По тринаесетгодишен застој, Владата на Р. Грција во четврток (14.11.2013 год.) објави дека може да започне изградбата на првата џамија во Атина.
Според Министерството за интраструктура, транспорт и врски, за изведба на проектот бил избран грчки градежен конзорциум. Претходните пет обиди за наоѓање на компанија која би го реализирала овој проект беа неуспешни; овој пат, изведувачот ќе биде обврзан да ја заврши изградбата во рок од 6 месеци од потпишување на договорот.
Зданието ќе биде изградено на површина од 600m2, и ќе биде без минаре, а трошоците за неговата изградба се проценети на 946 000 евра.
Изградбата на џамија во повеќе наврати наидуваше на пречки. Првично беше најавена за 2000-та година, а потоа за 2004-та, за време на одржувањето на Олимписките игри во Атина. Сепак, Грчката Православна Црква остро се спротивстави на тоа, и изградбата беше одложена.
Поради големиот број на муслимански имигранти, Владата во Грција беше принудена да усвои закон со којшто се гарантираше изградба на џамија во Атина. Во Грција има само уште една џамија, и тоа во Комотини, град во Источна Тракија, кадешто живее турско малцинство.
Извор: Greek Reporter