Грчката Црква со одлука за забрана за служење погреб на лица кои одлучиле да бидат кремирани

"Грчката Црква со одлука за забрана за служење погреб на лица кои одлучиле да бидат кремирани"

Грчката православна црква кон крајот на октомври годинава објави дека нема да даде благослов за служење на погреб за лица кои одлучиле да бидат кремирани, објаснувајќи дека кремирањето е форма на непочитување на човечкото тело: „Спалувањето на телото не е во склад со преданието и делата на Црквата, гледано богословски и антрополошки“, се вели во официјалната изјава на Црквата во Грција, во која се додава: „Црквата не го прифаќа спалувањето на телото затоа што телото е храм на Светиот Дух. Секој кој планира да биде кремиран го потврдува неговото отпадништво од Црквата, и оттука нема право врз него да биде извршен црковен обред.“

И покрај тоа што кремирањето во Грција е легално од 2006 година, во земјата сè уште нема крематориум. Црквата остро го критикуваше носењето на овој закон, потенцирајќи дека истиот е „нихилистички“, води кон „забрана на религиите“ и „недостиг на почит за човечкото тело.“ Властите во Грција постојано го одложуваат носењето на указ за изградба на крематориум, иако, во поново време, градоначалниците на Атина и Солун повикуваат на истото.

Извор: Француска новинска агенција (AFP)