Интервју на митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф дадено за порталот Кумановски муабети

"Интервју на митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф дадено за порталот Кумановски муабети"

На 10 ноември 2013 година, во соборниот храм Свети Никола во Куманово, беше интронизиран владиката на Кумановско – осоговската епархија, кое назначување се случи после 70 години. Тоа беше доволен повод да го посетиме Владика Јосиф и да поразговараме за многу теми од духовниот живот кои години наназад останаа да лебдат некаде во небесниот простор.

КМ: Ваше Високопреосвештенство, од неодамна сте интронизиран за Митрополит на новоформираната Кумановско-осоговска епархија. Ново е тоа што после 70 години Куманово е повторно епархиско седиште. Мислите ли дека тоа би помогнало во заживувањето на духовниот живот во споменатава епархија?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Со Божји благослов, и благослов на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија оваа година беше оформена новата Кумановско-осоговска епархија, и јас бев најпрво избран, а потоа и востоличен за нејзин прв архиереј. При носењето на оваа одлука за реорганизација, црковниот организам се водеше од евидентната потреба за поголема грижа за народот и светињите од овој крај, и во таа линија се надевам и верувам дека истата ќе придонесе за развивањето на аскетско-литургискиот живот во овие предели.

КМ: Со оглед на вашите први изјави дадени непосредно по вашиот избор за наш надлежен митрополит дека сте имале можност да ги запознаете состојбите во ерпархијата од позиција на нејзин викарен епископ, што конкретно планирате да преземете како цели и активности на почетокот на вашето пастирствување со епархијата?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Секако, времето што го поминав како викарен епископ ми помогна одблизу да се запознаам со различните аспекти на состојбите во Кумановско-осоговската епархија, да стекнам еден опит за којшто сум уверен дека ќе ми помогне во раководењето со словото на Божјата вистина во овој пресек на векот и светот. Како и секој епископ од апостолско време до денес мојата главна цел, главна активност и делатност, моја алфа и омега ќе биде сведочењето на Христа Распнатиот онака како што и примивме од татковците на нашите татковци, за кои е напишано: „секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“. Секако, тоа подразбира организирана надворешна, но и внатрешна мисија, а сѐ во рамките на литургискиот, евхаристиски етос.

КМ: МПЦ неодамна донесе една (според многумина) непопуларна и од младите неприфатлива одлука за некористење на фејсбук. Спротивно на вашата подршка на оваа одлука, барем според информациите што се појавија во јавноста, Вие, исто како и Владиката Пимен си го задржавте својот профил, па дури отворивте и епархиски. Размислувате ли поинаку денес од позиција на митрополит за корисноста од овој медиум или станува збор за прифаќање на критиката од народот дека МПЦ има преконзервативен пристап до својот верен народ?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Одлуката за фејсбукот, според мене, беше еден потребен патоказ испратен до свештенството на нашата Црква, една насока или опомена, ако сакате, да не се заборави вистинскиот повик што еден клирик го има. Црквата на тој начин ги ограничи дејствијата, а не самото средство за комуникација. Колку и некој да сака да ја прикаже Црквата како технофобична и ретроградна, таа постојано го докажува спротивното. Доволно ќе биде за тоа да ги прашате луѓето што се црквуваат, кои имаат жив опит на живеење во Црквата. Би рекол дека тие се најповикани да го дадат својот коментар за овие работи. А злонамерни коментари секогаш ќе има, за тоа сме свесни и за тоа Му благодариме на Бога.

КМ: Последиците од воениот конфликт од 2001 год. во општина Липково се сè уште видливи на терен, особено врз сакралните објекти. Судејќи според досегашните активности на Епархијата и Заводот за заштита на споменици нема ништо видливо преземено, барем не кај манастирот Матејче кој е од значително културно историско значење не само за регионов, туку и во сите значајни Византолошки студии. Колку приоритетно ќе биде ова прашање за Вас, бидејќи кумановската јавност реставрирањето на црквите од Липковскиот регион го сфаќа како чекор кон враќање верба во меѓуетничка стабилност и право на верска слобода на регионот?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Секако, обновувањето на ова светилиште од 14 век е еден од нашите приоритети, но тоа изискува многу време и взаемен труд, како од Црквата, така и од државата. Овие светилишта освен нивната културно-историска вредност, имаат и една подлабока, мистирио-мартиолошка димензија. Но, обврзан сум да посочам дека обновувањето на ваквите светилишта е возможно единствено откако ќе се случи воскреснување на верата на луѓето во Христа.

КМ: Прашање кое се наметнува од претходното е дали се обидувате да изградите добрососедски односи со претставниците на ИВЗ на овие простори, бидејќи сметам дека за непречено делување на овие мултикултурни и мултиверски простори неопходно е обичниот народ да види една соработка на ниво на МПЦ и ИВЗ, како пример за взаемно почитување и помагање во спроведувањето на реконструкцијата на споменатите цркви и манастири, на стабилизирањето на верските права и слободи, но и соживот?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Свесен сум за јазот што постои помеѓу овие две заедници, и ветувам дека ќе сторам сѐ што е во мојот домен за да ги премостиме разликите во нашите меѓусебни односи. И од двете страни народот очекува да покажат високо ниво на мудрост и разбирање, и цврсто сум убеден дека во годините што претстојат ќе успееме да ги задоволиме овие очекувања. Како христијани, не смееме да заборавиме дека христовата порака е порака на мирот и љубовта. Во параболата за добриот самарјанин, Христос на сите нам ни ја посведочи тајната на жртвената љубов кон ближниот која ги надминува сите разлики. Во таа насока го гледам градењето на односот со ИВЗ, но и другите заедници во нашата татковина.

КМ: За крај Ваше Високопреосвештенство, која пастирска порака би сакале да им ја испратите на читателите на нашиот портал а воедно и Ваши духовни чеда?

МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Верувајте Му на Христа исто онака како што Тој вам ви верува. И пак, како што вели апостолот: „Скапо сте купени. Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“. Радувајте се со радоста Христова, која е вечна!

Извор: Владика Јосиф порачува – Верувајте Му на Христа исто онака како што Тој вам ви верува