Вистинитото духовно искуство ја открива божествената природа на човекот, додека лажното духовно искуство не ѝ допушта на Божјата благодат да делува во човечкиот живот. Поради тоа вистинитоста на искуството е неопходен услов за духовен живот. Како да го разликуваме ова? Секако, не зборуваме за интелектуална аргументација. Зборовите Господови „Кој не е со Мене, тој е против Мене“ (Мт. 12,30), „Никој не може да им служи на двајца господари“ (Мт. 6,24), „Кој сака да оди по Мене нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст, и по нека тргне по Мене“ (Мк. 8,34) и „Ако вашата праведност не ја надмине онаа на книжниците и фарисеите, нема да влезете во Царството небесно“ (Мт. 5,20) за нас претставуваат апсолутна вистина.
Освен тоа, во Евангелието гледаме како Господ лишува еден од Своите ученици од човечкото право да присуствува на погребот на неговиот татко (види Мт. 8, 22), им претскажува мачеништво и страданија на сите кои Го следат (види Мт. 24), ја разобличува млакоста (види Откровение 3, 16), од нас бара пост и молитва, и совршенството го поставува како цел (види Мт. 17, 21; Ефес. 4, 13; Јак. 1, 4).
Бог е апсолутен, вечен, и Божјата вистина го исполнува човекот, но остава во него и впечаток дека го надминува. Таа е нешто бескрајно, неопфатно. Но, од оние коишто сакаат да Го следат, Бог не бара ништо што ги надминува нивните сили и можности – сето тоа е надополнето од Неговата благодат – туку искрена согласност да Го следат, цврстина на волјата, и доследност во одлуките. Само таквиот човек е способен за живот со Бога, тој може да ги следи Неговите чекори и да ги препознае Неговите траги.
Вистинскиот Христијанин
Во Писмото често гледаме како апостолите, за да ги убедат читателите, се повикуваат на автентичноста на своето лично искуство: „Тоа што од почетокот беше, што чувме, што видовме со своите очи, што согледавме и рацете наши го допреа“ (1 Јн. 1,1), „И оној кој виде, и посведочи, и вистинито е сведоштвото негово“ (Јн. 19, 35). И Самарјаните (види Јн. 4, 42) и свети Јован Крстител (види Јн. 1, 34) исто така прибегнуваат кон непосредноста на своето искуство. Сведочењето на искуството е најубедливиот аргумент во корист на вистинитоста на она што го зборуваме.
Ајде да видиме какво значење има вистинитото искуство во животот на христијанинот. Апостолот Петар е автентичен дури и во својот пад, затоа што е непосреден. Тој бара доказ, и Господ го повикува да појде по водата, но тој покажува маловерие и започнува да тоне (види Мт. 14, 28-29); спонтано исповеда дека од устата Христова излегуваат зборови на животот (види Јн. 6, 68); бара од Бога да ги избегне страданијата; не допушта Господ да му ги измие нозете, а потоа истото воодушевено го прифаќа (види Јн. 13, 5-14); дрско му го отсекува увото на Малх и добива прекор од Господа (види Јн. 18, 10); се одрекнува од Господ и веднаш се кае (види Мк. 14, 72); откако ја чул веста за Воскресението, се сомнева и веднаш трча кон гробот, за и самиот да се увери (види Јн. 20, 3-4) – тој паѓа и станува, греши и се кае, не „глуми“, останува свој, слободен е, дури и кога се однесува во склад со својата човечка природа. Тој греши, но се поправа, тој не е безгрешен – но е реален.
Вистински човек не е оној кој не греши, туку оној кој ги освестува гревовите, ги исповеда и се кае поради нив. И тој не е непосреден само во своите дела, туку и искрен во својата вера.
Верата не е идеологија со која треба да се биде согласен, не е мисла која треба да се прифати, не е чувство, не е морален закон, не е психолошко доживување, не е цел што се постига со човечки труд. Вера – тоа е животот, и вистината, која ја наоѓаме на конкретен начин. Бог ја дарува верата, а верата Го открива Бога.
Тогаш, значи, кој е вистински христијанин? Свети Василиј Велики вели дека тоа се оние коишто живеат „како учениците Христови, кои го подражаваат само она што го гледаат во Него или го слушаат од Него; како свети храмови Божји, исполнети само со она што на Бога Му служи; како деца Божји; како сол на земјата“; и малку понатаму продолжува: „Какво обележје има Христијанинот? Тоа што, како што Христос умрел за човечките гревови, еднаш за секогаш, така и тој е мртов и недостапен за секој грев… ги љуби ближните како што Христос заповеда… секогаш се сеќава на Господа“.
По зборовите на свети Јован Златоуст, „Ако си Христијанин, немаш свој град на земјава. Дури и целата вселена да ја добиеме, ќе останеме како странци и дојденци во неа. Ние сме запишани на небото. Таму е нашиот град“.
Значи, искуството на Христијанинот е вистинито кога го љубиме крстот повеќе од удопствата; кога Царството Божјо го доживуваме како нешто пореално од историските настани; кога во своите неволји се молиме повеќе отколку што расудуваме; кога нашиот брат ни е поблизок од своето „јас“; кога за смртта копнееме повеќе одошто за животот.
Главни обележја на вистинитото христијанско искуство
Да го отвориме првото поглавје од Евангелието по Јован, во кое се говори за повикот кон апостолите Андреј, Филип и Натанаил. Сите тројца го дочекуваат овој повик со воодушевување. Апостолот Андреј извикува: „Го најдовме Месијата“; апостолот Филип брза кон Натанаила и му вели: „Го најдовме Оној за Кого говореше Мојсеј во Законот и Пророците: Исуса, синот Јосифов, од Назарет“ (Јн. 1, 45), а Натанаил Му се обраќа на Господа и Му вели: „Ти си Синот Божји, Ти си Царот Израилев“ (Јн. 1, 49).
Првото главно обележје на вистинитото искуство е свеста за Божјиот повик упатен кон човека, и спонтаниот одговор на него – таков е плодот на незлобивоста на душата. Душата веднаш, непосредно, без долго размислување, без расудување, одговара на Неговиот повик. И Господ му вели на Натанаила: „Еве вистински Јудеец во кого нема лукавство“ (Јн. 1, 47) – нема смут, нема збунетост, неговото срце е полно со чистота и невиност.
Црковната служба на празникот на св. апостол Андреј ни говори дека неговиот спонтан одговор потекнува од „душата која чекаше и копнееше за Неговото доаѓање“. Тоа нѐ доведува до уште две обележја: силна желба до болка за наоѓање на Бога, потреба за Него и – очекување на Господа и Неговото доаѓање.
Таа душевна болка, надеж, сокриен копнеж, Светите Отци ја нарекуваат „ранетост“ на душата. Живот во очекување дека Господ ќе дојде за да ја посети мојата душа, за да го промени, преобрази и обнови мојот живот и мене самиот – сето тоа е обележје на вистинитото христијанско искуство.
Важно е да се напомене дека воодушевувањето на апостолите не било само израз на радост, туку имало и карактер на величенствено исповедање на верата, кое Црквата го негува во своите раце како богатство. Од самиот почеток тие Го исповедале Христа како Бог; но тоа сѐ уште не било сѐ.
Тие го сториле и следниот чекор: ги привлеле луѓето од нивното окружување кон својата вера и брзо ја рашириле таа вест. Апостол Андреј кон Христа го привел својот брат Симон, апостол Филип му се обратил на Натанаил со зборовите: „Дојди и види“. Таа заедница во љубовта Божја, која тече во нас и се излева на нашите ближни, е исто така показател за автентичноста на христијанското искуство.
И да завршиме со уште едно обележје: желбата за мачеништво. Сите апостоли со сопствената крв го запечателите својот повик. Со истата леснотија со којашто врвеле по Господа на земјата, со таа леснотија го дале и својот живот за Него, сакајќи вечно да Го следат и да се соединат со Него во Неговото Царство.
Николај, Митрополит Месогијски и Лавреотикиски
Извор: Тавор бр. 3