Анкара одрекува дека киднапираните архиереи се во Турција

"Анкара одрекува дека киднапираните архиереи се во Турција"

Министерството за надворешни работи на Турција ги демантираше гласините дека двајцата киднапирани сириски архиереи се наоѓаат на турска територија. Во соопштението објавено во среда, Министерството потсетува на извештаите објавени во август оваа година, во кои се тврдело дека архиереите се наоѓаат во Турција, а кои биле лажни.

„Како што изгледа, сириските официјални тела и овој пат ги повторуваат сличните обвиненија, во контекст на нивните контакти со Руската Федерација“, се наведува во соопштението во кое исто така се тврди дека „овие обвинувања се целосно неосновани и невистинити“.

Во април годинава вооружена група ги киднапираше православниот Митрополит Г. Василиј и сириско-јаковитскиот Митрополит Г. Јохан Ибрахим на патот за Алепо. Коментирајќи ги извештаите дека киднаперите се идентификувани, и дека истите понудиле докази дека барем еден од киднапираните архиереи е жив, маронитскиот епископ Булос Сајах повтори дека нема индикации кои би укажувале на скоро ослободување. Според него, нема никаква информација околу тоа кои се киднаперите, ниту пак, дали архиереите се живи.

„Она што не можеме да го сфатиме е дали епископите се киднапирани од една или повеќе групи кои се борат против сириската влада. Сигурно е дека нив некој ги финансира и ги снабдува со оружје. Не можеме да разбереме како државите кои ги наоружуваат овие групи не можат да извршат притисок врз нив и да ги ослободат епископите“.