Добротворен проект на Гродненската епархија во Белорусија

"Добротворен проект на Гродненската епархија во Белорусија"

Гродненската епархија на РПЦ-МП започнала нов добротворен божикен проект наречен „Болнички кловнови“, објавува Белоруската информативна агенција. Се работи за заеднички проект меѓу младинскиот и мисионерскиот епархиски оддел насочен кон децата кои се хоспитализирани на подолго време, неподвижни детски пациенти, осамени пациенти и деца-сирачиња. „Би сакале деновите кои овие деца ги минуваат во болниците да бидат порадосни, да им помогнеме да заборават на болката и да го почувствуваат духот на празниците. Покрај ова, имаме можност да поразговараме со овие деца, да ги слушнеме нивните грижи, да ја донесеме светлината на верата во нив“, изјавил презвитер Вјачеслав Гапличник, претседател на младинскиот оддел на Гродненската епархија.

Проектот го спроведува младината од црквата „Преподобномаченик Атанасиј Брестовски“ од Гродно, чии членови цели шест месеци се обучувале за кловнови и жонглери. Во тој период биле изработени костими и помагала, а била развиена и целата програма. Младите луѓе биле обучени од професионален глумец и психолог. Со почетокот на проектот Малиш, Крепиш и нивните пријатели-кловнови секој ден ги посетуваат болниците. Младите верници разговараат со децата, им даваат подароци, организираат игри и натпревари и ги изведуваат своите трикови.

Според отец Вјачеслав, „Ова е благородна служба што ја извршуваат нашите млади членови. Од една страна, тие се радосни, а од друга, сфаќаат дека комуникацијата со овие деца потребува подготовка, импровизација и способност за носење на брзи одлуки. Сепак, тие се полни со ентузијазам, и планираат и во иднина редовно да ги посетуваат болниците во Гродно.“

Во моментов кловновите подготвуваат посебно божикно шоу што ќе се прикаже пред сите болни деца. Кловновите ќе раскажуваат за значењето на Божик, ќе организираат натпревар и ќе поделат пакетчиња на малите пациенти.

Извор: Гродненска епархија, Правмир