Грчкиот Министер за правда, г. Харалампиј Атанасиу изјавил дека никогаш нема да ја поддржи идејата за истополови бракови во неговата земја, потенцирајќи дека тие се закана за општеството и традициjата. „Не дискутирам на оваа тема, не можам да го сфатам ова“, изјавил грчкиот конзервативен политичар за телевизијата „Мега“. „Исто така, Конвенцијата за човекови права го забранува ова. Кога во неа се говори за бракот, се говори за брак меѓу еден маж и една жена. Ние сме земја што ги почитува традициите, ја почитува човечката природа, и невозможно е оваа Влада и ова министерство да одобри ваков брак.“
Грција се соочува со санкции од Европскиот суд за човекови права поради ускратувањето на овие права на хомосексуалните двојки. Сепак, во јули годинава Судот одбил да ги наметне истополовите бракови во земјите од ЕУ, објаснувајќи дека истополовиот брак не е човеково право.
Според Министерот Атанасиу, дури и дозволувањето на хомосексуалните парови да склучат граѓанско партнерство е предизвик за традиционалната семејна структура: „Опасно е само да се зборува за граѓанските партнерства. Оваа материја воопшто не е лесна. Проблемот е во последиците од ваквиот чекор… дали ќе одиме дотаму што ќе им дозволиме да посвојуваат деца?“
Минатиот месец Финска стана 21-ва европска земја која ги дозволи истополовите бракови. И додека Данска е првата земја во светот што во 1989 година ги легализираше истополовите граѓански партнерства, Холандија стана првата земја што дозволи истополов брак во 2001 година. Оттогаш, Белгија, Шпанија, Норвешка, Шведска, Португалија, Исланд, Данска, Франција, Обединетото Кралство и Луксембург го дозволија истото.
Сепак, овој факт нема да влијае врз одлуката на Грција, дециден е Атанасиу: „Нашата држава има цврст систем. На нештата гледаме од верски, политички и социјален аспект. Министерството за правда нема да потклекне под ничиј притисок, и прашањето го разгледува смирено и умерено.“
Извор: The Christian post