Папата Франциск и Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј вчера (25.05.2014 г.) попладне зедоа учество во благодарствена молитвена служба во црквата на Воскресението Христово во Ерусалим.
Во молитвената служба, инаку дел од римо-католичкото богослужбено предание, учество зедоа и архијереите од официјалните делегации, и голем број присутни верници.
Папата и Патријархот заедно се помолија пред каменот на кој било положено и помазано телото на Спасителот по симнувањето од Крстот. Домаќинот на оваа средба, Ерусалимскиот Патријарх Теофил III се обрати пред присутните во Црквата, по што следеше читањето на Евангелието на италијански и грчки јазик, за потоа со пригодни слова да се обратат и Патријархот, и Папата. Пред крајот на службата беше разменет целивот на мирот и кажана Господовата молитва. По завршувањето на благодарствената служба, собраниот народ беше благословен од Патријархот и Папата.
Подоцна попладнето беше потпишана заедничка декларација. На потпишувањето, покрај Папата и Патријархот, присутни беа и архијереите од официјалната делегација на Вселенската Патријаршија (Американскиот Архиепископ Димитриј, Пергамскиот Митрополит Јован и Францускиот Митрополит Емануил), како и римо-католичките високодостоинственици (кардиналите Петро Паролин и Курт Кох и папскиот нунчио во Ерусалим, Џузепе Лазарато).
Во декларацијата беше повторена решеноста за продолжување на богословскиот дијалог меѓу Православната Црква и римо-католиците, и надежта за надминување на разликите коишто ги делат „двете преданија“, а беше изразена и загриженост поради состојбата со Христијаните на Блискиот Исток и еколошките предизвици.
Извор: Patriarchate.org
Фотографии: Nicholas Manginas и John Mindala