Благодарствени молитви по Света Причест

"Благодарствени молитви по Света Причест"

Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже!

Молитва прва

Ти благодарам Господи, Боже мој, што не ме отфрли мене грешниот, туку ме удостои да бидам причастник на Твоите Светињи. Ти благодарам, што мене недостојниот ме почести да се причестам со пречистите и небесни Твои Дарови. Но, човекољубив Владико, Ти, Кој заради нас умре и воскресна, и овие страшни и животворни Тајни ни ги даде, за добро и осветување на нашите души и тела, нека и мене тие ми бидат за исцеление на душата и телото; за одбивање на секој противник, за просветување на очите на моето срце, за мир на моите душевни сили, за вера што не посрамотува, за нелицемерна љубов, за исполнување со премудрост, за запазување на Твоите заповеди, за умножување на божествената Твоја благодат и за добивање на Царството Твое; та со нив сочуван во светоста твоја, секогаш да си спомнувам за Твојата благодат, и веќе да не живеам за себе, туку за Тебе, Владико и Добротвору наш. И напуштајќи го овој живот, со надеж на живот вечен да стигнам во севечниот покој, таму каде што е непрестан гласот на оние што празнуваат и бескрајна е сладоста на оние што ја гледаат неизговорливата убавина на Твоето лице. Зашто Ти Си вистинска желба и неизговорлива радост на оние, што Те љубат, Христе Боже наш, и Тебе Те воспева сета твар, вечно. Амин.

Молитва втора

Владико, Христе Боже, Цару на вековите и Создателу на сета твар, Ти благодарам за сите добрини што Си ми ги дал и за причестувањето со Твоите пречисти и животворни Тајни. Те молам Тебе, Добар и Човекољубив, запази ме под покровот Твој и во сенката на Твоите крилја. И дај ми со чиста совест, до конечното издихание мое, достојно да се причестувам со Твоите Светињи, за прошка на гревовите и за живот вечен. Зашто Ти си Лебот на жиотот, Изворот на осветувањето, Дарителот на добра и Тебе слава Ти вознесуваме, со Отецот и Светиот Дух; сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Молитва трета

Создателу мој, Кој доброволно Своето тело за храна ми го даде, Кој си оган што ги спалува недостојните – не спалувај ме, туку продри во мојата утроба, во секој мој состав и секој зглоб, во внатрешноста и во моето срце. Спали го гревовното трње на беззаконијата мои, душата моја очисти ја, мислите освети ги, зајакни ги составите со коските, просвети ги петте мои прости сетила и оковај ме сиот во стравот Твој. Секогаш покривај ме, штити ме и чувај ме од секој душегубен збор и дело. Очисти ме, измиј ме, украси ме, разубави ме, вразуми ме и просвети ме. Покажи ме Твој дом на единствениот Дух, и никогаш повеќе дом на гревот. Та со влегувањето на светата Причест во мене, како во дом Твој, да бега како оган секој злотвор и секоја страст. За застапници Ти ги приведувам сите светии и Твоите бестелесни сили, Претечата Твој, премудрите апостоли и уште Твојата беспрекорна и пречиста Мајка. По нивните молитви, милосрден Христе, прими ме и мене, слугата Твој, и направи ме син на светлината. Зашто Ти Си Благи наше осветување, и единствена светлост на нашите души, и Тебе, како што доликува, слава Ти вознесуваме секој ден, како на Бог и Владика.

Молитва четврта

Господи Исусе Христе, Боже наш, Твоето свето тело нека ми биде за вечен живот, и пречесната крв Твоја за прошка на гревовите. Ова причестување нека ми биде за радост, за здравје и за веселие; и на Твоето второ и страшно пришествие, удостој ме мене грешниот да застанам од десната страна на славата Твоја, по молитвите на Пречистата Твоја Мајка и сите светии. Амин.

Молитва петта

Пресвета Владичице, Богородице, светлино на мојата помрачена душа, надеж моја, заштито, прибежиште, утехо и радост моја; ти благодарам што мене недостојниот ме удостои да бидам причасник на пречистото тело и пречесната крв на Синот твој. ти, која ја роди вистинската Светлина – просвети ги духовните очи на моето срце. Ти, која го роди Изворот на бесмртноста – оживеј ме мене умртвениот од гревови. Ти, која си милосрдна мајка на милостивиот Бог – смилувај се на мене и дај ми умиление и скрушеност во срцето, и смиреност на мислите, и враќање од ропството на помислите мои. И удостој ме сè до последното мое издихание неосудено да го примам осветувањето со пречистите Тајни, за исцеление на телото и душата; и дај ми солзи на покајание и исповед, за да те воспевам и славам во сите денови на мојот живот, зашто Ти си благословена и прославена во сите векови. Амин.

И оваа молитва

Сега го отпушташ во мир слугата Свој, Владико, според зборовите Твои; зашто го видоа очиве мои спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просветување на незнабожците и слава на Твојот народ – Израилот.