Беседа на Осветувањето на храмот на Христовото Воскресение

"Беседа на Осветувањето на храмот на Христовото Воскресение"

Денес го празнуваме Осветувањето на славниот и велик нов храм Ерусалимски – не оној што царот Соломон го изградил на гората Аморија (2Лет. 3), туку оној што верниот цар Константин и неговата достојнопочитувана мајка Елена чудесно го изградиле на Голготата, откако прво го очистиле и обновиле тоа свето место, претходно осквернето од незнабожечките пагани.

По доброволните Страданија Христови и Неговото Воскресение и Вознесение на небесата, местото на Страданијата било презрено и осквернето од непријателите Христови, особено од незнабожечниот цар Адријан, кој ги осквернил сите свети места со демонски идоли и нечисти жртви. На местото на убавиот Ерусалим, тој изградил град кој го нарекол Елија Капитолина, според неговото име (Елиј Адријан). На гората на која Христос бил распнат, тој изградил храм на неговото злокобно божество Венера, поставувајќи го среде него нејзиниот идол, додека над Господовиот гроб го поставил идолот на Јупитер. И така, онаму каде што Јагнето Божјо се принело како жртва на Бога Отецот за нашите гревови, валкани жртви биле принесувани на демоните, и се вршеле гревови на развратот. Истовремено во Витлеем, онаму каде што Најчистиот бил роден од девствена утроба, бил изграден идол на Адонис, за и тоа свето место да биде осквернето од срамни дела. На местото, пак, на храмот Соломонов, бил изграден идолопоклонички храм; на Евреите, и на сите други им било забрането градот да го нарекуваат со неговото вистинско име, Ерусалим, туку им било наложено да го нарекуваат „Елија“.

И сите овие нешта биле направени за да исчезне споменот на Исуса Христа од лицето на земјата. Токму затоа градот во кој Христос направил мноштво чудеса и знаменија бил преименуван, а местата каде што се родил, бил распнат и погребен биле претворени во демонски пребивалишта, за секој народ да заборави на Христа, а местата каде што Тој некогаш одел повеќе да не служат како потсетник за Неговиот живот. Но сепак, подлеците кои ги сториле овие нешта исчезнале во ужасни крици, а Царот на Славата повторно бил прославен на светите места.

Откако ги воздигнал царот Константин и неговата мајка Елена на царскиот престол, и ги просветил со светлината на светата вера православна, Господ во нивните срца ја положил желбата за повторно воспоставување на светиот град Ерусалим, за градење на преубав храм Божји на местото каде Христовото тело било срушено и повторно изградено за три дни, и за очистување на сите свети места од демонското сквернавење, посветувајќи ги уште еднаш на Бога. Поради сето ова, благоверниот цар Константин ја испратил неговата мајка Елена во Ерусалим, за да ја спроведе неговата намера; му пишал и на светиот патријарх Макариј, повелувајќи што побрзо да се изградат црквите на светите места.

Кога светата царица Елена пристигнала во Ерусалим, таа ги срушила сите идолски храмови, но и самите идоли во нив. Го очистила светиот град од сите незнабожечки скверности. Го нашла Чесниот Крст и Гроб Господов, ги очистила, и изградила голема црква со која овие две Светињи биле обединети во една градба. Оти, местото на кое Христос бил распнат е недалеку од месото на Неговото погребение, како што вели евангелистот Јован, „На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу“ (Јн. 19, 41-42). Во една црква биле сместени Голготата и Гробот Господов, и таа црква била наречена Мартириум, односно Сведоштво [=Мачеништво], оти таа сведочела за Воскресението Христово, зашто Христос пострадал и воскреснал на тоа место (Св. Кирил Ерусалимски, Четиринаесетта катихетска беседа).

Светата Елена подигнала и други цркви: во Витлеем, на Маслиновата Гора, во Гетсиманија, и на многу други свети места, украсувајќи ги со секакви украси. Сепак, црквата положена врз Гробот Господов била најголема и најубава. А самата света царица не го видела нејзиното завршување, оти се вратила кај нејзиниот син и во Господа се упокоила пред изградбата на оваа црква да заврши. Не било возможно една толку чудесна и великолепна градба да се заврши за кратко време, ами биле потребни речиси десет години за нејзиното градење.

Штом градењето било завршено, благоверниот цар повикал епископи од сите земји за да го осветат храмот. Мноштво јерарси дошле, од Витинија и Тракија, од Киликија и Кападокија, Сирија и Месопотамија, Феникија, Арабија и Палестина; од Египет и Африка, и од Тиваида; па дури и од Персија. Но уште повеќе народ од сите краишта на земјата бил собран заедно, така што ниту цел Ерусалим не бил доволно голем за да се најде сместување. И така, во тринаесеттиот ден од месецот септември Храмот на Воскресението бил осветен, а целиот Ерусалим обновен во триесеттата година од владеењето на Константин (335 по Хр.).

Светите Отци, пак, собрани на овој собор, како и Соломон во дамнина, повелале денот на осветувањето да биде празнуван. Во Стариот Завет, откако била завршена градбата на Светињата над Светињите во најславниот храм, Соломон повелал секој септември, месецот кога се случило тоа, да се празнува празникот (и затоа во Евангелието се вели „А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновение и беше зима“ – Јн. 10, 22). Исто постапил и светиот рамноапостолен цар Константин: откако ја подигнал, така да речеме, втората Светиња над Светињите, во времето на новата Благодат, заедно со светите отци повелал осветувањето на великата црква во Ерусалим, која е мајка на сите цркви, да биде празнувано во сите цркви низ целиот свет.

Затоа, да го празнуваме овој празник, вознесувајќи Му благодарност на Христа Бога, Кој во Неговите Страданија и Воскресение го обнови целото создание и ја очисти Неговата света Црква од незнабожечки скверности. Да се осветиме и самите, и да оставиме секаков грев што нѐ измачува. Да правиме добри дела, да чекориме во новиот живот, за како луѓе да го празнуваме празникот на осветувањето на човекотворниот храм онака како што ангелите го празнуваат обновувањето на неракотворниот храм во нашите души. Зашто, ангелите на небесата се радуваат кога грешникот, преку покајание, се обновува. Амин!

Свети Димитриј Ростовски