Голгота на историјата

"Голгота на историјата"

За кратко време ќе го пееме антифонот што го сакаат многу Христијани, Денес виси на дрво. Во Светото Писмо има два настани во кои Христос го носи Својот Крст. Првиот, кога Го носи Крстот на патот кон Голгота во Ерусалим, и вториот, запишан во Книгата на Откровението. На Неговото Второ пришествие, Исус ќе го носи знакот на победата, а тоа ќе биде Неговиот Крст. Помеѓу овие два настани, Христос виси на Дрвото. Кога Тој ги рашири Неговите раце на Крстот, едната рака ја смести во минатото, а другата во иднината, покривајќи ја сета историја.

Христос не беше распнат само еднаш, туку Неговото распетие го назначи патот на Крстот. На Крстот Исус извика: Се сврши. Во стварноста, во тоа време, полнотата на Божествената Вистина беше откриена. Стариот Завет откри дел од Божјата љубов. Уште поголем дел беше откриен во трите години додека Господ одеше и говореше меѓу луѓето. На Крстот, пак, полнотата на божествената љубов беше откриена: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15,13).

На Крстот, вода и крв истекоа од реброто Христово. А ова значи, започна.

Христос не го зел Својот Крст за да остави трага од некаква лична авантура, или приказна за во историјата. Христос влезе во историјата со цел да ја распне, да ја преврати на правиот пат, откако таа отклони. На Крстот беше откриена Божествената Вистина во сета нејзина слава, и присуството Божјо ја назначи својата мисија.

Бог влезе во историјата за да може со човекот да го сподели создавањето на историјата.

Историјата не е црна судбина, или нешто спротивно на ова, предодредено од Бога за човекот. Ние сме слободни да избереме. Нам ништо не ни е наметнато. Бог нè создал за со Него да ја создадеме историјата. Бог нè создал за да создаваме. Историјата е дијалог меѓу Бога и нас. Христијаните влегуваат во овој дијалог на историјата одговарајќи со „Нека биде“ во име на созданието, според зборовите кои Марија ги изговорила на Благовештението: „Нека ми биде според зборовите твои“ (Лк. 1,38). Ова значи дека човекот на дарот одговара со љубов, а на словото со послушание. Историјата е таинствениот однос меѓу даровите Божји (од почетокот) и одговорот на човекот преку послушание (како продолжение).

Човекот ја гради својата судбина. Бог претходно го прочитал тоа што ќе го напишeме. Божјата Промисла не е судбина, туку благодат. Човекот може слободно да не мисли на Бога, иако Тој е присутен во историјата. Бог ја мрази онаа религија која Го преобразува во идеја, иако Тој сака да биде присутен во историјата. Да се направи Бог отсутен значи да се убие Бог. Сè пред Христа е „вперено“ кон Него и сè што дошло по Него е Негово продолжение. Присуството Божјо во историјата е настан забележан од христијаните.

Христовото распнување не е приказна, ниту слика. Распнатиот повикува кого и да посака. Христос беше ранет на Крстот, но водата и крвта што истекоа од Неговата чиста плот ранија многумина. Самиот Тој објави дека бивајќи издигнат (распнат), со Него ќе издигне (сораспне) многумина.

Крстот повикува слободно. Неговиот повик се заснова на нашето бивање вистински ранети од Божјата Љубов. Златоустиот вели: „Добриот војник, гледајќи дека неговиот господар е ранет, се бори поостро“.

Иднината е одговорност, а не судбина. Идината е страна од нас напишана. И христијанинот ја пишува одново, со новото пенкало, Крстот. Историјата не е [однапред] запишана. Христос однапред ги предупредил Неговите ученици за Неговото страдание, и Тој знаел кој ќе Го предаде, но им се обратил со зборовите Тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде (Мт. 26,24). Исус знаел дека Јуда ќе Го предаде, но не го посакувал тоа. Се обидел да внимава на него, за да го одврати од предавството.

Историјата се образува и оформува од рацете Божји и човечки. Ако човек се одрече од Бога и се оддалечи од Него во неговиот живот, ова не значи дека Бог е неприсутен. Да, Синот Човечки дојде за да биде распнат и тешко му на оној човек кој нема да земе удел во Неговата Слава.

Историјата ќе нè подели на кози и овци, на разбојникот од левата или десната страна, зависно од тоа како градиме. Твојот Крст, Господи, се покажа како терезија на правдата меѓу двата разбојника: едниот појде удолу поради хула, а другиот се издигна, исповедувајќи ја Твојата вистина.

Крстот беше засаден во длабочините на земјата, на Голгота, за да ја распне историјата. Исус воскресна за и нас да нè воскресне, и од раните Негови и ние бевме ранети. Тој направи почеток, за ние да продолжиме. Ни ја откри вистината, за да ја познаеме Неговата служба. Со Крстот Негов Христос го отвори Царството, за преку Крстот Негов ние да го изградиме Царството. Затоа правиме литија со Крстот и го созерцуваме. Крстот е наша служба и пат.

На страдањето Твое, Христе, му се поклонуваме.

Амин.

Павле, Митрополит Алепски

Автор на оваа беседа е Митрополитот-исповедник Павле Алепски од Антиохиската Патријаршија, истакнат богослов и пастир. Киднапиран е на 22 април 2013 година, и оттогаш нема потврдена информација во врска со неговиот живот.

Извор: „Тавор“ бр. 6