Христос не е небесен полицаец (1)

"Христос не е небесен полицаец (1)"

Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?” Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги. Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!” И пак се наведна долу и пишуваше по земјата. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?” А таа рече: „Никој, Господи.” Тогаш Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.”
(Јн. 8, 3-11)

Вообичаено, една група на проповедници го испуштаат овој текст, не проповедаат за него, затоа што сметаат оти нештата во него се малку преувеличени. Значи, имаме една блудница, која секако дека е блудница, и знаејќи го ова ја соочуваме со Мојсеевиот Закон, кој кажува дека таа треба да биде каменувана до смрт.

Овој момент е многу сложен, затоа што за човекот понекогаш е тешко да разбере зошто нештата се случуваат на ваков начин. Христос е Законоучител, тоа го знаат јудеите за Него, еден Пророк Кој Самиот кажал дека не дошол да го наруши, туку да го исполни Законот. Штом не си дошол да го нарушиш Законот, значи земи го првиот камен и фрли го на неа!

Меѓутоа, Христос се наведнал надолу и пишувал на земјата. Знаете ли што напишал на земјата? Евангелието не го кажува тоа, но во едно апокрифно евангелие пишува. Знаете дека има некои апокрифни евангелија коишто не се автентични, на св. ап. Филип, на св. ап. Петар, коишто за Црквата не се вистинити, но многупати содржат информации кои не постојат во четирите евангелија. Во едно од нив се кажува што пишувал Христос. Околу Него биле евреите, фарисеите, а Тој го запишувал името на секој еден од нив и до него името на неговата љубовница. Како што вели старец Порфириј, Христос знаел за ова и ги пишувал нивните имиња. Фарисеите, гледајќи ги ова, започнале да се плашат, во очај велејќи: „Што ќе правиме сега? – Ние го направивме тоа што го направивме. Тој, Кој не ги направил тие работи“ – таква помисла имале – „нема ли да фрли камен?“ Христос им одговара – „оној, кој е без грев, прв нека фрли камен!“ Меѓутоа, секој се плаши прв да го фрли каменот, оти се плаши дека Христос и неговото име ќе го напише на земјата. Разбирате ли?

Но, Законот бил Закон. Каков е заклучокот по сето ова? Се разбира, тој е молчеливо изразен, Христос не го кажува – законот постои, но вие не го држите законот, значи, потребно ви е нешто друго и Јас расудувам, дека ви е потребна не смрт, туку благодат. Тоа е прекрасна порака. Сите сте нарушители на Законот. Односно молкум, овие нешта се кажуваат без Тој да каже нешто, просто го кажуваат тоа што се случува. Сите го погазивте Законот, сите вие, па затоа таа е едно жртвено јагне, коешто сте го избрале за да се ослободите од вашата вина и да имате алиби дека го пазите Законот, дека имате неколку слабости, но го сакате и пазите Законот!

Сфаќате ли колку страшно суштество е човекот? Колку одвратен може да стане? Христос им покажува дека сите имаат проблем со Законот. Тој не решава да земе камен и да фрла по сите нив, да ги повика Своите ученици и да им рече: „фрлете камења врз сите нив, зашто и тие го имаат истиот проблем!“, туку на сите им простува и им го кажува спротивното – „крај, никој нема да фрла со камења!“ Во меѓувреме, сите биле преплашени и природно, не сакале да фрлаат со камења. Христос останал таму, пишувајќи по земјата, додека сите си заминале. Сите си заминале, зашто оној кој останувал, си го гледал името на земјата. Жената останала сама и Христос ја прашал: „Те осуди ли некој?“ „Не, Господи! Никој.“ „И Јас не те осудувам!“

Гледате ли каква нежност! Тоа е една од најпотресните реченици во Евангелието. Ако Го познавме Христос преку овие нешта, никогаш немаше да Го оставиме, но ние не Го познаваме. Ние и Него успеваме да Го претвориме во небесен полицаец, додека Тој никогаш не бил таков. И Јас не те осудувам! Зошто не ја осудува? Законот е категоричен – таа воопшто не вели „Не сум виновна!“, туку си признава. Таа добро знае дека е виновна, дека казната за тоа е каменување до смрт, но не се противи и не вели: „Ништо не сум сторила!“ Токму спротивното, таа признава дека го сторила тоа, и ги слуша тие зборови од Христа. Зошто?

Токму „затоа што дојдов не да судам, туку да го спасам светот“. Тоа што Христс не ни суди во овој момент е потресно: Тој не се ползува со власта, туку само служи. Ти грешиш, одиш кај свештеникот, тој ти чита разрешителна молитва и крај! Веќе не си осуден. Меѓутоа, ти треба да отидеш кај Христа за тоа нешто да се случи. И Христос преку Своите применици, епископите и свештениците ти кажува: „И јас не те осудувам“. Христос го вели истото: „Кому ќе му ги простите гревовите ќе му се простат; кому ќе му ги задржите, ќе му се задржат“. Колку страшна власт се дава на свештенството, не на народот.

Тој ја примил нејзината состојба и признание како исповед. Тој го прима тоа нејзино молчење како исповед, и ѝ ја чита разрешителната молитва и вели „И Јас не те осудувам, врви и веќе не греши! Внимавај! Тоа што го направи е грев!“ Во тој момент сѐ е избришано, но однапред внимавај! Не греши пред таа љубов која ти прости! Таа ти проштева без апсолутно ништо од твоја страна. Претставете си колку страшно проживување на Божјата љубов имала таа жена, зашто, кога Христос ѝ рекол „И Јас не те осудувам“, Светиот Дух подејствувал во тој момент и ја очистил. Христос ништо не прави Сам, туку Светиот Дух постојано Го поткрепува и така Тој ѝ дарил простување. Односно, во оној миг таа ја проживеала таа страшна слобода, како истрашна благодарност и од тој момент веќе има многу сериозни причини да Му благодари. Таа се восхитила, имено, затоа што Бога Го сретнала.

Протопрезвитер Николај Лудовикос
Извор: Тавор бр. 4
(продолжува)