„Човековото право на живот од моментот на зачнување треба да биде загарантирано со Устав и процесот за уставни измени треба да започне со национален референдум“, рускиот весник „Известија“ ја цитира резолуцијата донесена од Асамблејата на дури 400 законодавци, здравствени работници и бизнисмени од 40 региони во Русија. Нивниот состанок се одржал во московската соборна црква на Христос Спасителот, а било одлучено да се бара измена и на федералните закони за здравство, лекови, здравствено осигурување и права на децата.
Еден од главните поддржувачи на оваа иницијатива, претседателот на движењето „За живот“, г. Сергеј Чесноков, за весникот изјавил дека иако Русија во 1990 г. ја ратификувала Меѓународната конвенција за заштита на права на децата, властите не прават ништо за заштита на правата на децата пред нивното раѓање: „Секоја година околу 1 милион жени во Русија ги абортираат нивните бебиња. Од нив, само 10% тоа го прават од здравствени причини.“
Според резолуцијата, секој предизвикан абортус е убиство и мора да биде забранет. Истото се однесува на контрацепцијата што предизвикува пометнување – пилулите „за следното утре“ и внатре-материчните помагала. Бројот на жени што користат вакви средства, според грубата статистика, е 9 милиони. Во документот се предлага и кривично гонење на лекарите кои вршат абортус, за жените кои го извршуваат, но и за другите лица кои ја присилуваат жената да го изврши пометнувањето. „Здравствените работници мораат на неродените деца да гледаат како на нивни посредни пациенти и да се потрудат да го одржат детето живо“, се вели во него.
Обратено е внимание и на финансиската страна на извршувањето абортус. Според Олга Пономарјова, лекарите заработуваат околу 6 милијарди рубљи (96 милиони евра) од вршењето абортуси – пари кои, доколку се прекине со покривање на трошоците со државни пари, би можеле да се искористат за поддршка на мајките.
Ова не е прв чекор на христијанското лоби против поборниците за правото на абортус. И претходно тие имаат доставувано слични документи кои руската Влада ги одбивала стравувајќи дека евентуалната забрана единствено би довела до зголемување на бројот на нелегални абортуси и ризици по здравјето и животот на жените.
Извор: Правмир