Да не очајуваме, туку да гориме со сјајот на Воскресeнието

"Да не очајуваме, туку да гориме со сјајот на Воскресeнието"

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Една по една поминаа неделите од Постот, и – макар што ова патување го започнавме ревносно, чувствувајќи во себе сили да издржиме до крај, – како што се приближуваме кон крајот, а честопати и пред ова, започнуваме да чувствуваме дека не сме постигнале ништо од она коешто сме се надевале дека ќе го постигнеме. Се надевавме дека строго и искрено ќе постиме, се надевавме дека ќе се молиме, се надевавме дека ќе се оттргнеме од нештата што нѐ држат заробени во нашите животи – нашите интереси и грижи – и ете, како што се наѕира крајот на ова патување, одеднаш ни станува јасно дека ништо, или практично ништо, не било постигнато од она на коешто сме се надевале.

Ова е мигот кога може да нѐ нападне разорниот дух на унинието кој го поткопува и последниот грам од нашата сила: како можам да навлезам во деновите на Страстната седмица? Како можам да ја пресретнам славата и торжеството на Христовото воскресение? И токму тука треба да ја покажеме нашата христијанска мудрост, но и доверба во Бога. Ние не се спасуваме како последица на нашите напори; спасени сме преку копнежот на нашата душа што нѐ влече кон Бога, преку љубовта што нѐ влече кон Христа. Па дури и кога ќе паднеме (како што понекогаш се случува и во меѓучовечките односи) не смееме да заборавиме дека како што апостол Петар, откако три пати се одрече од Христа, можеше да одговори на троедното Христово прашање, така и ние можеме да речеме: „Господи, ти сѐ знаеш, ги знаеш моите слабости, моите падови, мојата непостојаност, мојата недоследност, но исто така Ти знаеш и дека Те љубам, и дека тоа е најдлабокото нешто во мене“.

Тогаш можеме да продолжиме, како што Петар продолжил да Го следи Христа, знаејќи дека Бог верува во оваа љубов, дека Бог ни верува нам и верува во нас. И можеме да продолжиме, со колеблив чекор, со несигурно газење, со искачувања и падови, само ако нашите срца не се оддалечат од Бога, само ако продолжиме уште тој еден ден, или недела, или две, може да се најдеме соочени со Господовите страданија, со таа пројава на љубовта со којшто Тој нас нѐ љуби.

Да се претрпи она што Тој го претрпе заради нас е возможно само преку неуморна и безгранична љубов. И така, ако не можеме да се соединиме со Христа на потаинствен начин преку заедничарење на Крсниот пат преку молитва, созерцание и аскеза, тогаш барем да застанеме покрај патот, покрај овој пат на Крстот и со восхитеноста и нежноста на нашата потресена душа – или можеби, со душа неспособна за восхит и нежност – да погледнеме на она што значи да се љуби онака какошто Бог е способен нас да нѐ љуби. И да Му речеме, ако ништо друго, „Ти благодарам, Господи, што ме љубиш мене, мртвиот, скаменетиот, бесчувствителниот, безживотниот – што ме љубиш толку многу што ќе дојде ден кога и за мене ќе бидат кажани зборовите еднаш кажани на Лазара Четвородневниот: ‘Лазаре, излези надвор’“.

Еден ден секој од нас ќе ги чуе овие зборови, не на крајот од времето, не на општото воскресение, како што и Марта мислела, туку сега, во некој неочекуван момент кога гласот Господов ќе се чуе, и одеднаш повторно ќе оживееме, живи во времето и во вечноста. И така, можеме да се приближиме кон Велигден свесни дека не сме сториле ништо достојно за оваа средба со торжеството на Воскресението, не сме постигнале ништо што би ни го дало правото за оваа радост. Како што св. Јован Златоуст вели во неговото Огласително слово за Пасха: „Вие што постевте и вие, кои не постевте, вие што се трудевте и вие кои бевте мрзеливи, сите вие дојдете, зашто Господ сите исто ги прима; некому му исплаќа праведна отплата, некому дарува дар од Неговата љубов“.

Нам нема да ни исплати праведна отплата, оти ние не се трудевме, туку ќе ни го дарува дарот на љубовта на секој еден од нас. И затоа, без разлика во какво расположение и да сме, колку мрзеливи и да сме, колку и малку и да сме се труделе, да зачекориме, чекор по чекор, во овие последни денови кон светлината, како пепепрутки привлечени од неа: да не изгориме од неа – туку попрво, самите да гориме со сјајот на Воскресението, да светиме со неговата светлина, да станеме како Несогорливата Капина која гореше а сепак не согоре во пламенот Божји. Амин.

г. Антониј, митрополит Сурожски
Беседа изговорена кон крајот на Великиот пост
16 март 1980