На 11 септември, посебен молебен одобрен од Светиот Синод на Руската Црква беше отслужен во руските цркви, а беа упатени и проповеди посветени на важноста од трезвеното (трезно) живеење. Беше прочитан и апелот од Неговата Светост, Патријархот Кирил. Спортски и културни настани го одбележаа денот, јавува информативната служба на Синодскиот оддел за добротворство.
Во апелот на Патријархот на верните им беше укажано на тоа дека смртта на „еден праведен и свет човек била последица на пијанството Иродово“, на тој начин поврзувајќи го денот на Отсекувањето на чесната глава на славниот Пророк и Претеча Господов, св. Јован Крстител, со овој нововоспоставен Ден на трезноста. Потоа во апелот беа цитирани зборовите на св. апостол Павле: „И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух“ (Ефес. 5, 18).
– Денес, еден значаен број наши современици се обидуваат да побегнат од реалноста со помош на алкохол, дроги, и други нешта кои ја замаглуваат свеста. Некои луѓе веќе страдаат од разорни зависности, а можат да закрепнат од ова и да се ослободат од умната анксиозност и празнина во Светата Црква. Пред нејзините клирици отсекогаш имало поставена една многу тешка задача: да се насочат луѓето на единствениот прав пат, кон нашиот Спасител Исус Христос, преку спротивставување на гревот и искушенијата. Во XIX век во нашите парохии биле организирани заедници за воздржување, во кои членовите давале соодветни завети; а во 1913 год. за прв пат, по одлука на Светиот Синод, се одржал првиот Ден на трезност – се појаснува понатаму во апелот.
Моментално, зависноста од алкохол е еден од поголемите проблеми со кои се соочува руското општество. Постојат околу 200 православни организации кои нудат помош на луѓе – зависници од алкохол. За споредба, во земјата има три пати помалку (63) центри за рехабилитација од зависност од наркотици. Истовремено, повеќе од 100 православни свештеници учествуваат во активностите на парохиските и епархиски програми за воздржување, и самите положиле завет за трезност. Илјадници зависници од алкохол редовно бараат помош во православните цркви и манастири.
Извор: Православие.ру