Руската Православна Црква повторно ја изрази нејзината загриженост поради загрозувањето на концептот на бракот како заедница меѓу маж и жена. На заседанието на Комисијата за меѓународна соработка на Претседателскиот совет за односи со верските заедници, претседателот на Одделението за надворешни црковни врски, Митрополитот Иларион Алфеев изјавил:
– Десет од деветнаесетте земји кои ги легализирале истополните заедници се европски земји, што директно влијае врз Русија како дел од европската цивилизација. Доволно е да се потсетиме на каков прием наиде рускиот закон за ограничување на хомосексуалната пропаганда меѓу малолетниците.
Тој, исто така, го начнал и прашањето на абортусот, нарекувајќи го најгрубо кршење на човековите права.
– На секој човек мора да му дадеме право да се роди. И на секој човек мора да му се дозволи да живее онолку колку што Бог му одредил. Живееме во време кога во неколку европски земји се развива мобилна евтаназија (случај кога медицински тим доаѓа во домовите на болни луѓе со цел да им овозможи да умрат), детска евтаназија и асистирано самоубиство (самоубиство на пациентите во присуство на лекар).
Според зборовите на митрополитот, граѓанскиот мир бива загорзен од „пројавите на агресивен секуларизам при што, под изговор на слободата на говор и изразување, светињите и верските чувства на луѓето се подлежени на потсмев“.
На крајот, тој ја истакнал загриженоста од порастот на екстремизмот и положбата на верските малцинства на Блискиот Исток. Го поздравил и донесувањето на Декларација за зашитита на христијанските и другите заедници во регионот, иницирана од Русија, Ватикан и Либан, а усвоена на 28-то заседание на Советот на ООН одржан на 13 март годинава во Женева.
Извор: Интерфакс