Детска приказна: Четири свеќи

"Детска приказна: Четири свеќи"

Во црквата во која малиот Петар одеше секоја недела со неговата баба, полека и сјајно гореа четири свеќи. Беше мирно, Литургијата заврши, и речиси сите беа излегле од црквата. Затоа Петар можеше да го слушне разговорот меѓу четирите свеќи.

Првата свеќа рече: „Јас сум свеќа запалена за мир! Но, луѓето не успеваат да ме одржат. Верувам дека не ми преостанува ништо друго, освен да изгорам до крај…“ – и уште не го дорече ова, кога – наеднаш изгасна.

Втората свеќа продолжи да зборува.

– Јас сум запалена за луѓето да имаат вера! Но, за жал, гледам дека само на малкумина им е потребна вера. Сите трчаат по пари и други работи. Како да не сакаат да горам веќе. Затоа, и јас одлучив да не горам.

Истиот момент дувна слабо ветре, и таа се изгасна.

Третата свеќа, натажена поради тоа што првите две изгаснаа, рече:

– Мене ме запалија за да има љубов меѓу луѓето! Но, немам веќе сила да останам запалена. Луѓето не се грижат за љубовта, не сфаќаат колку е таа важна. Дури и ги мразат оние што ги сакаат, и со лошо им враќаат.

И, не чекајќи повеќе, и таа изгасна.

Петар започна да се плаши, затоа што поради згаснувањето на светлината од трите свеќи, во црквата стана помрачно. На глас праша: „Леле, но што правите? Мора да останете запалени, јас се плашам од мракот!“ и започна да плаче.

Тогаш го слушна благиот глас на четвртата свеќа:

– Не плаши се, мило детенце! Не плачи. Додека јас сум запалена, секогаш ќе можеме да ги запалиме другите три свеќи, затоа што… мојот пламен гори за да има НАДЕЖ!

Четири свеќи

Со насолзени очи, Петар ја зеде свеќата на надежта и повторно ги запали другите три свеќи. И одеднаш, темнината ја снема. За никогаш да не се изгасне надежта во нашите срца, секој од на треба да знае, како што и Петар знаеше, дека со надежта треба секогаш одново да ги разгоруваме верата, мирот и љубовта во нашите души.

Извор: „Тавор“ бр. 7