Закажан Вториот Самит на Халки посветен на богословието, екологијата и Словото

"Закажан Вториот Самит на Халки посветен на богословието, екологијата и Словото"

Вториот Самит на Халки претставува собир на активисти, научници, новинари, деловни луѓе, богослови и академици кои се занимаваат и разговараат за прашањето за глобалната животна средина да го постават на ново и повозвишено место. Во сржта на дискусијата стои мислењето дека никаков напор нема да биде успешен без фундаменталната примена на христијанските вредности пројавени во етиката, духовноста и религијата.

Во јуни годинава Вселенската Патријаршија го организира Вториот Самит на Халки, во соработка со Универзитетот Јужен Нов Хемпшир. На Самитот ќе се соберат пионери и експерти од целиот свет кои ќе разговараат на тема: „Богословие, екологија и Слово: разговор за животната средина, книжевноста и уметноста.“ Според организаторите на Самитот, секое залагање за подобрување на состојбата на животната средина и природните ресурси изискува најпрво промена во вредностите и верувањата на луѓето, како би било возможно гледање и решавање на проблемот од духовен аспект.

Претходниот Самит на Халки се одржал во јуни 2012 година, и се занимавал со темата: „Глобалната одговорност и одржливоста на животната средина“. На него биле присутни звучни имиња од светската јавност, како Џејн Гудол, Бил МекКибен, Џејмс Хансен и Амори Ловинс. Годинава, се очекува на Самитот да говорат Тери Темпест Вилијамс, проф. Тимоти Горинџ, д-р Раџ Пател, Џејмс Балог и Пергамскиот Митрополит Јован Зизилуас, кој воедно е и најугледниот православен заговорник на прашањата од еко-сферата.

Извор: Вселенска Патријаршија