос, би немало потреба од полициски станици. Би немало лоши луѓе, а со тоа ниту криминалци“, изјавила една 40-годишна Христијанка која дошла на поклонение во црквата во Лиуши за велигденските празници.
Најзастапени религии во Кина се таоизмот, конфучијанизмот и будизмот, додека христијанството и исламот се далеку зад нив.
Извор: Telegraph.co.uk