Митрополитски соборен храм „Св. Никола“ – Куманово

Соборниот храм „Свети Никола“ е изграден во 1851 година, на местото кадешто претходно се наоѓала истоимена мала црква, вкопана во земја со девет скалила.. Не е познато од кога датира изградбата на оваа црквичка, меѓутоа се претпоставува дека е многу стара и дека го следи присуството на христијанското население на овој простор. Инаку црквата “Свети Никола” била изградена од познатиот мајстор-градител Андреа Дамјанов од село Папрадиште, Велешко. Црквата е заштитена како споменик на културата.

Знаменитости

Црквата е изградена 1851/52 година на местото каде се наоѓала помала истоимена црква. Црквата е трикорадна монументална градба од т.н. “базиликален” тип, карактеристичен за сакралните објекти на Балканот од 19-ти век. Градена е од камен и тули.

Од северната страна има трем со колонади. Централниот кораб е надвишен со четири слепи куполи. Над северниот, западниот и јужниот дел на црквата се простира галерија каде е сместена збирка од икони. Над западниот крак на галеријата се простира уште една галерија, но со помали димензии. Најстариот фрескоживопис е изведен само во слепите куполи на централниот кораб и потекнува, веројатно од шестата деценија на 19-ти век. Се претпоставува дека автор на фрескописот е Дичо Зограф и неговата тајфа.

Соборен храм „Св. Николај“
Соборен храм „Св. Николај“

Денешните фрески на северниот и јужниот ѕид се од понов период (1969-1972 г.) Иконостасот е репрезентативен и има три реда икони, царски двери во резба и Чесен крст со распетие. На него се наредени икони изработени во различно верме и од различни зографи. Најраните се од 1855 г. од зографот Хаџи-Костадин од Велес, од Дичо Зограф (1856/57 г.), од зографите Вено и Зфир (од 1868/69 г. и 1873 г.) и од Д.А.Папрадишки (1908 г.).

Од црковниот мебел (изработен во 19 век) останал валдичкиот престол во резба од 1892 г. и амвонот поставен на еден од столбовите на северната колонада (веројатно од истите години). Најстарите икони во галеријата на икони потекнуваат од стариот иконостас на црквата во Карпинскиот манастир. Најбројни се иконите на познатиот мијачки зограф Димитар Крстевиќ – Дичо од село Тресонче.