Атинска декларација: Обединети против насилството извршено во име на религиите

"Атинска декларација: Обединети против насилството извршено во име на религиите"

На 2 и 3 септември годинава во Атина се одржала меѓународна конференција посветена на граѓанските права и мирниот соживот меѓу христијаните и муслиманите на Блискиот Исток. На конференцијата, организирана од страна на Вселенската патријаршија и KAICIID Центарот за дијалог (со седиште во Виена, Австрија), а со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Грција, присуствувале претставници од Православната Црква и ерменските, сириските, римо-католичките, евангелистичките, сунитските, шиитските и другите верски заедници од Блискиот Исток. Целта на конференцијата била унапредување на заедничките напори во давањето одговор на очајната ситуација во која се наоѓаат христијанските, но и другите верски малцинства во Ирак и Сирија.

Нагласувајќи го историското присуство и улогата на христијанските заедници на Блискиот Исток, учесниците објавиле заедничко соопштение со кое повикале на засилена работа кон воспоставување на мирот во воените зони.

Во соопштението, меѓу другото, се вели:

– Ширењето на конфликтот на Блискиот Исток ѝ се заканува на верската и културна разноличност во овој регион. Тоа, исто така, го подрива мирољубивиот соживот меѓу жителите од регионот, вклучувајќи ги христијаните, муслиманите и другите верски и етнички групи. Стотици илјади христијани, муслимани и др. верски и етнички групи се изложени на брутално насилство и застрашувачко мачење. Присилени се да ги напуштат нивните домови. Насилни екстремисти ги злоставуваат и убиваат. Злоделата на овие насилни екстремисти потекнуваат од идеи кои се неспоиви со нашата заедничка култура и историја, и во спротивност на автентичната верска поука. (…)

– Говорејќи едногласно, како христијански и муслимански верски авторитети, изјавуваме дека христијанската и другите верски и етнички заедници се интергрален и неодделив дел од блискоисточната верска и културна шареноликост, дека се вкоренети во нејзината историја и придонесуваат за формирањето на нашиот заеднички блискоисточен идентитет. (…)

– Ги повикуваме верските и политичките лидери, како и граѓанското општество, да заземат цврст став против сѐ позасилениот насилен екстремизам и тероризам, кој се заканува на вековниот мирољубив соживот на Блискиот Исток. Повикуваме да се ослободат сите заложници, киднапирани цивили и верски лидери, како и безбедно враќање на внатрешнорасселените лица и бегалци во своите домови.

Извор: Вселенска патријаршија