Неговата Светост, Католикос – Патријарх на Грузија Илија повика на зближување меѓу неговата земја и Русија. Во интервју дадено за дневниот весник „Руска Газета“, тој изјавил: „Имам голема почит кон Русија, се молам за Русија. Видете, верата е основа на сè. Русија и Грузија имаат иста вера, но се разделија. Тажен сум поради ова. Многу е важно нашите земји да го обноват дијалогот.“
– Што значи Русија за мене, денес? Она што отсекогаш значела. Русија е земја која го бара својот пат. Токму во Русија јас стекнав богословско образование – јас сум дипломец на Московската богословска семинарија и академија. Таму беше обликуван мојот светоглед и мојот духовен карактер – продолжил Патријархот, дополнувајќи: – Политичарите се обидуваат да ги разделат нашите народи, но, фала Му на Бога, не успеваат во тоа. Сигурен сум дека нашите народи ќе имаат сила и мудрост да застанат и да се погледнат едни со други. Не треба да трагаме по заеднички нешта – тие се очигледни. Не треба да продолжуваме со оддалечувањето, туку треба да побараме прошка едни од други, за донесеме заклучоци и да почнеме да зборуваме.
Извор: Интерфакс