Минатите 5 години приходите на Грчката Црква се намалиле за цели 70%, јавува The Greek Reporter. Верниците сè поретко оставаат прилози, а бројот на црковните треби е намален поради финансиската криза во земјата.
Истовремено, голем број недвижнини кои ѝ припаѓаат на Црквата остануваат неупотребени. Се калкулира со бројка од 60% неискористени недвижнини, а исплатата на дивиденди сопрела уште од 2008 г. Според проценките на Свештениот Синод на Атинската Архиепископија, една четвртина од црковниот имот е слободен. Како пример се наведува шесткатницата во Атина, која во минатото се користела како образовна зграда, а која од 2007 г. е слободна. Конечно, после 10 неуспешни наддавања, истата е откупена од страна на еден синџир на хотели и наскоро ќе биде пренаменета во хотел.
Се проценува дека приходите на Централната црковна финансиска служба се намалени на 9,33 милиони евра во 2012г., односно 7,4 милиони евра во 2013г., за разлика од 10-те милиони евра во 2011 г. Црковниот имот на Грчката Црква вклучува 300 замрзнати имоти, 570 имоти, апартмани и канцелариски простории, 225 илјади ари шумско земјиште, 7 400 ари ораници и 440 земјишта во склоп на урбани зони за планирање.
Извор: The Greek Reporter