Игуменот на еден грузиски манастир пострадал во пожарот на италијанскиот траект Норман Атлантик

"Игуменот на еден грузиски манастир пострадал во пожарот на италијанскиот траект Норман Атлантик"

На 30 декември 2014 година било пронајдено телото на игуменот Илија Картозија, настојател на манастирот на св. Давид во М’цхета. Од Министерството за надворешни работи на Грузија во Бари било потврдено дека се работи за него, откако претходните три дена игуменот се водел за исчезнат. Отец Илија бил упатен кон Италија со уште осум други Грузијци на поклоничко патување. Пожарот на траектот избил во раните утрински часови на 28 декември, во моментот кога пловел западно од островот Крф, кон Анкона.

Патниците на траектот сведочат дека отец Илија ги храбрел патниците, со што помогнал при евакуацијата на фериботот. Иракли, еден од преживеаните патници, вели дека игуменот му помогнал да смогне сила и да ги заштити неговиот син и сопруга.

– Тој беше единствениот што ме спаси, што ми даде сила – изјавил овој дваесет и пет годишен Грузиец. – Тој ме убеди да верувам и да мислам на Бога.

Пристигнувајќи до чамците за спасување, отец Илија видел дека некоја жена со мало девојче сè уште не успеале да се спасат, и им рекол на другите да одат без него, а самиот тој се вратил да им помогне да се спасат. Кога конечно тргнале да го напуштат опожарениот ферибот, јажето за спасување за кое се држел свештеномонахот се искинало, и тој се изгубил во морето. Кога неговото безживотно тело било откриено, до него биле пронајдени неколку икони, за кои неговите сопатници знаеле дека тој секогаш ги носел со него.

Грузискиот народ ја споредува херојската смрт на отец Илија со онаа на светиот богослов Григориј Перадзе, кој за време на Втората светска војна им помагал на Евреите, поради што бил одведен во Аушвиц и погубен. Во 1995 г. бил канонизиран од страна на Грузиската православна црква.

Извор: Правмир.ру, Agenda.ge, Dfwatch.net