Како православни христијани, празнувањето на Рождеството Христово – 7 јануари – го започнуваме со подготвителен период. Четириесет дена пред празникот на раѓањето на нашиот Господ влегуваме во периодот на Божикниот пост: да ги очистиме и душите и телата, за правилно да влеземе во великата духовна реалност на Христовото доаѓање и да станеме нејзини учесници. Времето на овој пост не сочинува интензивен литургиски период како што е случајот со Великиот пост; попрво, Божикниот пост има повеќе „аскетска“ отколку „литургиска“ природа. Сепак, периодот на Божикниот пост се одразува во животот на Црквата преку бројни литургиски особености кои го најавуваат празникот што претстои.
Темата на Рождеството кое се приближува за време на овие четириесет дни малку по малку се воведува во богослужбите и Литургијата. Доколку на почетокот на постот, 28 ноември, не е литургиски обележна преку ниту една химна, пет дена подоцна, во навечерието на празникот на Воведението на Богородица во Храмот, го слушаме првото најавување од деветте ирмоси на Божикниот Канон: „Христос се раѓа, славете Го!“
Преку овие зборови нешто се изменува во нашите животи, во самиот воздух што го дишеме, во целосното расположение на Црковниот живот. Како оддалеку, многу далеку, да ги наѕираме првите зраци од најголемата возможна радост – доаѓањето на Бога во Неговиот свет! На тој начин Црквата го објавува Христовото доаѓање, Воплотувањето Божјо, Неговото влегување во светот заради негово спасение.
Потоа, во двете последователни недели кои му претходат на Божик, Црквата си споменува за Праотците и Отците: пророците и светителите од Стариот Завет, кои го приготвија тоа доаѓање, кои самата историја ја претворија во исчекување, очекување на спасението и помирувањето на човештвото со Бога. Конечно, на 2-ри јануари, Црквата го започнува Предпразненството на Рождеството, чија литургиска структура е слична на онаа од Страстната седмица што ѝ претходи на Пасхата – оти, раѓањето на Синот Божји како дете е почетокот на спасителната служба што ќе Го донесе, заради нашето спасение, до конечната жртва на Крстот.
Божикното богослужение на Православната Црква
Протопрезвитер Александар Шмеман