Американскиот Архиепископ Димитриј (Грчка Православна Архиепископија – Вселенска Патријаршија) заедно со претседателот на САД, г. Барак Обама и неколку поважни државни и верски претставници, на 7 март годинава го помина историскиот мост Едмунд Петус, на тој начин одбележувајќи ја 50-годишнината од Крвавата недела. Крвавата недела, или Маршот од Селма до Монтгомери, е клучен настан од борбата за човекови права во шеесетите години на минатиот век, кога била актуелна борбата за право на гласање на Афроамериканците. На 15 март 1965 година токму православниот Архиепископ на Северна и Јужна Америка, г.г. Јаков, дошол и зел учество во Маршот на Селма, предводен од афроамериканскиот пастор д-р Мартин Лутер Кинг Помладиот.
Пред меморијалниот марш, Неговото Блаженство оствари и приватна средба со претседателот Обама, Првата дама и нивните ќерки.
Во говорот одржан по завршувањето на маршот, претседателот на САД го прегрна Архиепископот Димитриј, потенцирајќи го значењето на верата во движењето за граѓанските права. Конгресменот Џон Луис, кој чекорел по мостот пред 50 години, упати молба до Архиепископот молитвено да си спомнува за луѓето од Селма, но и за американската нација. По завршувањето на настанот, Архиепископот Димитриј даде изјава за печат во која, меѓу другото, се вели: „Денес се сеќаваме на борбата, верата, упорноста и сонот на д-р Мартин Лутер Кинг Помладиот, но исто така, си спомнуваме и за храброста на блаженоупокоениот Архиепископ Јаков и нивните заеднички моменти овде, во Селма. Ова е мошне важен и емотивен ден, ден на длабоки чувства, благодарност кон Бога за она што е постигнато и усрдна молитва за работата што ни претстои.“ Архиепископот се заложил дека ќе продолжи да го негува долгогодишното наследство на Православната Црква во правец на борбата против расизмот и остварувањето на човековите права.
Извор: Православна Црква во Америка