Интервју со Митрополитот сартовски и вољски г. Лонгин (РПЦ-МП)
На 28 ноември започна Божикниот пост. Иако многу се пишува за смислата на постот, сепак многу верници и понатаму имаат прашања. Некои, затоа што за прв пат постат, а други пак, откако стекнале опит во постот, сакаат да разјаснат некои детали.
Владико, дали Божикниот пост е по нешто посебен?
Божикниот пост е долг, но е помалку строг од Велигденскиот: има денови кога во Божикниот пост е благословено да се јаде риба. Инаку, во сè друго тој е ист како и другите повеќедневни постови. Преку него луѓето се подготвуваат за големиот празник на Христовото Раѓање. А во што би можела да со состои оваа подготовка? Во тоа што човекот ќе се потруди да ја исчисти својата совест, да го поправи својот живот, внатрешно и надворешно да се „собере“.
Целта на Божикниот пост, како и на другите пости, е човекот да подзастане во секојдневната трка во животот и да размисли за Бога. Оти, како живееме? Дури и да сме верници, христијани, и да одиме в црква, сепак по малку застрануваме од нашиот пат поради, навидум, оправдани изговори. Црквата знае за тоа и оттука востановила пероди на пост кои му помагаат на човекот да се врати и да тргне по правилниот пат.
Постот е време кога, благодарејќи на воздржанието од определен вид храна, од разонода, од прекумерна врева и лоши дела, се обидуваме во нашата душа да го вратиме правилниот поредок – односно, да ја устремиме кон Бога. Ако сме свесни за оваа цел, и ако неа ја поставиме пред себе, нашиот пост ќе биде корисен. Во тој случај нема да биде толку важно колку строго сме постеле, иако – се разбира, треба да се почитува телесниот пост. И тоа треба да се прави во склад со своето здравје. Како што е речено во древниот Патерник, ние не сме убијци на телото, туку на страстите. Со постот не го убиваме телото, туку страстите. Мислам дека е општо познато дека човекот кој пости, кој внимава врз себе, полесно излегува на крај со своите недостатоци. Затоа велиме дека постот не е само воздржување од храна. Црквата постојано го кажува тоа, но луѓето не секогаш ја слушаат. Вообичаено, луѓето одново и повторно прашуваат за најситните деталчиња од „гастрономскиот“ пост. А, суштината е во тоа дека дури и ништо да не јадеме, ако притоа сме расеани, тој пост нема да има смисла.
Но, времето на Божикниот пост – новогодишно – се чини дека, како никое друго време, влијае на оваа рассеаност. Кај возрасните, таа се пројавува преку заедничките новогодишни забави, одење по гости, а кај децата – утринската забава, елките, новогодишниот распуст… Сето ова остава белег во постот.
Знаете, ова го слушам откако сум во Црквата. И еве што секогаш ме зачудува: кога навидум сосем нормални, воспитани луѓе, ми говорат за предновогодишното време, добивам впечаток дека се подразбира некаква луда распојасаност и баханалии. И секогаш сакам да прашам: „Добро, а како вие ја поминувате Новата година? Зарем навистина одите до ‘губење на свеста’, или пак сте помирни?“ Нема воопшто ништо лошо во тоа да се појде кај некого на гости, да се украси елка за децата. Нема ништо лошо во пристојно поминување на овој празник кој кај нас е веќе традиционален.
Да, ние како христијани сфаќаме дека Новата година е замена, еден вид близнак на празникот на Рождеството, сторен во свеста на советскиот човек [и на македонскиот, заб. на прев.]. Но, празникот е веќе обичај, и не гледам ништо ако луѓето го прославуваат нормално, човечки. Дури и да сте на гости кај вашите роднини, зарем на празничната трпеза не можете да најдете нешто што е благословено за јадење во посно време? Секако дека можете: и салата, и зеленчук, и риба, и морски плодови. Можете да се напиете и чаша вино, шампањ. Ништо лошо нема во сето тоа, ако човек притоа има на ум дека е пост, ако знае зошто пости и што бара од себе.
И не само тоа, туку мислам дека зимското време за одмор кое денес го имаме е големо богатство за верниот народ. Последната недела од Божикниот пост, од 2 јануари, е прилично строга. Неработните денови всушност им овозможуваат на луѓето да одат в црква, да учествуваат на богослужбите, да постат во вистинска смисла на овој збор, а преку тоа и нормално, да се подготват за Божик. Затоа, за ништо не би ја менувал оваа недела пред Божик што разликата во календарите ни помага да ја минеме христијански.
Често може да се чуе следново: руската зима за повеќето луѓе ионака е многу тешка – ладна, мрачна… Треба да се штедат сили за на работа, за домашни работи. А треба и да се пости, почесто да се оди в црква…
Ако човек се однесува кон постот како кон некаква непријатна обврска, како кон товар што би било добро некако да се одбегне, тогаш најдобро би било воопшто и да не размислува да пости. Постот е доброволна жртва што човек ја принесува пред Бога поради промените во својата душа. Ако човек не си постави ваква цел, не треба да пости.
Сè зависи од внатрешната положба на човекот. Мојот прв вистински пост беше во војска, за време на последната година од воениот рок. Купував конзервирани бугарски пастрмки во големи пакувања и за време на целиот Велигденски пост јадев само тоа. Планирав по демобилизацијата да поднесам документи за запишување во семинарија. Многу сакав да постам – и најдов можност тоа да го сторам дури и во војска; ништо не ми сметаше да постам.
Владико, до нас стигнаа неколку прашања за Божикниот пост. Еве едно од нив: „Ако моето семејство не пости, а јас многу сакам да постам, како да постапам? Ирина.“
За вашето семејство треба да готвите јадења што тие ги јадат, а за себе нешто посно. Мојата баба секогаш така правеше. Никој од нејзините ближни не постеше, а таа секогаш. Правеше по нешто за себе додека го приготвуваше ручекот – каша, посна чорбичка. Постеше, а никој за тоа не знаеше. Таа воопшто пред никого не го истакнуваше овој проблем: приготвуваше цели ручеци со месо, доручеци и вечери за своите ближни, а самата си постеше целиот живот. А знам дека и порано имало многу вакви луѓе, кои ова го правеле не сметајќи го за некаков голем подвиг, ниту пак се секирале поради тоа: никого никогаш не прекорувале, а самите си постеле. И тоа било вистински пример, многу поделотворен одошто да се обидувале да „натераат“ некого да пости.
Следното прашање: „Во Црквата сум десет години. За ова време научив да изнаоѓам некакви компромиси, да спремам вкусно посно јадење, дури и во празнична варијанта. Сепак, постот е самоограничување. Дали грешам со тоа што се трудам да приготвам вкусна посна храна за себе и другите?
Подобро е да се одрекнеме од одредени видови храна кои се формално посни, а кон кои чувствуваме пристрасност. Зашто, постот навистина и е самоограничување.
„Некаде прочитав дека подобро е недоволно да се пости, отколку да се пости премногу. Како да го разберам ова?“
Тука се има предвид дека не треба врз себе, од самиот почеток, да се преземаат многу високи подвизи. Да речеме, ако човек го прочита Патерникот или некои други монашки книги, и започне да го почитува оној устав за постот што понекогаш се печати во нашите календари, а кој потекнува токму од овие древни монашки обители, тој започнува да се себеограничува без расудување. Меѓутоа, не смее да се заборави фактот дека денес, во нашиот секојдневен живот, ни оддалеку не се храниме како христијаните од IV-V век, кои живееле во египетската пустина. За нив, постот што го држеле, не се разликувал премногу од нивната обична храна. А ако денешниот човек, од нашата „обична“ разнообразна храна нагло прејде на леб и вода – сешто може да му се случи. Токму во оваа смисла мислам дека изразот ви е правилен. Подобро е да се пости недоволно строго, отколку човек, без да расудува, да се обиде веднаш да скокне до висините што денес ни се помалку достапни.
Следното прашање имав можност да го слушнам многупати: „Немам волева сила да ги држам долгите постови. Штом не јадам месо, станувам злобна и груба. Ниту правило можам да прочитам, ниту пак нешто друго можам да правам како што треба. Што да правам?“
Мислам дека во постот треба да се навлегува постепено. Човек треба да почне да пости во среда и петок, и така да поживее барем една година. Потоа ќе му биде полесно. Потребна е уште и правилна мотивација, говоревме за тоа на самиот почеток. Времето на пост не смее да се гледа како некакво самоизмачување, време кога поради непознати причини човек треба да се лиши од многу убави и потребни ствари.
Постот е самоограничување заради Бога. Меѓутоа, денешниот човек во принцип ја нема таа навика да се ограничува, и тоа е заедничко обележје на сите. Сè помалку луѓе се подготвени да се ограничат во нешто, зашто на сите нам, од раното детство па сè до староста ни се вели дека нашата задача е да приграбиме што е можно повеќе – од животот, од луѓето, од светот што нè окружува, и во ниеден случај да не се ограничуваме ниту себеси, ниту драгите и сакани луѓе. Тоа е погубна идеологија која може да го уништи човештвото: може да се претвориме во група од индивидуи кои само ќе бараат нешто, и не добивајќи го, меѓусебно ќе се уништат. Тоа е страшна особина, и против неа треба да се бориме, треба да ѝ се спротивставиме. Впрочем, постот е многу добро средство за почеток на борбата против оваа појава која денес владее со светот.
На авторот на ова прашање би му советувал да се потруди да се провери на некој начин: „Што можам да сторам? Од што можам да се одречам?“ Ако не заради Бога, ако тоа во моментов е тешко и сложено, тогаш заради другите. И малку по малку да почне да се навикнува на тоа.
Извор: „Тавор“ бр. 8