Институтот за Православно Христијанство на Кембриџ (Обединето Кралство) објави дека започнува со целосно онлајн мастерски студии по пастирско богословие. Студиите се плод на соработката меѓу Богословската Федерација на Кембриџ, Институтот и Антиохиската православна црква. Претходно, цели 15 години оваа мастер програма се спроведувала на традиционален начин, а од оваа година се нуди и на заинтересираните студенти од целиот свет. Програмата е отворена за сите факултетски образувани додипломци, но и за оние кои немаат факултетско образование, а можат да покажат професионално искуство како еквивалент на факултетска диплома. Потребно е одлично познавање на англискиот јазик.
Според директорот на програмата, проф. д-р Давид Фрост, студиите „нудат можност за истражување на интелектуалните основи и духовните димензии на православната вера. Фокусот на студиите е да ги научи верните студенти како да бидат ефективни Христијани и лидери во денешниот сложен свет преку јасно библиско и догматско богословско образување овозможено од нашите експерти, значајни предавачи и истакнати професори.“
Како професори и носители на предмети, меѓу другите, се јавуваат Митрополитот Калист Вер, Проф. о. Андреј Лут, д-р Себастијан Брок, архимандритот Захарија Захару (Есекс), д-р Николај Сахаров, архимандритот Ефрем Лаш и други истакнати јереи, автори и професори од православниот свет.
Дипломската програма може да биде завршена во една или две години, до најмногу пет, зависно од тоа дали студентите ќе се запишат како редовни или нередовни. Студентите имаат постојан контакт со менторот, а исто така се вклучени во онлајн соби за предавање, соби за дискусија и соработка. Школарината изнесува 12 750 евра, со можност за намалување од 10%.
За повеќе информации, може да ја посетите презентацијата на Институтот на Кембриџ: http://www.iocs.cam.ac.uk/
Извор: Институт за Православно Христијанство на Кембриџ