Како што претходно беше најавено (кликнете: тука), на 25 мај годинава во црквата на Воскресението Христово (Храмот на Светиот Гроб Господов) ќе се сретнат Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Папата Франциск, за да ја одбележат педесетгодишнината од средбата меѓу Патријахот Атинагора и Папата Павле VI.
Се смета дека на средбата од јануари 1964 година започнала нова ера во односите меѓу Римо-католичката и Православната Црква, и воопшто, меѓу римо-католицизмот и православието. Како што велат од Вселенската Патријаршија, значењето на тој настан е уште поголемо доколку се гледа во контекст на милениумското богословско оттуѓување и недоверба меѓу двете христијански заедници. И двете страни во „дијалогот на љубовта“ и „дијалогот на вистината“ постигнале приближување на ставовите, надминувајќи ја полемичноста и недовербата. Сепак, се нагласува во посебниот веб-портал изработен во чест на оваа средба, има уште многу нешта што треба да се направат, и се очекува патот на приближување да биде долг. На крај, се повторува претходно кажаното од Неговата Сесветост, Патријархот Вартоломеј: нема алтернатива на дијалогот.
Извор: Аpostolicpilgrimage.org