Интегрален текст од интервјуто на митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф дадено за весникот „Дневник“ од 09.09.2014 г.

"Интегрален текст од интервјуто на митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф дадено за весникот „Дневник“ од 09.09.2014 г."

Дали ве изненади најавата од СПЦ дека покренале црковно-судска постапка за да го казнат македонскиот Поглавар г.г Стефан. Што мислите за неа, што е во заднината на ова?

За жал, би лажеле кога би рекле дека нѐ изненадува ваквата одлука на Светиот Архијерејски Синод на СПЦ. Само мораме да истакнеме дека истата смртно нѐ нажалува. Поведувањето на црковно-судска постапка против Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, е чекор надолу кон заедничкиот пад во односите меѓу двете сестрински Цркви. Сега сме уште една педа поблиску до амбисот од кој, ако премногу му се приближиме, нема враќање.

Како аргумент се користи „случајот Вранишкоски“ и неговото држење во затвор. Како гледате Вие на тој случај?

Црквата не може никого не држи во граѓански затвор, ниту пак посакува некој да биде вотемничен. Сите обвинувања на адреса на МПЦ-ОА, дека таа е виновна за нечие затварање, претставуваат само изговор за да не биде започнат процесот на нејзино признавање. Во истата насока водат пораките кои неофицијално ги добивавме дека самостојноста на Република Македонија, после 1991 година претставувала грешка која не требало да се дозволи, а со тоа и дека не требало да се дозволи постоењето на МПЦ-ОА.

Обидот да биде инсталирана паралелна јерархија во Република Македонија во 2002 година воопшто не е наивна грешка на СПЦ, зашто неслучајно беше направена веднаш после вооружениот конфликт во нашата земја. Од друга страна, одлуката за прекинување на канонското општење со верниот народ во 2005 година, претставуваше очајнички обид таа грешка да заживее и да се претстави како вистинска одлука, но и пилатовски да се измијат рацете. Најновата, пак, одлука за поведување на црковно-судска постапка против Поглаварот на МПЦ-ОА нема покритие, таа е само кулминација на желбата духовно да се понижи и потчини македонскиот народ и истиот насилно да се втера во границите на СПЦ. Се чини како сѐ подалечен да е гласот на премудриот Гамалиил и неговото „Вонмем“ пред пропаста на богоборството.

Дел од владиците, г. Тимотеј и г. Пимен, се изјаснија дека тој би требало да се помилува за да се деблокира дијалогот. Вие лично, каков став имате во тој поглед?

По ова прашање и претходно сме укажале на позитивните правни прописи во Република Македонија: било чие ослободување може да се постигне исклучиво на два начини. Првиот, да се признае вината и да се побара помилување. А вториот, во судските процеси да се докаже невиноста. Мислиме дека тоа им стана јасно на сите.

Може ли во Светиот Синод на МПЦ да се случи неединство врзано за судската постапка против Поглаварот Стефан, што како теза се пласира во српските медиуми од страна на „изворите во СПЦ“

Денес, повеќе од било кога, нашата мисла е смирена кога реално ја гледаме христољубива свест и духовна борба на нашиот народ. Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е реалност, и нејзин Поглавар е Блажениот Архиепископ г.г. Стефан. МПЦ-ОА со радост и благодарност сведочи и светотаински се изградува во срцата на верниот народ на овие простори. Тоа се потврдува преку бројното присуство на Литургијата, околу Телото и Крвта Христови, и во семејството на Единородниот.

Но, ако сакаме да говориме за неединство, треба да погледнеме барем за миг во историјата. Уште од укинувањето на Охридската Архиепископија од страна на Високата Порта во Цариград, а по инсистирање на Вселенската Патријаршија во 1767 г., волците во овчи кожи се обидуваа да го пустошат нашето духовно стадо кое парадоксално, и под заштита на Божјата Десница, од секој пораз излегуваше сѐ посилно и сѐ поверно. Предизвиците и искушенијата со кои се соочуваше Црквата на овие простори низ децениите и вековите, најбруталната и најперфидна асимилација од страна на сите оние кои успеваа да имаат црковна јурисдикција, според законите на овој свет, не успеаја да го скршат духот на народот. Не е далеку ниту 1941-та, почетокот на Втората светска војна, кога согласно Евангелието, пастирите-наемници на кои не им беше грижа за верното стадо, се повлекоа од Македонија, оставајќи ги верните души препуштени сами на себе. Затоа, поминувајќи ја оваа лично-соборна историска Голгота, народот во Македонија не дозволи по завршувањето на Втората светска војна наемници да работат на Нивата Господова, туку од Бога испроси пастири кои се спремни душата своја да ја положат за животите на луѓето чија грижа им е доверена. Имајќи го ова искуство како духовна свест, денес сме поединствени од било кога, и со сигурност можеме да констатираме дека така и ќе биде во иднина.

Може ли СПЦ да ја прошири црковно-судска постапка и против сите други владици, вклучувајќи ве и вас? Може ли да се избегне тоа?

Треба јасно да се знае дека СПЦ нема никаква канонска јурисдикција на територијата на Република Македонија. Соборот на СПЦ уште во 1959 година има донесено одлука дека епархиите во Република Македонија не се под негова надлежност. Дополнително, СПЦ на никаков начин не учестувала во изборот на Поглаварот на МПЦ-ОА, ниту во изборот на нејзините архијереи, и затоа не може таа да одлучува за нивно разрешување.

По однос на прашањето дали може да се избегне новонастанатата ситуација, би одговориле потврдно, додавајќи дека истото е можно само доколку решат да ја променат донесената одлука на нивната последна седница. Дијалогот е возможен единствено во околности на взаемно почитување и уважување. Но, гледајќи ги чекорите што ги превзема СПЦ во изминативе десетина години кон МПЦ-ОА, се сомневаме дека ќе има некакви промени. Напротив, со тага констатираме и на сите ни е јасно дека, кога станува збор за односот кон МПЦ-ОА, СПЦ уште повеќе ќе се радикализира,.

Доколку Поглаварот г.г. Стефан биде расчинет од страна на СПЦ, тогаш, вреди ли воопшто да се преговара со СПЦ. Што во тој случај со нашите заложби да ни се признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА? Треба ли сега сразмерно да се одговори?

Евентуалната неканонска одлука за расчинување на Поглаварот на МПЦ-ОА, би била обид бескрупулозно и хегемонистички духовно да се осуди цел еден народ, за кој одговор ќе треба да се даде пред Неподмитливиот Судија Кој ќе му суди на светот, а Кого светот Го осуди. После таквите евентуални чекори од страна на СПЦ, сите можности за било каков дијалог меѓу двете страни би се исцрпиле. Невозможно и беспредметно би било да се разговара во сенката на таквите одлуки. А сѐ до овој момент, мораме да истакнеме, постоеше макар и минимална, можност да се седне и да се разговара, за заедно да се дојде до посакуваното решение, а на радост на сета полнота на Црквата.

Навистина, на прв поглед човек е во искушение да помисли дека МПЦ-ОА треба сразмерно да одговори, но, она што навидум ни изгледа логично, не е секогаш и најполезно. Ако започнеме да одговараме во реципроцитет, ќе се вратиме на старозаветниот закон „Око за око – заб за заб“, со што светот ќе го лишиме од новозаветното просветление. Затоа, МПЦ-ОА секогаш ќе се раководи од евангелскиот принцип кој вели дека по љубовта и по делата ќе нѐ препознаат дека сме Христови. И токму затоа, колку и да нѐ возмутуваат ваквите постапки со кои раните на Телото Христово уште повеќе се продлабочуваат, надеж не губиме, туку уште повеќе ги љубиме нашите браќа во верата.

Врска до онлајн изданието на „Дневник“ – НА СПЦ, КОЈА САКА ДУХОВНО ДА ГИ ПОТЧИНИ МАКЕДОНЦИТЕ, ЌЕ ОДГОВОРИМЕ СО ЉУБОВ