Албанскиот портал Portalb.mk ја пренесува пишаната реакција на имамот на Големата Џамија во Приштина, д-р Шефкет Красниќи, по повод „тенденциозностa“ на уредниците на Радио-телевизија Косово (РТК) кон римо-католичката вероисповед.
Неговата реакција започнува со кратко појаснување на празнувањето на Христовото Воскресение во христијанскиот свет, потенцирајќи дека се работи за грешка и невистина, за којашто тој претходно пишувал во неговата книга „Марија, посебната жена“. Стравувајќи да не биде разбран како христијанофоб, тој нагласува дека Меѓународната заедница се уверила во гостопримството и добриот третман на странците од страна на косовското население. Тоа пак, според него, се должи на верските норми кон кои се придржува претежно муслиманскиот народ на Косово. Повторно правејќи дигресија, тој ги разгледува можностите за признавање на независноста на Косово од страна на Ватикан, за на крај да ги отфрли велејќи дека „Ватикан дури до пеколот нема да го признае Косово“.
После ваквиот долг вовед, имамот започнува да го изразува неговото чудење пред фактот дека РТК отстапува голем дел од својата програмска содржина на Римо-католичката црква и нејзините лидери, спротивно на демографскиот состав на нејзината публика, која според д-р Шефкет е од муслиманска вероисповед (95%). Но, врвот на непрофесионалноста на уредништвото на РТК, според имамот, бил фактот што како завршница на известувањето за велигденските празници била објавена веста дека 20 муслимани се откажале од исламот и примиле Крштение. Оваа вест претставува диреткна провокација, дециден е тој, и потсетува дека доколку 20 христијани примат ислам за Бајрам, тоа би претставувало скандал за кој повеќе недели би се говорело, иако во суштина, би можело да се работи само за формален чин, без суштинско значење.
Повторно враќајќи се на политички теми, својата реакција д-р Шефкет Красниќи ја завршува со претходно изречениот став на Ватикан дека „Косово е лулка на Србија“, и збунетоста пред толеранцијата на косовското општество на оние кои „со сила не можеш да си ги направиш пријатели“.
Инаку, д-р Шефкет Красниќи е роден во селото Сибовац, во косовскиот град Обилиќ. Откако завршил медреса во Приштина, заминал на студии во Медина, во Саудиска Арабија, каде цели 15 години се образувал, прво на Факултетот за арапски јазик и книжевност, а потоа и во областа на Исламското право (Шеријат), на што и ја одбранил докторската теза. По враќањето во Приштина, ангажиран е на Факултетот за исламски студии и е имам на Големата Џамија во Приштина. Преведувач е од арапски на албански јазик, а има објавено и неколку книги. На албанофоната јавност ѝ е познат по жестоките проповеди и дебати, како и плодната мисионерска дејност.
Извор: Portalb.mk