Хиротонија на Архимандрит Григориј за Епископ Сарандопорски и Интронизација за Митрополит

"Хиротонија на Архимандрит Григориј за Епископ Сарандопорски и Интронизација за Митрополит"

На 26.07.2020 година, денот кога го прославуваме Соборот на светиот архангел Гаврил и преподобна Сара Египетска, во соборниот храм „Св. Никола“ во Куманово, на светата архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ – ОА и многубројно монаштво и свештенство од Македонија, беше ракоположен новоизбраниот Епископ Сарандопорски Григориј (Настески). Со одлука на САС на МПЦ – ОА Епископ Григориј беше востоличен за Митрополит на Кумановско – осоговската епархија.

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополит г. Григориј.

Предвечниот Бог Кој вовел сѐ од небитие во битие, кому Му служи неброен ангелски собор, а на чие славословие денеска и ние празнувајќи се придружуваме, сепак благоволил токму од човек да прима логосен, литургиски принос. Затоа, восхитени од Божјата љубов, преку зборовите на псалмопеачот се прашуваме: Што е човекот, та го паметиш (Пс 8, 5), или синот човечки, та внимаваш на него (Пс 143, 3)!?
Таа сила на верата во Бога, нè поткрепува во таинството на животот да се движиме смирено, осознавајќи дека нашето постоење нема основа самото во себе, дека не сме плод на природна случајност, туку дека човекот е потенцијална личност или секвенцијален примерок, чија вредност не е однапред одредена. Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење ‒ добродетелен или злодејствителен.
Епископскиот чин што денеска преку вас го примам, го разбирам како служење, што во себе ги обединува и најголемата чест и свеста за сопственaтa немоќ. Има ли поголема чест и подобро „дело“ (1 Тим 3, 1) од тоа, да се служи на главната цел на Божјиот домострој ‒ спасението на луѓето, кои Божјата Промисла денес ги доверува на мојата грижа на моето тајноводство.
Затоа, мојот живот и надеж ги доверувам на човекољубивиот Господ Христос, и се молам Неговата благодат, што Тој ја испраќа во Таинството на хиротонијата, да дејствува во мене (Еф 3, 20), исцелувајќи ги моите слабости, дополнувајќи ги моите недостатоци (2 Кор 12, 9).

Возљубени мои браќа и сестри во Христа Бога,

Ви благодарам што ме удостоивте со вашиот одговор: „Достоен“. Без тоа одобрување од литургискиот народен собор, преемството на хиротонијата е недоволно за дејствителноста на архијерејскиот чин, зашто епископскиот чин ги обединува едниот и многуте во заедницата на Светиот Дух.

Не постои служење на епископот, без сослужување на целиот народ, и не постои служење на народот, без сослужувањето на народот кон епископот. Епископот не може да биде на чело на Литургискиот собор, без сослужување на неговите учесници, бидејќи тој служи во нивно име. Ако од поимот Црква отпадне неговиот суштински елемент ‒ соборот, тогаш, фактички, без учеството на народот во Литургијата, нема собор, туку постојат само сакрални чинови што ги извршуваат само посветените. Богослужењето само на клирот, а без учество на народот, претставува профанизација или деконсекрација, односно обесветување на Литургијата.

Господ наш Исус Христос на секое поколение му дава наследници на Светите апостоли; епископи кои ќе го поучуваат и ќе го водат своето духовно стадо по спасителниот пат. Сега, кога стапувам на патот на епископското служење ‒ управувајќи и споделувајќи Го Словото на Вистината, го примам под омофорот секој конкретен христијанин од нашата богочувана епархија. Доаѓам со желба да им служам на сите, непрестајно себе да се принесувам на другите како дар, никогаш да не го барам своето, туку секогаш, заради Христа, да делувам за добробит на ближниот.

Ве повикувам, браќа и сестри, заеднички да Го следиме Господ Исус Христос, Кој е Патот, Вистината и Животот (Јн 14, 6). Тој е Пастироначалникот во Кого е нашиот епископски авторитет. Поддржувајте го нашето авторитетно пастирствување со целиот ваш христијански живот во прегратките на МПЦ‒ОА, која е нашата духовна мајка, а јас срдечно ќе се раководам од зборовите на свети апостол Петар, кој советува, епископот да ги надгледува своите духовни чеда не присилно, туку драговолно и според Бога, и само така ќе биде пример за следење (1 Пт 5, 2‒5).

Секоја локална Црква, под раководството на својот епископ, кој извршува Божествена Литургија, ја има полнотата на Црквата. Македонскиот народ ја живее полнотата на христијанскиот живот. МПЦ‒ОА е пример на здраворастечко тело, кое своите членови ги развива во богоподражавачко единство со сите останати (православни) народи.

Православниот црковен живот, пред сè, е литургиски живот. Литургијата е центарот на православната побожност. Затоа, браќа и сестри во Христа Бога, што почесто заеднички да Му благодариме на Бога на Света Литургија, заеднички да ја откриваме нејзината мистагогија, учествувајќи и причестувајќи се, да стекнеме спасение.

Во современата духовна дезориентираност што владее во светот, не е мала грижата што ни претстои. Потребно е за луѓето да се создаваат можности, тие да се сретнат со едниот вистински Бог Троица, и во својот живот да Го познаат Воплотениот Син Божји, Господ наш Исус Христос.

Постојаното развивање копнеж кај народот за црпење „жива вода“, животни енергии од чистиот извор на Божјата благодат ‒ од Православната Црква, е целта кон која го упатувам моето делување како епископ, и на која го посветувам целиот мој живот. За таа света цел на црковната мисија, ќе вложуваме многу молитви и напори, ќе ги користиме сите благословени средства и современи технологии.

Секогаш искрено ќе бидам спремен за дијалог со сите добронамерни луѓе. А дијалогот и помирувањето ќе бидат начело преку коишто ќе настојувам во пракса да ги применувам, бидејќи верувам дека тие се вредности коишто извираат од самата срж на Евангелието Христово. Меѓутоа, не таков дијалог и помирување што би бил базиран врз основа на обединување на христијанските апологетски системи, со употреба на разумот како суштинско својство, туку врз основа на опитно усогласување од општото кон поединечното откровение на Вистината.

Возљубени во Господа,

Свесни сме дека принципот на секуларност сè повеќе станува клучна детерминанта во животот и во односите меѓу Црквата и државата, и го цениме религиозниот плурализам, но не смееме да дозволиме да се заборава или да се потценува историската вистина за примарното место и важност на националното, културното и духовното наследство ‒ чувано, збогатувано и пренесувано од православната Црква во Македонија. Вредностите што сме ги наследиле со православното Предание не се само културни споменици од духовното минато, туку се залог и гарант за иднината на православниот народ а, со него и на нашата држава.

Нашиот молитвен и делотворен ангажман за промовирање на христијанските вредности е духовна борба за утврдување на живоносните темели на општеството, без коишто тоа, не само што ќе нема напредок, туку ќе му биде загрозен и опстанокот. Конечно, зборуваме за вредности коишто се зраци од Христовата вечна светлина, која го просветува секој човек кој доаѓа во светот, а не за изопачени вредности коишто денес јавно или подмолно се лиферуваат. Ако нешто се прогласува како вредност, неговата аксиолошка содржина, ќе биде нараздвојна од Богочовечката Личност на Господ Исус Христос.

Христијанскиот идентитет на личноста е сеопфатен. Тоа значи, дека христијанинот не може да биде верник само приватно. Христоносни сме во секое време и на секое место. Не постојат официјални околности во кои би биле принудени да настапуваме независно или спротивно од нашиот христијански светоглед. Обратно, државните регулативи го гарантираат и почитуваат христијанскиот интегритет на личноста. Во тој правец, од државната власт очекуваме неселективно да се грижи, никој да не биде вознемируван од агресивно религиозно или идеолошко изразување од ничија страна.

Мораме да истакнеме, дека ние не учествуваме во креирањето на наставните програми, но ќе внимаваме на образовните процеси во школството. Наша должност е да се грижиме за образот Божји во детските и младите души, тој да не биде повреден од никакви антихристијански содржини. Сè уште експлицитно не постои атеистичка наука, бидејќи како воопшто може да се негира нешто што постои, туку тоа што му се понудува на современиот човек е апатеизам. Апатеизмот има тенденција да биде применет и во образовните процеси. Апатеистичките процеси, пак, развиваат методи на секуларна наука, коишто светот и човечкото постоење го објективизираат во технократските и хедонистичките начини на посотење. Апатеизмот има цел неприсилно да го поттикнe човекот да се оддалечи од Бога, тврдејќи дека е неважно Неговото постоење, односно е бескорисно и беспотребно, зашто, како што учат, на овој степен на рационален развој, човекот не може да Го спознае, и заради тоа, не треба Бог да биде предмет на човечкото истражување; и затоа определени теории, во образовните процеси, коишто не се од егзактните науки, не може да се наметнуваат како исклучива вистина, туку само како поединечни теории помеѓу повеќето други слични или сосема различни. Оттука, мора да се знае, дека ќе го протежираме начелото „нетолерантност кон нетолератноста“.

Навистина, во услови кога и овој град и нашата држава Македонија не се хомогени од религиски аспект, во овој национално‒религиски mixtum compositum, не е лесно да се тврди или да се согласиме, дека некои теоретски постулати што произлегуваат од различни светогледи ‒ се вистинити, а други – лажни. Во секуларното општество доминира релативизмот којшто ги негира апсолутните вредности. Иако се чини дека тој ја обезбедува меѓурелигиската толеранција, во теолошки контекст, релативизмот е целосно негирање на постоењето на Бог во монотеистичка смисла, и отфрлање на Божјиот приоритет во нашиот живот. Таквиот редукционизам е неприфатлив, не само за нас христијаните, туку и воопшто за секој религиозен човек. Не може православниот човек, преку метод на поединечни откажувања од догматските постулати, да се доведе до општо откажување ‒ преку бесконечна регресија од самите негови постулати, којашто ќе го доведе во состојба на засекогаш и бесконечно богоотуѓен, бидејќи православниот човек има совршено спознание на стварите, и знае да го чита светот. Ако верата се сведе на такви, осиромашени тврдења за суштинското, таа ја губи својата концептуална длабочина, па и својата човечка вредност.

Ние исповедаме, дека има само една доследна област на вистината, достојна за името Вистина; и таа се наоѓа во Словото Кое стана Тело, во Синот Божји, Кој стана Син Човечки ‒ Господ наш Исус Христос. Се разбира, никого не принудуваме да ја прифати оваа христоцентрична, сеопфатна Вистина, за Самата таа да остане Вистина. Христијанската толеранција ја изразуваме, така што со Христовата љубов, во секого го пронаоѓаме образот Божји. Човекот како особен носител на образот на личносниот Бог се остварува преку слободното чувство за меѓусебното единство на човечкиот род. На секој човек му пристапуваме во сета негова различност, и се радуваме, ако сме сопатници на Патот или пак, во мир се разминуваме. Сепак, различните сфери во граѓанскиот живот нѐ упатуваат едни кон други за разновидна соработка, независно од нашите религиозни убедувања. Затоа, како во минатото, така и во иднина, со сите претставници на верските заедници, со релевантните општински фактори и државни институции ‒ секој во својот домен и со својот специфичен придонес ‒ ќе продолжиме да работиме за општата благосостојба на граѓаните.

Денеска од МПЦ‒ОА, пред сè, добив одговорност. Одговорноста за моето епископство е категоричкиот императив, целосно поврзан со Одлуката од III Црковно народен собор, којашто е содржана во Преамбулата на Уставот на МПЦ‒ОА. Преамбулата е lex generalis; општо правно начело, коешто, освен што ги регулира границите на слобода при уредување на посебните прописи, исто така, ги ограничува органите на МПЦ‒ОА, но и поеднинците, од историска и од уставно‒правна тематика. Одлуката од III Црковно народен собор не е обична декларација, бидејќи таа има правна сила, исто како и сите останати одредби од Уставот на МПЦ‒ОА. Одредбите во Преамбулата на Уставот не се апстрактни, туку содржат конкретни или експлицитни норми за историско‒правниот развој на автокефалноста на МПЦ‒ОА. Самите одредби продуцираат обврски кон сите законодавни и управни органи на МПЦ‒ОА ‒ да ги застапуваат и да ги штитат нејзините автокефални интереси. Преамбулата е правен основ или врховен пропис од којшто произлегува егзистенцијата на МПЦ‒ОА, и оттука, таа е неизменлив правен пропис. Одредбите од Преамбулата ги прогласуваат целите, ги утврдуваат мотивите, и на свечен начин, го востановува историско‒канонско „верују“ на МПЦ‒ОА, каде што е посебно изразена волјата на клирот и народот. Оттука, за нас Преамбулата е надуставна норма којашто секогаш има важност, и има полноправна сила. Таа е ius cogens или перемпторна норма, неизменлива норма од којашто не е дозволено отстапување. Ќе настојуваме да се санкционираат сите вонинституционални и противуставни дејствија, што се однесува до неуставното постапување, при кршење на одредбите од Преамбулата, без разлика од каде доаѓаат.

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, браќа и сестри во Христа Бога,

Денес повеќе од било кога чувствувам дека мојот сегашен и иден живот не ми припаѓа само мене, туку на Бог Животодарителот.
За мојот развој како личност, благодарен сум на митрополитот Јосиф. Неговото пастирство најголем израз доживува како служење на другите. Неговата лидерска моќ е трансформациска, се манифестира во давање, во помагање на луѓето. Личноста на митрополитот Јосиф има единствена карактеристика ‒ сите ги инспирира и ги мотивира да го постигнат својот целосен духовен и егзистенцијален потенцијал. Уште од самиот почеток, митрополитот Јосиф се покажа ‒ нè само како добар учител кон мене, туку и како практичен демонстратор на знаење, оној што инспирира развој кај другиот. Затоа, ја изразувам мојата длабока почит и благодарност кон Високопреосвештениот митрополит Јосиф, кој минативе години пројавуваше татковска грижа кон мене и кон сите кои беа под неговиот омофор. По Божја волја влегувам во неговиот труд (Јн 4, 38), и продолжувам онаму до каде што стигна тој со неговите саможртвени заложби.

Сепак, мојата особена благодарност е кон Неговото Блаженство, Архиепископот наш Стефан, нашата светост, со кого поминавме драгоцено време и стекнавме драгоцено искуство. Тој е нашиот кормилар, кој постојано се обидува да ги минимизира: фрустрираните преференции, манипулирањето со уставно‒канонскиот систем на МПЦ‒ОА, опструкциите кон промените, бидејќи на многумина промените не им носат лична корист и задоволство. Неговите заложби да обезбеди постојана благосостојба на МПЦ‒ОА и на сите верни, е проследена со многу неосновани осуди и понижувања. Ваше Блаженство, секогаш ќе ја имате поддршката за развојот на МПЦ‒ОА.
Секако, сакам да искажам и благодарност кон моите родители, кои ми ја пренесоа љубовта кон науката, кои ме воспитаа постојано да бидам трезвен при испитувањето на трајните вредности. Моите родители ме воспитаа и ми ја дадоа основата ‒ да се држам кон доброто, лошто да не го прифаќам. Основата што родителите ја вградија во мене, ми ги определи знаците покрај патот, ја определија мојата вистинска смисла на животот.
А моето најголемо благодарам е за молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, за закрилата на светите небески, бестелесни сили. По молитвите на свети Николај Мирликијскиот Чудотворец, свети Климент Охридски, свети Јоаким Осоговски, свети Григориј Палама и на сите свети, Господ нека ми биде помошник и покровител на патот на новото служење.

Амин!

Беседа на Архиепископот г. г. Стефан.

† Стефан, Митрополит Скопски,
Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва

ПРОДЛАБОЧИ ЈА ЗАОРАНАТА БРАЗДА

Преосветен владико,
Денес, кога го чествуваме празникот на светиот архангел Гаврил, одбележувајќи го соборот на донесителот на радосните вести за човечкиот род и за светот, еве, со денешниов чин, по Божјата милост, се случи радосна вест за верниот народ на Кумановско-осоговската епархија и за целата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Имено, по молбеното барање на Митрополитот Јосиф, кој, од здравствени причини, побара да биде ослободен од митрополитската должност, со изборот, а еве, и со хиротонијата за епископ на архимандритот Григориј, се дава можност, како некогаш светите Браќа од Солун , да продолжи и да се продлабочи, од него, веќе заораната бразда.
Вие двајцата сте подолго време заедно: заедно во воцрковувањето, заедно во изборот на монашкиот позив, заедно како монаси во манастирите, и во струмичкото Ново Село и во струшкото Калишта, па заедно продолживте во Кумановско-осоговската епархија: едниот како архијереј, а другиот како игумен на Осоговскиот манастир. А, еве, со Божја помош, и понатаму ќе продолжите заедно!
Светиот апостол Павле вели: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа . Но, колку што епископското служење е добро, колку што е големо, толку е – и тешко! Големо е зашто епископите се продолжители на големото апостолско дело, зашто преку добиената благодат, како што порачува светиот апостол Лука, им се дава можност да ја шират радосната вест, да лекуваат скрушени срца, да проповедаат ослободување на заробените, прогледување на ослепените и утешување на напатените . Или, како што светителот, чие име го носиш, му советува на кандидатот при една прилика како денешнава: „изгубеното – најди го, протераното – врати го, ранетото – преврзи го и болното – укрепи го“ .
Големо е епископското служење зашто епископот е повикан да го благовести Евангелието, да ја проповеда љубовта Христова и да Го следи и да живее по Христа. Епископот, со сите свои постапки – и со зборот и со делата, потребно е да ги сведочи смислата, оправданоста и целта на Христовото доаѓање, на Неговото страдање и на Неговото славно воскресение. Во таа смисла и светите отци, учесници на Петтошестиот – Трулски собор, покрај другото, порачале: „Претстојателите на Црквите (односно епископите), треба секој ден, а особено во деновите Господови, да го учат сиот клир и народ на зборовите на благочестието, избирајќи од Божественото Писмо и мисли и судови на Вистината и да не ги престапуваат веќе востановените одлуки или преданието на Богоносните Отци“ .
Епископското служење е големо, но е – и тешко! Нам, во Македонската Православна Црква, поради сѐ уште нерешениот статус на нашата Света Црква, епископското служење од тешко ни е – уште потешко! Но, владико, знај го и ова: „Ако е тешко да бидеш под власт, многу потешко е да началствуваш“ , советува свети Григориј Богослов, и колку си поголем, толку повеќе биди понизен, за да најдеш милост во Господа . Па, нема поголема одговорност од онаа – пред Бога да одговараш за доверените души! А за тоа потребни се и богољубие и човекољубие, и трпение и смирение, и мудрост и разумност, и кротост и добродушност, и оддаденост и постојаност: и во верата, и во надежта и во љубовта. И, ако епископот го красат такви доблести и добродетели, тој, како што вели светиот апостол Петар, и ќе ги зајакне своите позив и избор, и, ако тоа го исполнува – никогаш нема да погреши !
Исто така, епископот никогаш не треба да заборави дека Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат , како и тоа дека е потребно благовремено да осознава и да испитува што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено . Всушност, како што, повторно, советува светиот Григориј Богослов: „Да го управуваш човекот (односно луѓето), …е искуство над искуствата и наука над науките“ .
Како новоизбран и хиротонисан, а од денес и востоличен архијереј, труди се да го ползуваш времето , проповедај го словото, …направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро! Како што советува и еден современ архијереј: „Проповедта на Црквата, значи на Евангелието Христово, е покајание и враќање на луѓето при Бога. Какви и да се времињата и потребите, кои ги притискаат луѓето, проповедта на Црквата секогаш е проповед на покајанието и на враќањето при Бога“ . Па затоа, со сѐ што ќе говориш и ќе работиш, посведочувај дека Црквата е изградена и се гради – и со жртва и со љубов, и дека секој архијереј и секој свештенослужител се должни постојано да искажуваат благодарност со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и со страв . Исто така, откако денес ја прими епископската благодат, постојано внимавај на себе, биди буден и чувај се од сите искушенија, зашто преку сите, но најмногу преку епископот ја гледаат и верата наша и Црквата наша православна.
Како епископ, постапувај така, за во сѐ да се препознае и Христос во твоите дела: и во молитвата, и во словата, и во однесувањето кон другите. Секое твое дело нека биде од љубов и со љубов , и во сѐ претстави се сам како образец за добри дела, покажувајќи чистота во учењето, …чесност; советувај и изобличувај со полна власт , посветувајќи се целосно на молитвата и на службата на словото .
Никогаш и никаде не заборавај дека епископот, како Божји распоредник, треба да е… гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив; кој се придржува до вистинското слово, …та да биде силен и да поучува во здравото учење…
Новоракоположен архијереју,
Од денес, па натаму, сѐ што ќе правиш – прави го од душата, како за Господа , советува првоапостолот на македонската земја. И знај, ништо не е толку убедливо како личниот пример! Труди се она што си го избрал, по Божја милост, за животна определба, она што ќе го говориш, сето тоа да го потврдуваш со дела во животот!
Како и насекаде во нашите епархии, така и во Кумановско-осоговската, ќе ја увидиш потребата од поука за евангелската вистина, односно дека, и по 20 столетија христијанство во Македонија, сѐ уште жетвата е голема, а работници се малку . Образование во верата е потребно за сите наши генерации! Но, во недостаток на вистинска можност младите да се запознаваат со евангелските вистини, уште во училишните години, и тоа од образовани кадри во таа област, како и без можноста за Бога и за Црквата да се каже и прикаже во медиумите, светите храмови ни остануваат да ни бидат единствени училници, а амвонот и понатаму да биде најдоброто место за поука во верата. Затоа, како млад архијереј, и со стекнати високи научни звања, труди се постојано да бараш и да изнаоѓаш соодветни начини како најдобро да поучуваш и да ја благовестиш Христовата наука , давајќи им пример и на свештенослужителите и на верниот народ . Почесто потсетувај се на подвигот на „најучениот човек“ , „мудриот Климент“, „втор Павле“ , како што во житието го нарекува Охридскиот Архиепископ Теофилакт нашиот свети Климент Охридски – неуморниот учител и архијереј, и неповторливиот пастир и проповедник, кој од грижа за паството, „не им даде сон на очите свои, ниту дремка на клепките свои“ . Потсетувај се често и на великиот свети Григориј Богослов, големото светило на верата и красноречивиот архијереј и богомислител, кој советува дека „блажен е оној, кој, …Го придобил Христа и во кого единствено богатство е крстот…“ Затоа, следејќи ги овие големи учители на Црквата Христова, и тие нека ти бидат пример со нивната жртва, со нивните слова и со нивните дела.
Биди ревносен и трудољубив, советувај се и соработувај и понатаму со братот Јосиф, а секако и со членовите на Синодот на нашата Света Црква и со сите коишто ќе можат да ти помагаат. Потруди се и да се покажеш како добар управител на разнообразната Божја благодат , за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело . Исто така, поучувај се од подвизите на Осоговскиот и на Пчињскиот пустиножител, во чии богоблагословени предели ти се дава да архипастирствуваш. Но, најмногу надевај се на Господа, бидејќи надежта, пак, не посрамотува, зашто љубовта Божја е излеана во нашите души преку нам дадениот Свет Дух . А милостивиот Господ ги гледа сите наши постапки, сите наши зборови и мисли, сите наши дела.
Чувај ја довербата што ти се дава и погрижи се пред Бога да се докажеш како работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда словото на вистината . Покрај духовната грижа за своето паство, помагај да се зачува единството наше, како меѓу архијереите и свештенослужителите, така и меѓу нашиот народ. Постојано посочувај ги пораките за тоа колку е убаво, па и потребно, браќата да живеат сложно , за тоа дека во ова наше време, како никогаш досега, ни треба слога меѓу браќата и љубов меѓу ближните , како и за тоа, конечно, да сфатиме до каде може да нѐ однесе и што може да ни донесе нашето национално неединство!
Во овој миг, честитајќи ти ги хиротонијата и востоличувањето, ти посакувам изобилни благодатни дарови од небесниот Пастироначалник, многу богати плодови на овој дел од македонската нива Господова и многу духовни радости во Христа Господа.
Прими го овој архијерејски жезол, симболот на архијерејската власт, и секогаш имај на ум дека истиот како да ти го испратил Господ од Сион и благослови го присутниот народ, кој молитвено и со радост учествуваше во твојата хиротонија. И тој жезол нека ти биде жезол на евангелската правда, жезол на мирот, жезол на љубовта, жезол – симбол на архијерејската власт, кој ти се дава да архипастирствуваш во богодаруваната ти Кумановско-осоговска епархија. – Амин!
Долгоденствувај, Високопреосветен владико!