Во Минск се одржува Четвртиот православно-римокатолички форум

"Во Минск се одржува Четвртиот православно-римокатолички форум"

Со молитва за мир во Европа и Украина во црквата на сите Белоруски светители и маченици во Минск, на 2 јуни започна Четвртиот православно-римокатолички форум „Религија и културна различност: Предизвици за христијанските цркви во Европа“. На Форумот присуствуваат повеќе од 35 претставници од Помесните Православни Цркви и Европската Бискупска Конференција од 22 земји, меѓу кои Белорусија, Белгија, Босна и Херцеговина, Германија, Грција, Ирска, Италија, Кипар, Полска, Русија, Романија, Србија, Турција, Франција, Шведска и Шпанија.

Делегати

На отворањето на Форумот, пред присутните беа прочитани поздравни слова од Вселенскиот Патријарх Вароломеј и Папата Франциск, кои минатиот месец се состанаа во Ерусалим за да ја одбележат педесетгодишнината од средбата меѓу нивните претходници, Патријархот Атинагора и Папата Јован VI. Во поздравните слова, Патријархот и Папата го изразија нивното задоволство од иницијативата на Форумот, кој по четврти пат се обидува темелно да ја проучи улогата на христијанските цркви во промоцијата на човековите и христијански вредности во современото европско општество.

Потоа, излагање имаа копретсредателите на Форумот, Сассимскиот Митрополит Генадиј и Унгарскиот Кардинал Петар Ердјо, Минскиот Митрополит Павле, како и почесниот патријаршиски Егзарх, Митрополитот Филарет, Волоколамскиот Митрополит Иларион, Претседателот на Белоруската Бискупска Конференција Александар и римо-католичкиот Мински Архиепископ Тадеј.

Во работниот дел од Форумот на тема „Религијата и реалноста на културниот живот во современа Европа“, своите реферати ги изложија Минскиот Митрополит Павле, римо-католичкиот монах и богослов Јакинф Дестивељ, и професорот Христо Циронис од Аристотеловиот Универзитет во Солун, претставник на Атинската Архиепископија.

Во рамките на заседанието на тема „Улогата на хуманистичките и христијански вредности во современите мултикултурни европски општества“, се обратија Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Волоколамскиот Митрополит Иларион и римо-католичкиот Архиепископ-Митрополит на Архиепархијата во Москва, Паоло Пецци.

Во понатамошниот тек од работата, претставниците на делегациите остварија средба и со Н.Е. Претседател на Белорусија, г. Александар Лукашенко, кој потенцираше дека христијанските вредности мора да бидат одбранети во денешна Европа, затоа што тие ја сочинуваат основата врз која треба да се изгради животот на една европска нација.

Форумот ќе трае до утре, 6 јуни 2014г.

Извор: Ccee.eu, Mospat.ru, Church.by