Богородичен пост (2)

"Богородичен пост (2)"

Зошто велиме „Успение на Пресвета Богородица“, а не „умирање“?

Зборот „успение“ означува заспивање, мирен крај, сличен на заспивањето. Црквата вели „Успение на Пресвета Богородица“ затоа што таа „како сон, на кратко заспала, и како од сон, се разбудила“.

Животот на Дева Марија бил чудесен, затоа било чудесно и нејзиното Успение, како што Светата Црква објавува: „Бог на вселената преку Тебе, Царице, покажува чуда кои ги надминуваат законите на природата. И за време на раѓањето од тебе ја зачувал твојата девственост, и во гробот го сочувал од распадливост телото твое“ (Прв канон, шеста песна, прв тропар).

Во Пресвета Дева се победени законите на природата: во раѓањето ја зачувала девственоста, а во Успението со животот се соединила. И по раѓањето е Дева, и по смртта е жива. Таа заспала, за да се разбуди во животот на вечно блаженство.

Трпеза

Успенскиот пост, во поглед на храната е построг од Апостолскиот и Божикниот, но сепак, е поблаг во однос на Великиот. Според монашките правила за постење, од понеделник до петок се пости без масло, со тоа што во понеделник, среда и петок е благословено сувојадење (ксерофагија), а во вторник и четврток е дозволено јадење на варива. Во саботите и неделите е благословено да се употребува масло и вино. Секако, овие правила на постење може да бидат ублажени, но за тоа е пожелно да се зборува со парохискиот свештеник. Трудници, деца, болни и стари лица вообичаено се изземаат од правилата за строго постење, поради околностите во кои се наоѓаат. Уште еднаш е важно да се напомене дека постот не е цел сам за себе, туку само средство. Заедницата со Христа е целта кон која е насочена целата аскеза (оттука, и постот) во Црквата.

Кога зборуваме за телесниот аспект од овој пост, интересно е да се спомене едно обележје кое е карактеристично единствено за овој пост. Имено, јадењето на грозје (а во некои заедници и јаболка) до празникот на Преображението, според Отците, не е благословено. На тој ден, Црквата ги благословува овие плодови, и потоа верните може да вкусат од нив. На славата на Преображението, исто така, е благословена риба на трпезата.

Тука е потребна уште една забелешка: честопати се случува луѓето кои за прв пат постат, да се зафатат со потполно следење на правилата за постење, несразмерно со нивниот духовен раст (ваквиот „подвиг во гордоста“ се случува и со благослов на свештеник). Таквиот пост за нив не е полезен, ниту телесно, ниту духовно. Попрво, тие би требале поблаго да постат, и поголемо внимание да му посветат на духовниот аспект од постењето: да одат почесто на богослужби, да се молат, да читаат книги… И потоа, во следните пости, малку по малку да го засилуваат подвигот на телесен пост, со благослов на парохискиот свештеник и во договор со ближните. А сето тоа за да не се случи човек кој не го знае ниту Символот на верата да си умисли дека се подвизува налик на пустинските отци.

Аксеза

Духовниот аспект на постот е тесно поврзан со телесниот, онака како што душата е соединета со телото, е навлезена во него и го оживува. Како што душата и телото го сочинуваат човекот, така и телесниот и духовниот пост ја сочинуваат основата на целата аскеза, на целиот подвижнички живот. Значи, постејќи телесно, од нас се очекува да постиме и духовно: „Браќа, телесно постејќи да постиме и духовно, одвраќајќи се од врските на неправедноста“, нè охрабрува Црквата. Ако, постејќи телесно, ние се воздржуваме од раскошната, вкусна и слатка храна, тогаш, духовниот пост би подразбирал воздржување од сите страсни, грешни движења на нашата душа кои водат кон уживање и пороци. Телесно се лишуваме од богатата храна, а духовно се откажуваме од гревовите и страстите на кои им робуваме, и се вежбаме во добродетелите кои им се спротивставени.

Ова, можеби најдобро се согледува од следното црковно песнопение: „Ако постиш од храна, душо моја, а од страстите не се очистуваш, попусто се утешуваш со тоа што не јадеш. Ако постот не ти донесе подобрување, душо, тогаш Бог ќе го замрази твојот пост, а ти ќе бидеш како злите демони, кои никогаш не јадат“.