На 11 ноември годинава во Москва се одржала панел дискусија на тема: „Блискиот Исток гори: Кој ќе ги заштити Христијаните?“. Меѓу другите, на неа говорел и Претседателот на Императорската православна палестинска заедница (ИППЗ), г. Сергеј Степашин, кој изјавил дека Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, заедно со руската заедница имаат развиено програма која е насочена кон заштита на христијанското население на Блискиот Исток. Тој објаснил и дека моментално се водат преговори со Римо-католичката црква за започнување на заедничка кампања.
Императорската православна палестинска заедница, според неговите зборови, им помага на бегалците на неколку начини, од кои најзначајно било собирањето на единаесет товарни шлепери со хуманитарна помош за сириските бегалци. Во овој случај, особено во дистрибуцијата на хумантираната помош била вклучена и Антиохиската Патријаршија. До крајот на годинава, според него, пратки со хуманитарна помош ќе бидат испратени и во Палестина. Претседателот на ИППЗ исто така го посочил примерот со организирање на образовни активности во Израел, каде што, дури 500 момчиња од Витлеем на 1 септември годинава започнале да го изучуваат рускиот јазик и култура.
На панел дискусијата на која учество зеле поголем број на клирици, општествени и политички личности, дипломати и научници, била изразена загриженост поради положбата во која се наоѓа цивилното население кое е најголемата индиректна жртва од воените дејствија на Блискиот Исток.
Заменик-претседателот на Одделот за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија, протојерејот Николај Балашов, предупредил дека присуството на христијанството на Блискиот Исток може целосно да исчезне во догледна иднина, што ќе резултира со драстични промени во животот на целото човештво. Според него, половина милион Христијани биле принудени да заминат од Сирија, додека во Ирак и Либија ситуацијата е уште полоша. Тој нагласил дека радикалните групи, поддржани од некои западни земји, започнале верска војна, во која ги истребуваат не само Христијаните туку и приврзаниците на умерениот Ислам, уништувајќи и цркви и џамии.
Извор: