изговорена во 1965 од преподобен Јустин Келијски
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Денес ги славиме и прославуваме двајцата најбогати сиромаси. Немаа ниту торба, ниту стап во овој свет 1, сè оставија поради Христа Господа. Но какви сè не богатства им делат на луѓето од сите времиња! Просјаци и сиромаси, тие ги обогатуваат светот со непропадливо богатство. Видете, наместо смрт тие на луѓето им даваат бесмртност, наместо минлив живот го збогатуваат светот со вечен живот, наместо минливи овоземни царства го збогатуваат светот со небесното вечно Царство Божјо. Тие, просто сиромашни… Сè оставивме, Му вели апостол Петар на Христа Господа, и по Тебе одиме. Што ќе биде со нас, што ќе добиеме? 2 Поради што ние оставивме сè, и моето, и твоето што го имавме? Што ни нудиш Ти со Себе?3 Во новиот свет и живот вечен… – одговара Спасителот4.
И навистина, тие се збогатиле со Христа Господа, Го примиле Него, Вистинскиот Бог, поверувале во Него, пошле по Него. А да се оди по Него, тоа значи да се стане богат со непропадливо богатство. Тој ја дава Вечната Вистина, а по сите овоземни плоштади – видете – лага, ситни вистини и вистинчиња. Тие ја даваат и даруваат светата вечна Божествена Вистина. Околу нас, во нас, во секој човек, во сиот род човечки – пустош и смрт, и тоа не една, туку на илјада илјадници. А тие, победници на смртта, даруваат Живот Вечен, даруваат Бесмртност. Двајца прости сиромаси, а какво богатство!
Сенката на светиот апостол Петар исцелува од сите болести, една сенка5. Тогаш, кој го збогатил него – кој? Крпчињата, убрусите на светиот апостол Павле исцелуваат од сите болести6. Кој е побогат од овој најбогат Христов ученик? Со еден Христов збор тие ги воскреснуваат мртвите, исцелуваат од сите болести. Што е тоа, од каде им е на луѓево тоа, какво богатство е ова? Видете, што се овие двајца обични луѓе, од каде им е таа моќ? Од каде му е моќта на исплашениот Петар, кој од слугинката се исплаши и од Христа три пати се одрече?7 И овој Петар неплашливо оди по сиот овој свет, Го проповеда Господа Кој смртта ја победи и четириесет дена по Неговото воскресение помина со Своите Ученици во верата: дека навистина воскресна, дека навистина смртта е уништена, и им Го испрати Светиот Дух во педесеттиот ден; им ја испрати Небесната Сила, и тоа не една, туку сите Небесни Сили, и тие – исполнети со Светиот Дух Го пренесуваат Воскреснатиот Господ како нераспадливо богатство по сиот овој свет.
Слечи ја душата на апостол Павле, и што ќе најдеш во неа? Воскреснатиот Господ, верата во Него, животот според Него. Слечи ја душата и срцето на апостол Петар – и повторно исто, тоа истото. „Не живеам веќе јас, туку Христос во мене живее“ – изјавува апостол Павле8. Ја бараш душата Павлова во Павле, и неа ја нема, Христој ја заменил, ја променил совеста, умот, срцето негово во него, ги нема, Господ Христос е во него. О, таква силата на некогашниот гонител на Христа Господа и Црквата Негова! Да не воскреснеше од мртвите Господ Христос, кој би го сопрел дрскиот Савле, најучениот младич, големиот ревнител со фарисејски дух, кој би го сопрел да него, за да не ги гони и убива христијаните, да не ги уништува? Кој ако не Воскреснатиот Господ Кој му се јави на патот за Дамаск, и тој, гледајќи Го Него Воскреснат и жив, сè оставил и тргнал по Него!
Савле, Савле, зошто Ме гониш? – Кој си ти, Господе? – Исус9. Оттогаш покајаниот Савле станува апостол, неплашлив апостол на Христа Господа. Оттогаш сиот овој свет за него станува ништо, и тој им пишува на христијаните: Затоа сметам дека и сè друго е трици и штета, штета кон Воскреснатиот Господ Христос10. Штом Го познав Христа Господа, Него, Вистинскиот Бог, овој свет е троцо, сиот овој свет, сè што е во нив. Кога сите овие планети, сите овие ѕвезди би се претвориле во злато, сето тоа би биле трици и кал наспроти Христа Господа. Единствено посакувам, вели апостол Павле, да Го познавам Него, (…), и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите11. Ете, тоа е крајот, тоа е крајната цел на павловиот живот: Вечен Живот, воскресение од мртвите, победа над смртта. Ете го богатството со кое Павле располага, кое го доби од Воскреснатиот Господ Исус. Што може него да го изгасне? Каков Нерон, какви Нерони! Цареви, гонители, о, сè се тоа трици… Нерон на царски престол – трици наспроти Христа Господа. Тоа, токму тоа Евангелие го носи апостол Павле, и го разнесува низ овој светот. Непрестајни чуда…
Чуда, телесни и духовни во името на овие два големи свети апостоли се вршат веќе две илјади години. Откако почнале, не престануваат, не престануваат до ден денешен. Колку души воскреснаа од мртвите? Колку души воскреснаа од духовна смрт? Колку заблуди исчезнаа во овој свет, колку лаги, колку богови лажни? Од сето тоа нè спасуваат овие двајца славни апостоли и нивните свети браќа. Во овој свет тие чекореа голораки, немаа ништо. Кога апостол Петар го исцели фатениот пред храмот Ерусалимски, тој вели: „Сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!“12 Фатениот стана. Колку фатени души исцелиле и непрекинато исцелуваат светите апостоли Петар и Павле? О, фатена е душата на човекот кој не верува во Вистинскиот Бог Господ Христос; фатена е душата на човекот кој верува во лажните измислени богови. А кој ќе се сретне со апостолот Петар или Павле, и поверува во нивното учење, во нивната божествена сила, и ете – душата негова се исцелува од фатеноста.
Овој свет во дните на светите апостоли бил поплавен со прелести, лаги, опустошен од смртта, заблудите, и безбројните лаги. А светите апостоли одат по светот, ја проповедаат Вечната Вистина, Го проповедаат Христа Господа и да светот му даваат од Божествената сила; и од нивните души, од нивните тела непрестајно се излеваат божествени сили. Она што го пишува во Светото Евангели за Христа Господа: „од Него излегуваше сила и ги исцелуваше сите“13, сите болни… Така, таа иста сила која Господ им ја даде на Своите свети апостоли, таа иста сила и од нив се излева, од нивните битија и исцелува од сите болести, телесни и духовни.
Што можеш да им сторат на луѓето апостоли, од што се плашат тие, штом од смртта не се плашат; кога од ѓаволот не се плашат; кога од гонителот од овој свет тие не се плашат? Видете, секое прогонување кое го поднесуваат заради Христа Господа, тие за радост го сметаат. Кога ги фрлија светите апостоли во затвор и ги претепаа – се вели во Евангелието – тие излегоа радосни зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса14. Се радуваа! Тоа се нови луѓе, навистина необични луѓе: се радуваат во страданијата, се радуваат во смртта што за Христа Господа ја поднесуваат, се радуваат на жалостите и маките. Апостол Павле не се фали со тоа што бил вознесен до третото небо, туку се фали со тоа што добил рани поради Христа, колку бати бил каменуван, колку пати бил во морето фрлен. Два пати претрпел бродолом, го биеле, му се исмевале. Вели: „насекаде и на секое место ме демнеше опасност, од лажни браќа, од пријатели, од непријатели, од роднини и блиски, од истоплеменици, секаде во опасност15.
Светот не Го сака Христа, ѓаволите не Го сакаат Христа, па преку луѓето против Христа се борат, а апостол Павле јуриша на секој ѓавол. Тој, тој не се плаши од сите нив, на чело со нивниот врховен војсководец – Сатаната. Тој сите нив ги поведува, а тие како немоќни болви бегаат – од кого? Каква сила, каква моќ! Од каде му е тоа на Савле? Само од Воскреснатиот Господ! Апостолите го добија она што никој од мудреците на светов, од царевите на овој свет, од моќниците и кнезовите никогаш не го добил. Видете, тие живееат на земјата, а со небото владеат. Кому му ги отпуштат гревовите – им се отпуштаат, а кому му ги задржат – им се задржуваат16. Сè што ќе врзете на земјата, ќе биде врзано на небото. Сè што ќе разрешите на земјата, ќе биде разрешено и на небото17. Таква власт Господ ниту на ангелите не им дал. Власта што ја имаат светите апостоли и христови свештеници ја немаат ниту ангелите: да разрешуваат гревови, да отпуштаат гревови, да ослободуваат од смртта, од ѓаволот, и да ги отвораат небесните рајски врати и во рајот да ги воведуваат луѓето од земјата.
Ете, светите апостоли коишто денес ги прославуваме, тие двајца, го исполнија небесниот свет со препородени души, со души преобразени преку верата во Христа Господа и преку Неговото Свето Евангелие. Да, сите богатства кои од вас, свети апостоли, непрекинато се излеваат врз овој свет, се вечни. И ние денес, всушност, го славиме најголемото и најграндиозно чудо во историјата на човечкиот род. Овие двајца голоракки апостоли сè победија! Се случи најголемото чудо. Ве испраќам како овци меѓу волци, им вели Спасителот на Своите апостоли18. И навистина се случи чудо: овците ги победија сите волци. Овој свет со волци полн беше, полн со лажни учења, полн со лажни богови, и тие излегоа на тоа боиште наоружани не со мачеви, или сегашни топови, туку наоружани со верата во Христа Господа; со Неговото Евангелие, со Неговите божествени сили – сè победија. Господ им ги подари сите божествени сили кои се потребни за да се победи секој грев во овој свет, секој ѓавол, секоја смрт, секој лажен бог. Тие божествени и семоќни сили останаа нивни, и во Црквата Христова ги творат овие бескрајни чуда. Ги победуваат сите лаги во нас, сите наши прелесни и обмани. Потребно е само едно: да се угледаме на нив.
Угледајте се на мене, како што јас се угледав на Христа, вели апостол Павле19. Ти, како човек, велиш: „тешко е да се угледаш на Христа. Христос е Бог, а јас сум човек. Со што можам да ги извршам Неговите заповеди?“ Ти не Го гледај Христа, туку гледај ме мене, Павле. Јас сум човек, како и ти, ете и јас ќе ги вршам Христовите заповеди. Ајде по мене, и угледај се на мене. Кога ќе се исполниш со Христовото Евангелие, што ќе почувствуваш? Ќе почувствуваш како во твојата душа се влеваат небесните богатства, како вечната Вистина станува твоја, а вечната божествена Љубов станува твоја, и еден ден ќе се почувствуваш сиот исполнет со Вечен Живот, та секоја смрта ќе бега од тебе, и сите гревови, и сите ѓаволи. Тоа Господ му го донесе на овој свет.
Сведокот, првиот сведок – Павле. Ист таков сведок – Петар. Луѓе, како и ние, од тела како и нашите, од земски прав – како и нас, од земска кал – како и нас. А видете – каква сила! Какви моќници, какви бесмртници, какви мудреци! Сето тоа тие стануваат преку верата во Воскреснатиот Господ Христос, Воскреснатиот Господ, Кој постојано ја исполнува Својата Црква со божествените Свои сили. Кога и ние одиме по Господа во вера, го победуваме сето она што грев се нарекува, сетоа она што смрт се нарекува, сето она што пекол се нарекува, сето она што зло се нарекува.
И ние денес Го славиме Христа Господа – Единствениот Вистински Бог, Кој како Единствен Вистински Бог и човекот го прави вистински човек. Тој, човекот, не може да биде вистински човек – без Христа Господа. Човекот не е човек, доколку во него царува гревот и смртта. Тоа е наказа од човек. Оти, човекот е створен за бесмртен живот вечен. И единствено со Христа Господа, со верата во Него, со извршувањето на Неговите заповеди, ние од себе го изгонуваме сето она што е смртно, сето она гревовно, сето она ѓаволско и демонско, сето она што е пеколно; и стануваме вистински луѓе кога ќе ја победиме смртта, кога гревот го победиме – е, дури тогаш сме вистински луѓе. Тогаш човекот е вистински човек, совршен и довршен човек, тогаш човекот е потполн човек; а дотогаш е подчовек, небаре-човек21, дотогаш е делумно човек, дотогаш е парче-човек, дотогаш не е човек. Само верата во Воскреснатиот Господ, и евангелскиот живот, само тоа човека го прави човек, вистински човек. Тоа вистински му служи на човека.
Браќа мои, сето Евангелие Христово е служба на Единиот Вистински Бог. И кога ние, христијаните, Му служиме на Христа Господа со верата своја, а преку Евангелието, всушност си служиме себеси, му служиме на својот вечен живот, ѝ служиме на Вечната Вистина. Благиот Господ Христос уредил така, што служејќи Му Нему, ние всушност ѝ служиме на својата мудрост, и моќ, и семоќ. Оти, ние луѓето, исполнувајќи го Неговото Свето Евангелие, всушност се спасуваме себеси од гревот, се спасуваме себеси од смртта, се спасуваме себеси од пеколот, од злото, од ѓаволот; и му служиме на своето вечно спасение, на своето вечно царство во оној свет, служејќи Му на Вистинскиот Бог и Господ Христос.
А кои се нашите водачи, нашите бесмртни водачи? Светите апостоли Петар и Павле, и сите останати свети апостоли, и со нив и покрај нив сите светители. Овој свет, до воскресението Христово беше остров на смртта. Од Неговото воскресение, стана остров на бесмртноста. Овој свет, пред воскресението Христово беше расадник на смртта, расадник на гревот, расадник на сите зла. Од Неговото воскресение, овој свет станува расадник на Вечната Вистина Божја, на Вечната Правда Божја, Вечниот Живот Божји, на сите Вечни Добра Божји. Ете тоа Господ му го донесе на светот, на мене и на тебе. Каква е силата на верата во нас? Каква е силата на Единиот Вистински Бог и Господ Исус Христос? Еве и сведоци, безбројни сведоци во две илјади години, а ќе ги има и сè до Страшниот Суд.
А ти, ако си човек, ако во тебе се разбудил вистинскиот човек, во овој живот ти ќе Му служиш на Христа Господа како Единиот Вистински Бог, и ќе живееш во овој свет исполнувајќи ги Неговите заповеди, и заедно со апостолот Павле ќе чувствуваш и ќе знаеш дека навистина, во овој свет, без Христа Господа сè е трици и штета22. Единствено Он дава бесмртен Живот Вечен. Затоа, никогаш доволно пофалби во благодарноста кон Него, нашиот Господ Исус Христос, за Неговото големо човекољубие кон нас, но исто така и благодарност кон Неговите свети и непобедливи јунаци, дивови бесмртници, први бесмртници, какви што беа и засекогаш останаа светите апостоли, Првовхровни апостоли Петар и Павле.
Нека Благиот Господ и нас нè води преку нивниот дух, давајќи ни вера и сила да се угледаме на нив; за и ние верно по нив да одиме, исполнувајќи го Евангелието Христово, кое тие го запишаа и напишаа, и заедно со нив да го достигнеме воскресението и Царството Небесно. Да доспееме таму кадешто вечно владее Чудесниот Господ Христос со Својата Божествена Љубов, Своите Божествени Правди, Своите Божествени Вистини, Својата Божествена Радост; за сиот наш живот и на земјата и на небесата да биде славење на Христа Господа и служење Нему, а преку тоа наше славење и служење на сите нас ќе ни дојде и спасението наше.
Затоа, на светите апостоли Петар и Павле (да им ја принесеме) нашата најискрена благодарност за сите подвизи и трудови што ги принесоа во овој свет од Христовите гонители. Благодарност кон нив за тоа што и денес непрекинато вознесуваат молитви и ги помагаат сите оние што одат по патот на Евангелието Христово во овој свет, што видливо и невидливо им помагаат и ги поддржуваат на тој пат. Нека нè штитат од сите неволји и ужаси од овој свет, да не потклекнеме во нашата вера, да не се слизнеме, верата да не си ја изгубиме. Во овој свет најважно е да ја сочуваме верата во Вистинскиот Бог и Господ. Во овој свет, најважно е да не појдеме по лажните богови, лажните христоси, лажните пророци, а денешниот свет е полн со лажни спасители на човештвото, полн е со лажни пророци, полн со лажни учители.
Вие, Христијани, вие Го имате Единиот Единствен Вистински Учител и Неговите Свети Ученици. Само оној Христов ученик којшто има живот вечен, и на другите им го дава животот вечен, само тој е искрен. Тоа е вистината, тоа е единствената вистина во сите светови човечки. Вистински е само оној бог, којшто на човекот му дарува бесмртност и Живот Вечен, му ја дарува Вечната Вистина, Вечната Правда, Вечниот Живот. Тоа е само Господ Христос. Затоа, Нему нека Му е славата и пофалбата, заедно со Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, и сите Светители. Амин!
—
1Лк. 9,3
2Mт. 19,27
3Неколку нечујни зборови од аудио-лентата
4Мт. 19,28. О. Јустин најверојатно накратко ги изговорил зборовите на Спасителот од овој стих: „Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја ќе седнете и вие дванаесетте Израилеви колена“.
5Дела 5,15
6Дела 19,12
7Mт. 26,70-74
8Гал. 2,20
9Дела 9,4-5
10Фил. 3,7-8
11Фил. 3,10-11
12Дела 3,6
13Лк. 6,19
14Дела 5,18 и 40-41
152 Kop. 11,2-4-27; 12,16
16Jн. 20,23
17Mт. 18,18
18Mт. 10,16
191 Kop. 11,1
20Неколку нечујни зборови
21Додадено во загради врз основа на други текстови на преп. Јустин
22Фил. 3,7-8