Богородичен пост (1)

"Богородичен пост (1)"

Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец после празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). Успенскиот пост трае две седмици, од 14/1 август, до 27/14 август (н.ст./ст.ст.). За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во било кој ден од седмицата.

Историска позадина

Постот пред денот кога Црквата се сеќава на Успението на Пресветата Владичина наша Богородица и Секогаш-дева Марија е востановен уште од првите векови на Христијанството. Во една од беседите на светиот Лав Велики, произнесена околу 450 г. по Хр., може да најдеме јасно сведоштво за Успенскиот пост: „Црковните пости во годината се распоредени така што секое време си има пропишано свој особен начин на воздржание. Оттука, на пролет го имаме пролетниот пост – Четириесетницата, на лето – летниот, после Педесетница [Апостолскиот/ Петровденскиот] , на есен – есенскиот, во седмиот месец [Богородичниот], зиме – зимскиот [Божикниот/Рождественски]“.

Св. Симеон Солунски пишува дека „постот во август е востановен во чест на Мајката на Божјото Слово која, узнавајќи за своето претставување, започнала да пости за нас, како и секогаш, оти, бивајќи света и непорочна, таа немала потреба од пост. Така, таа особено се молела за нас, подготвувајќи се да премине од овој во идниот живот, кога нејзината блажена душа требала, преку Божествениот Дух да се соедини со нејзиниот Син. Затоа, и ние сме должни да постиме и да ја воспеваме, да го подражаваме нејзиниот живот, да ја повикуваме да се моли за нас. Некои, впрочем, велат дека овој пост бил востановен поради двата празника, т.е. Преображение и Успение. И јас, исто така, мислам дека е неопходно да си спомнеме за овие две слави – едната, која ни дава освештение, и другата – милост и застапништво“.

Успение на Пресвета Богородица

Конечната потврда за востановување на Успенскиот пост ја имаме од Константинополскиот собор од 1166 г. по Хр., со кој началствувал Патријархот Лука. На овој собор било потврдено дека сите Православни Христијани, согласно со древните устави се должни да го држат Богородичниот пост. Антиохискиот Патријарх Валсамон (12 век) пишува: „Некои се сомневаа за бројот на деновите на Успенскиот пост. Затоа, самиот свјатејши Патријарх потврди дека макар што деновите на овој пост никаде не се писмено запишани, треба да го следиме непишаното црковно Предание и должни сме да постиме од првиот ден во август“ [14 август ст. ст.].

Предание: Последните години од животот на Богомајката

После Страданието, Воскресението и Вознесението Господово, Богородица му била доверена на апостол Јован Богослов; во негово отсуство, Мајката Божја живеела во домот на неговите родители, во близина на Елеонската гора. За апостолите, но и за сите верни, таа била голема утеха и поткрепа. Разговарајќи со нив, Богомајката раскажувала за чудесните настани на Благовештението, бессеменото зачнување и нетленото Рождество Христово, за Неговото детство и живот.

Како и апостолите, и таа ја утврдувала и ширела Црквата Христова преку нејзиното присуство, поуки и молитви. После слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, апостолите се задржиле во Ерусалим околу десет години, грижејќи се за спасението на јудејците, и слушајќи ги Божествените слова на Богомајката. Кон неа притекнувале и новопокрстените членови на Црквата, сакајќи да ги слушнат нејзините зборови.

За нејзината светост се слушало надалеку, а во Преданието постојат и писма кои се припишуваат на св. Игнатиј Богоносец, а се упатени до св. Јован Богослов и во нив се зборува за Богородица: „Многу жени од кај нас сакаат да ја посетат Пречистата Дева, да слушаат од неа за многуте таинства. До нас се прочу за нејзината слава, дека Дева и Мајката Божја е исполнета со благодат и секакви добродетели. (…) Многумина, откако ја виделе, ѝ воздаваат похвала. Безуморно е нејзиното трпение, кога ја исмеваат јудејските учители и фарисеите. За неа ни раскажуваа луѓе достојни за секаква доверба, дека по нејзината светост се гледа дека во неа се соединила ангелската со човечката природа. (…) Ако бидам во можност, ќе дојдам кај тебе за да се видам со сите верни светии, собрани кај тебе, но најмногу сакам да ја видам Мајката Исусова, за која сите говорат со воодушевување, почит и љубов, и сите горат од желба да ја видат. А како и да не сакаат да ја видат Пресветата Богородица, да позборуваат со онаа која Го родила вистинскиот Бог!“

За време на иродовите гонења на младата Црква Христова, Пресвета Дева Марија, заедно со апостол Јован Богослов во 43 г. по Хр. се упатила во Ефес, но ги посетувала и Христијаните во другите градови – таа била и во Антиохија, кај св. Игнатиј Богоносец, на Кипар, кај св. Лазар Четвородневен, и на Света Гора, како што вели св. Стефан Светогорец, при што Мајката Божја пророчки рекла: „Јас ќе бидам застапничка и поборничка за ова место пред Бога“.

Покрај овие сведоштва, до денес се зачувани и делата на св. Амвросиј Медиолански, кој користејќи ги сведоштвата на свештеномачениците Дионисиј Ареопагит и Игнатиј Богоносец, исцрпно пишувал за Мајката Божја. Меѓу другото, во неговите дела читаме:

„Тогаш, животот Мариин нека биде како самата девственост, нека ни истапи како пободобие од кое, како од огледало, се огледува девственоста и добродетелта. Оттука може да земете урнек за животот, кој како пример ги открива јасните правила на добродетелта: што треба да поправите, на што да поработите, и што да задржите. Првото нешто што поттикнува восхит е величината на учителот. Што е поголемо од Мајата Божја? Што е пославно од онаа која Самата Благодат ја избра? Каква поголема девственост од девственоста на онаа која зачна тело без да се допре до туѓо тело? Зошто да говорам за другите нејзини добродетели? Таа беше дева не само телесно, туку и умно, (…), скрушена, длабока во словото, умомудра, немногуглаголива, трудољубива во читањето, која надежта нејзина ја полагаше не на несигурни блага, туку на молитва за бедните, сосредоточена на работа… Оти, доброуредената куќа мора да биде таква во секое нешто, и при влезот треба да покаже дека во себе не крие темнина… Зошто да ја набројувам нејзиното воздржание од храна, нејзината обилност на служби? За неа не постоеја денови на млитавост, туку денови на пост, еден после друг. Па дури и да се појавила желба за укрепување, нејзина храна беше она што ќе ѝ дојдеше до рака, и јадеше само колку да ја избегне смртта, а не да си удоволува. (…) Таква ја посведочи Евангелистот, таква ја најде ангелот, таква ја избра Светиот Дух. (…) Насекаде скромноста ја следи во девстве- носта. Скромноста, без која девственоста не може да постои, мора да биде неразделна придружба на девственоста. И затоа Марија не влегуваше ниту во Храмот без нејзиниот чувар – скромноста.“

продолжува

Извор: „Тавор“ бр. 4