На 23 април годинава во духовниот центар на Ерменската црква – Ечмијадзин, се одржа церемонијата за канонизација на жртвите на турскиот геноцид врз ерменското население од 1915 година. На стогодишнината од сеќавањето на овој крвав настан од ерменската, но и човечката историја воопшто, милион жртви беа причислени во соборот на мачениците. Воедно, ова е и прва канонизација извршена во Ерменската апостолска црква во последните пет столетија. На богослужението кое траеше околу два часа сослужуваа сите ерменски архиереи од светот, како и многу гости од христијанската екумена, а со него началствуваше Католикос-Патријархот Карекин II.
Точно во 19 часот и 15 минути по локално време се огласија сите камбани и црковни ѕвона во околината, но и во ерменските цркви низ светот, симболички означувајќи ја годината на почетокот на овој ерменски егзодус (1915). Кон биењето на камбаните се придружија и камбаните на Соборната црква на Христа Спасителот во Москва, Нотр-Дамската Катедрала во Париз и Катедралата на св. Патрик во Њујорк. После тоа беше прочитана и Господовата молитва.
За време на овој торжествен и таговно-радосен чин, беа изнесени и светињите што се чуваат во оваа црква: врвот на Светото копје („Гегхард“) со кое Господ Исус Христос бил прободен на Крстот (според Преданието, во Ерменија оваа светиња била донесена од св. ап. Тадеј), десницата на св. Григориј, просветител Ерменски, како и десниците на св. архиѓакон и првомаченик Стефан и св. Хрипсима.
Инаку, Ерменската Црква не шпекулира за бројот на новомачениците, додека историчарите калкулираат со бројка од милион до милион и половина маченици. Сите тие се прославени поради тоа што „нивниот живот го положиле за верата и христијанскиот идентитет“, изјавил епископот Ховаким Манукијан.
На церемонијата беа присутни делегации од над 50 држави, како и од повеќето православни, римо-католички, ориентални и дохалкидонски цркви.
Извор: Ерменска апостолска црква, Седмица.ру, Правмир