Астрологијата е астролатрија

"Астрологијата е астролатрија"

Кога нашата душа ќе го напушти овој живот,
нема да одговараме за тоа што не сме правеле чуда,
ни за тоа што не сме богословеле,
ниту за тоа што сме немале виденија,
туку, сосем сигурно, на Бога ќе мора да Му одговориме,
за тоа што постојано не сме ги оплакувале своите гревови.
Св. Јован Лествичник

Христијанинот не мора да биде чудотворец, ни блескав богослов, ниту пророк или созерцател на небесни виденија, туку мора да се кае поради своите гревови. Православната Црква гревот го разбира во духот на грчкиот збор „амартиа“. Во Античка Грција со амартиа ја означувале ситуацијата во која човекот цели во метата и ја промашува. Во тој смисол, грев значи промашување на својата мета, непостигнување на целта, неостварување на своето назначение.

Кога христијанинот прави нешто што го разделува од Христа, тој прави грев, затоа што не живее во согласност со своето назначение, односно затоа што не живее во Христа. Кога не живееме во согласност со својата цел, а тоа е – да бивствуваме по образот и подобието Божјо, ние тогаш правиме грев. Кога допуштаме небесните ѕвезди – а не Бог, Кој ги создал ѕвездите – да управуваат со нашите постапки, тогаш правиме грев. Кога брзаме за во весниците да го прочитаме „нашиот хороскоп“ и од него да ја „дознаеме“ нашата иднина, наместо да трагаме по мудрост и да се учиме на неа од Библијата, ние тогаш правиме грев. Кога го правиме ова, или не го правиме она, затоа што астролозите ни кажале да правиме така, и притоа ги затвораме нашите уши за Божјите заповеди, ние тогаш правиме грев. Правиме грев и кога се молиме на нашиот христијански Бог и, истовремено, веруваме во хороскопските знаци. Ние не сме водолии, риби или ваги, синови и ќерки на ѕвездите; ние сме боголики личности, синови и ќерки Божји.

Луѓето денес се запознаваат меѓусебно како „овни“ и „лавови“, а не како христијани. Зар не е чудно тоа што луѓето се обраќаат едни на други според ѕвездите и нивниот распоред, а не по Бога, Творецот и Изворот на Животот? Реткост е да се чуе денес некој да каже: не, јас не сум роден во ниту еден зодијачки знак, туку сум – од Бога, јас сум христијанин, „мал Христос“.

Црквата отсекогаш проповедала против астрологијата. Уште пророкот Јеремија (10, 2) пишал: „Вака вели Господ – не одете по патот на незнабошците и не плашете се од небесните знаци, од кои се бојат незнабошците.“ Спротивставувајќи им се на асирските, односно на вавилонските астролози, од кои потекнува и денешната астрологија, пророк Даниил вели: „Ниту еден мудрец, ни маг, ниту астролог не може да му ја открие на царот Навукодоносор тајната што ја бара, туку единствено Бог Кој е на небесата, Кој ги открива сите тајни…“.

Црковното канонско право им забранува на христијаните да веруваат во астрологија. Поточно, 36-тиот канон на Лаодикискиот собор (од 369 год.) ги исклучува од Црквата сите оние коишто прават, продаваат, купуваат или носат зодијачки знаци.

Отците на Црквата чувствувале дека има „многу чуда во вселената, но дека ниту едно чудо не е попрекрасно од човекот“. Човекот е личност според ликот Божји: во осмиот псалм гледаме дека човекот е створен „малку помал од ангелите, но со слава и чест овенчан“, за потполно да владее со целиот свет, вклучувајќи ги тука и ѕвездите. Св. Григориј Велики пишува: „Не е човекот создаден за ѕвездите, туку ѕвездите зa човекот. И, доколку ѕвездите ги наречеме владетели на човекот, тогаш човекот би требало да биде сметан за слуга на своите слуги“. Значи, Бог не ги создал планетите и ѕвездите за тие да владеат со човекот, туку за да му бидат послушни на човекот и да му служат, како и сите останати созданија.

Блажен Августин ја смета астрологијата за „религија на судбината“ која Црквата силно ја осудува. Тој тврди дека секој кој верува дека нашиот Бог – Љубов би им дал власт на ѕвездите тие да го одредуваат нашиот живот и да управуваат со него, со тоа ја навредува праведноста и љубовта Божја. Св. Јован Златоуст верувањето во ѕвездите го смета за безумно неверие насочено против Божјата семоќ и создателство, оти ваквата лажна вера Го „потчинува“, на крајот на краиштата, и Самиот Бог „под власта на ѕвездите“. Кога ѕвездите би владееле со луѓето, вели св. Јован Златоуст, тогаш не би постоело ни добро ни зло, зашто во тој случај сè што луѓето би правеле, всушност, би го правеле „под власта на ѕвездите“. „Тогаш, тоа значи – заклучува св. Јован Златоуст – дека Божјата заповед човекот да прави добро и да не греши не само што е ништовна, туку е и потполно бесмислена“.

Црковните Отци го наведуваат и примерот со близнаците, особено со Јаков и Исав. Отците се прашуваат: „Тогаш, зошто постои таква различност во животот на овие близнаци, во нивните постапки, дела, повик, чест и сè она што се однесува на човечкиот живот? Дали може тоа да биде ефект на краткотрајната разлика во времето на раѓање, доколку тие биле дури и зачнати истовремено?“

Св. Григориј Велики астрологијата ја смета за празноверие и безумие: имено, од некој астролог во една прилика слушнал дека секој кој се раѓа во „знакот на водолија“ е предодреден да биде рибар, а самиот светител во пустината сретнал многумина родени во „знакот на водолија“ и ниту еден од нив не бил рибар. Во Перија, каде се родило едно дете – идниот принц, односно крал, астролозите тврделе дека таква била судбината, како резултат на ѕвездите во знакот во којшто било родено детето. Меѓутоа, св. Григориј Велики истите тие астролози ги запрашал дали можат да му одговорат колку идни робови се родиле на светот во истиот момент кога се родил тој иден крал, заклучувајќи на крај: „Кралските синови, кои се родиле во истиот момент со робовските синови, ќе го наследат кралството, додека робовските синови кои се родиле истовремено со кралските, сепак, ќе умрат како робови“.

Астрологијата настанала во Вавилон пред околу четири илјади години. Таа била заснована на тогашното астрономско знаење – дека Сонцето се движи околу Земјата, а не Земјата околу Сонцето. Годината била поделена на дванаесет месеци, од кои шест имале по триесет дена, а шест дваесет и девет дена, што чинело вкупно 354 дена годишно, така што одвреме-навреме, морале да додаваат (за да надокнадат), и тринаесетти месец. Еве кон што целам: човекот кој би се родил во април како „овен“ по денешниот календар, по вавилонскиот календар би се родил како „риба“, а хороскопот за „водолија“ што го читате денес, е всушност хороскоп од пред еден месец. Според ова, сè што сте прочитале за себе – е погрешно, зашто секогаш сте во „погрешен“ месец, оти вавилонскиот астролошки календар доцни еден месец по нашиот календар.

Вил Дурант, во неговата Историја на цивилизациите, астрологијата ја вбројува како една од оние многубројни празноверија од древните времиња кои цветаат и во нашето време. Но, сета глупост на астрологијата најдобро и најпрецизно ја изразува бесмртниот Вилијам Шекспир со зборовите: „… Кога немаме среќа, за својата пропаст ги обвинуваме сонцето, месечината и ѕвездите. Изгледа како да сме зли поради нужност; будали по небесна принуда; никаквеци, крадци или учители по владеењето на сферите; пијаници, лажговци или прељубници, принудени на тоа од планетите…“

Св. Григориј Нисиски, искажувајќи го накратко црковното сфаќање за човековото суштинско достоинство, со право вели: ако сме само орудија во рацете на ѕвездите што кружат, тогаш ние воопшто и немаме слободна волја. „А, кога човекот – вели св. Григориј Нисиски – ќе ја изгуби слободата, тогаш тој губи сè“. Ако човекот не е слободен, тој тогаш веќе не е човек.

Протопрезвитер Александар Карлуцос
Извор: Тавор бр. 1