Во една од неговите беседи, возљубени браќа и празникољупци, светиот Пролко, патријархот Константинополски и ученик на свети Јован Златоуст, говори за великиот празник на Богојавлението што денес го празнуваме, велејќи:
Во овој славен ден на нашата вера, Христос Кој е „над секоја чистота“ се крштева во водите Јордански „за да нè ослободи од ропството на непријателот. Денес го славиме откривањето на тајната на неизменливата и неразделна Света Троица, и земјата и морето се радуваат. Денес, кога сиот свет е исполнет со духовна радост, дозволете ми до вашата љубов да упатам едни и молежливи слова позајмени од боговдахновените учења на нашите богоносни отци на Светата Црква.
Прво, зошто Христос, Господарот на сè, беше крстен?, прашува свети Прокло.
И одговара: „Не затоа што имаше потреба од очистување на Неговата душа, туку за да ја домострои, на два начина, ползата за нашите души. Со водите Тој ни дарува очистителна благодат и секој од нас го охрабрува [да пријде] кој тајната на крштението“. Оваа вистина се спомнува и во песнопенијата на нашата Црква, како што пее светиот поет Козма:
„Но преку ова Тој домострои со нашето поколение.“
Тој не беше крстен зашто Му требаше очистување, туку да стане пример за нашето крштевање кое е совршено, а се совршува со вода и Свет Дух.
Оттука, оваа тајна што Тој ни ја препорачува кога вели „оној што поверува и се крсти, ќе биде спасен“, станува порта преку која влегуваме во Тајната на Црквата.
Ова не е световен настан, каков што за жал стана во нашево време, ниту само една церемонија со обележја што ѝ се туѓи на Црквата. Попрво, [крштението е] наш влез во Царството Небесно. Тајна на восиновување. Преку него ние стануваме деца Божји по благодат.
Тоа е „возило кон небото, застапник на Царството, дар на восиновување“, [Тринаесетта беседа, На Светото Крштение] според зборовите на чудесниот кесарејски јерарх, Василиј Велики.
„И врз Тебе слезе Светиот Дух, и за Тебе се чу гласот на Отецот на небесата… дека Ти си Негов Син“, нè уверува катихетот ерусалимски, св. Кирил.
Зошто се отворија небесата, прашува св. Јован Златоуст. За да се поучите дека кога вие се крштевате, се случува истото… Светиот Дух слегува и врз вас, исто така.
„Но преку ова Тој домострои со нашето поколение.“
Црковните отци појаснуваат дека Христос ја поставил водата како основен чинител на крштението, зашто таа е најупотребуваниот и најпознат чинител за очистување.
Оттука, таа го символизира чистењето или очистувањето на душата, како и присуството кое го оплодува семето да даде плод. Без неа, би немало никаков облик на живот. На тој начин нè очистува од древниот грев, и секаков грев, водејќи нè кон нов и плодоносен и свет духовен живот.
Но, како што во дните на Ное Господ „го удави гревот во водите“, а во дните на Мојсеја „преку морето ги избави Евреите од ропството на фараонот“, така и преку вода и Дух Тој ни дарува спасение и ја обновува нашата стара природа од гревот.
Засветли вистинската Светлина, дарувајќи просвештение на сите. Иако Тој е над секаква чистота, Христос се крштева со нас. Ги осветува водите, и станува очистување за нашите души. Она што е видливо е земно, но она што се спознава е наднебесно. Преку измивањето доаѓа спасението, а преку водата доаѓа Духот. Потопувајќи се во водата, кон Господа се вознесуваме. Чудесни се делата Твои, Господи, слава Ти.
За време на Крштението се случува едно таинствено раѓање на поколението на Светиот Дух. Преку енергиите на Светиот Дух, оној којшто се крштева станува ново создание, здобивајќи се со нови сили за еден нов живот.
[Оние што се крштеваат] стануваат живи членови на Телото Христово. „Таква е благодатта на Светата Тајна: преку неа митарите и магите и оние што се полоши од сите и кои сториле ужасни дела, се вбројуваат во числото на децата Божји… И од нечисти, Крштението ги претвора во злато оние кои се крстени во Светиот Дух како во оган.“
Светиот Прокло нè повикува:
Возљубени,
Денешниот голем празник на нашата вера е Богојавление, Епифанија. „Спасителот се јави меѓу луѓето…“. „Се појави денес во светот, и Твојата Светлина, Господи, слезе врз нас“, пее светиот поет. Истовремено, тоа е и повик за нас не само да Го видиме Христа Господа, туку во нашите срца да направиме место за Неговото живо присуство.
Нека Христос живее во нас, според објавата на апостолот: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ [Гал. 2,20]. Ова не била привилегија само на апостолот, туку мора да стане и наша духовна состојба. „Ние не сме окружени од Христа и Светиот Дух како надворешна облека, но нашите срца и мисли се полни со светлина, а нашите лица со благодат“, вели Фотиј Велики.
На овој начин секогаш ќе живееме во мигот на Богојавлението, и ќе повторуваме, истовремено исповедајќи заедно со сета Црква Христова, со ангелите и светителите, дека „ја видовме вистинската Светлина, Го примивме Духот Небесен, ја најдовме верата вистинска, на неразделната Троица ѝ се поклонуваме“.
Покрај моите срдечни и искрени молитви, и љубов кон секој од вас посебно, ја завршувам мојава беседа денес со благословот на апостолот: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога Отецот, и заедницата со Светиот Дух да бидат со сите вас.“ Амин.
Серафим, Митрополит костурски
Извор: „Тавор“ бр. 8