Додека има време

"Додека има време"

Човекот кружи во вртлог кој го изигрува, кој го мами, кој го заплеткува така што покрај тоа кружење тој ништо друго не е способен да осознае. Човекот станува роб на тој виор, и не разбира дека виорот има своја, за човекот неразбирлива, цел. А таа цел е да го доведе човекот во состојба во која тој престанува да разбира кој е и зошто постои.

Виорот се нарекува „трчаница“. Како преку инка, виорот го голта времето кое ни е дадено за здобивање на вечноста. Ниту некакви убедувања, ниту совети, ниту молби не можат да го извлечат човекот од овој бесен вртлог. Сето тоа едноставно не успева, затоа што инката кога еднаш ќе почне да нѐ проголтува, влече сѐ подлабоко и подлабоко во пустота, во бездна, која во моментот е незабележлива. Кога бездната ќе ни ја открие сета своја празнотија и безнадежност, тогаш е веќе доцна.

Но милостивиот Господ нема да дозволи вртлогот да нѐ измами до крај. Он уште на земјата ни дава можност да ги вкусиме болните плодови на суетата и прекумерните грижи. Тогаш врз човековата глава почнуваат, како од пандорина кутија, да се истураат проблеми, незадоволства и несреќи. Сѐ се тоа остатоци, отпадоци и урнатини од добрата на тој живот, што ние самите сме дозволиле бесниот виор да ги растера. А тоа е знак дека живееме неправилно, не онака како што треба. Живееме лошо бидејќи го испуштаме од вид она што е главно, она без кое нашиот живот не може да биде добар.

Кога неочекувано и без видливи причини врз човекот почнуваат да се истураат несреќи и неуспеси од сите страни, тогаш тој – сакал или не сакал – си спомнува за Бога и оди во црква. Таму се среќава со свештеникот кој, според својата должност, се труди да разбере дали човекот живее во согласност со законот Божји, дали се труди да ги исполни основните правила на здрав – или ако зборуваме со јазикот на Црквата – целомудрен живот. И на ваквите и слични прашања, како на пример од кога не се исповедал, кога последен пат се причестил, чита ли Евангелие, во најголем број од случаите добива одговор кој застрашува со својата бесмисленост:

– Немам време!

Значи, што е времето од аспект на верата и зошто ни е нам дадено?

Од самото зачнување секој еден од нас веќе го живее вечниот живот. И ниту еден од нас нема право да се откаже од тој живот, или да го прекине. Но во тој човечки живот постои еден малечок интервал, речиси точка на самиот почеток, кратка „писта за полетување“, залет по кој се определува каква ќе биде нашата вечност. Овој краток исечок се нарекува земен живот. Негова најважна карактеристика е времето.

Пистата за полетување е кратка. Но сепак, многу што зависи од тоа каква насока и брзина ќе избере пилотот, од ветрот и од другите услови. Со неколку збора, полетувањето е време на крајна концентрација на вниманието, кратко време од кое зависи што нѐ чека – достигнување на висока цел или страшна катастрофа.
Луѓето велат: „Малку, ама вредно“. Кратко е времето на човековиот живот, но тоа време ни е дадено за да направиме свесен избор за вечноста. Самите си ја избираме иднината. Разликата од земниот залет е само во тоа што „во воздухот“ ќе биде веќе доцна што било да менуваме. Така што, ако „параметрите“ на полетувањето зададени на земјата се покажат грешни, тогаш неизбежно нѐ очекува катастрофа. Ете, таква одговорност лежи врз нас во тоа време на „подготовка за полетување“.

Важно е и тоа, дека човекот не може да си замислува за себеси некаква „посебна“ вечност, туку само да избере од она што реалноста му го нуди. Изборот навистина е неограничен: од крајни висини до зачудувачки бездни. Единствена ѕвезда водилка, единствен светилник во тој океан на вечноста е Бог, Неговата вистина, Неговиот закон, Неговата љубов. Таа апсолутна и совршена Добрина. Што повеќе човек се стреми кон Господа, што повеќе се труди да ја познае вистината и да живи во согласност со неа, толку повеќе неговата душа се преобразува, се осветува, се уподобува на нејзиниот Творец. Тоа не се случува веднаш, туку во текот на целиот земен живот. По упокојувањето се случува само развој во правецот што човекот го избрал – тогаш во вечноста се открива она кон кое човекот се стремел, она кое го барал, за кое дишел и живеел во времето. Со други зборови, времето нам ни е дадено за осветување, за соединување со Бога, и ништо не е поважно од тоа.

Вака човек му одговара на Бога: „Немам време за Тебе!“

Ова се страшни зборови, без оглед дали човекот ги разбира или не. Тие имаат страшни трагични последици за самиот човек, кој се разбира не сака никакви катастрофи, но кој пак, својата претстава за среќата не ја гради врз основите на реалноста, туку врз основите на сопствените заблуди. Целосната потопеност во животните грижи во душата создава неправилна, занесна претстава за среќата, претстава осудена на пропаст, токму затоа што таа не сообразува со реалноста.

Дури и се жалат понекогаш: „Се сеќавам на Бога, верувам во Него, само што немам време за сите тие ритуали… одење во црква, молитви, поклони, пости… И без тоа се може. Бога го имам во душата и тоа е доволно!“

Не, не е доволно.

Добро е и правилно да се верува во Бога, но тоа не е доволно. Еве што вели апостол Јаков: „Верата без дела е мртва“ (Јак. 2:26), а на друго место зборува уште посилно: „И бесовите веруваат и треперат“ (Јак. 2:19). И бесовите на тоа остануваат. Преку верата во Бога нам ни е потребен живот во согласност со Неговиот пример за христијански живот, кој како мозаик од малечки парчиња, се составува од едноставни, но важни работи: изучување на основите на православната вера, читање на Новиот Завет, исполнување на заповедите, молитвата дома и во црква, постот… Сето ова му помага на човекот да го устрои својот живот така што би можел да ја храни и умножува благодатта, растежот во верата, во смирението, во трпението и љубовта.

Понекогаш на човека му се чини дека воопшто земено, тој е добар, и дека тоа е сосема доволно. Но проблемот лежи во тоа што, човек не се споредува со тоа како тој треба да изгледа во Божјите очи, не се споредува со тоа кон што е призван, туку се споредува со крајната пројава на гревот, врз основа според која тој се чини е сосема „нормален“ и „правилен“. Тука е важно да се каже за доброто во неговото обично разбирање за животот и за тоа добро кое служи за изразување на вистинската вера.

Господ на едно место во Евангелието им говори на учениците: „ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во Царството Небесно“ (Мт. 5:20). А фарисеите биле многу педантни во извршување не само на надворешните, туку и на општоприфатените морални норми. Токму во тоа е и проблемот, што таа „човечка“ праведност за пример кој е туѓ, дозволила фарисеите да го распнат Христос. Ако некој тврди дека верува во Бога и дека Бог „му е во душата“, тогаш, се разбира, тој човек треба со сите напори да се стреми да ја узнае волјата Божја и да се погрижи таа волја да ја исполни, колку и да е тоа неудобно, тешко или незгодно.

Ете во што е делото на верата – да се живее во согласност со Бога.

Да се восприеми во сета можна полнота духовниот, морален лик Христов – или според точната определба на Црквата – да се облечеме во Него. Апостол Павле говорел за тоа вака: „Ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов“ (Рим. 8:9). Но за да се облечеме во Христа, за да живееме и постапуваме во подлабока смисла христијански, потребно е кон тоа свесно и настојчиво да се стремиме: да дознаваме повеќе за Христос, за Неговото учење испишано во Евангелието и остварено во Црквата. Црквата е Тело Христово, „столб и тврдина на вистината“. Ако човек ги пренебрегнува опитот и правилата на црковниот живот, не се труди да биде свесен дел на Телото Христово, тогаш тој во никој случај не е христијанин, без оглед на тоа како тој себеси се нарекува.
Главен тренд на нашево време е живеење во своето задоволство, насладување со гревовен живот, стремеж да се избегнат патиштата на маките и тешкотиите. Црквата ни нуди инакво размислување: да не бегаме од маките, посебно од оние сврзани за праведниот живот во светот на беззаконијата, и храбро да ги претрпиме „зашто кој пострадал во телото прекинал во гревот, та останатото време на животот во телото, да не го помине според човечките страсти, туку според Божјата волја“ (1 Пет 4:1-2).

И повторно сѐ се сведува на тоа дека треба да најдеме време за да дознаеме, да читаме, да размислуваме, да прашуваме за таквиот живот и спасителната вера, на која нѐ научил Христос; не само да веруваме, туку во вистинската смисла на тие зборови да живееме христијански, да живееме по заповедите Христови.

Со што да го споредиме духовниот живот? Она што е исклучително важно, е она за кое ние знаеме, она што сакаме да го поседуваме, но кое самото по себе не ни се дава. Можеби можеме тоа да го споредиме со богатство, но не потполно, затоа што богатството во повеќе случаи се здобива по неправеден пат – во однос на благодатта, тоа е незамисливо.

Можеби може духовниот живот да го споредиме со исклучителна умешност во одредена област. Тоа е она што со пари не може да се купи и чие отсуство не може долго да се прикрива. Секоја умешност – во сликање, во музика, во наука и техника – се здобива со љубов кон своето дело и упорен труд, трпеливо стекнување на навики и умножување на искуството.

Она што е особено важно да се разбере е дека достигнувањето на некоја умешност во науката или уметноста е лично дело и никако не влијае на духовниот, вечниот живот на човекот. Човек може да биде и талентиран и усрдно да го развива својот дар, достигнувајќи го врвот. Но може да го занемари тоа и едноставно да појде да работи на градилиште, за да го прехрани своето семејство. Од духовна гледна точка ваквото „закопување на талантот“ тешко дека може да се нарече грев. Токму спротивното, човек ги жртвувал своите интереси, својата земна приврзаност поради семејството, поради ближните.

Но во духовниот живот сѐ е поинаку. Сите ние без исклучок сме повикани да живееме духовен живот и сите сме должни да се потрудиме да го достигнеме Царството Божјо, да ја достигнеме благодатта. Тоа е прашање на живот и смрт, и тоа за животот и смртта во нивната вечна димензија. Никој не може да го отфрли ова прашање, да го пренебрегне овој повик без да претрпи трагични последици. Токму тоа е важно да се има на ум. Залогот на благодатта, која ни е дадена при крштението, која сме должни да ја усвојуваме и умножуваме преку целиот наш добар живот е токму тој талант, чиешто „закопување“ носи со себе најтажни последици за човекот.

Видете, од нас не се бара некаква особена, екстремна жртва. Едноставно треба само да најдеме малку време за да се грижиме за нашата душа, за живиот однос со Бога. Тоа е најскапоцено време, време за здобивање на вечноста! Тоа време мудро искористено, не тоне, не поминува напразно, туку задолжително носи свет и радосен плод.

Во секојдневниот тек на животните дела човек може и треба да диши во вечноста, да живее во сознание за присуството Божјо, постојано да ги проверува своите постапки, зборови и помисли според Божјата вистина. Да се стремиме со сето срце и сета душа кон Бога. Да направиме свесен избор во полза на евангелската вистина.

Никогаш да не велиме дека немаме време за духовен живот! Додека живееме на земјата, имаме време! Прашање е што ни е поважно, на што сме подготвени ова време да го трошиме. Да помниме дека времето ни е дадено за покајание, за промена на животот, да се трудиме таа радосна можност да ја искористиме. Додека има време!

Презвитер Димитриј Шишкин
Извор: „Тавор“ бр. 1