Изјава на ПЦА во врска со одлуката на Врховниот суд на САД

"Изјава на ПЦА во врска со одлуката на Врховниот суд на САД"
До преподобните јерарси, чесното свештенство, монаштвото и верните чеда на Православната Црква во Америка (ПЦА):

Возљубени,

Скорешната одлука на Врховниот суд на САД за законитоста на „истополовите бракови“ наиде на голема медиумска покриеност и веќе предизвика одредена забуна околу нејзините последици. Но ние, православните христијани, мора да бидеме уверени дека учењето за Таинството на бракот на нашата Света Црква останува исто какво што било со илјадници години.

Минатите неколку години, Светиот Синод на епископи на нашата ПЦА објави неколку декларации во кои се постави, детално се разгледа и разјасни учењето на нашата света вера во врска со ова прашање гледано низ призмата на предизвиците на нашето американско општество. Овие учења остануваат важечки и покрај одлуката на Врховниот суд.

Осврнувајќи се на одлуката на Врховниот суд, треба да Му благодариме на Семоќниот Бог за тоа што живееме во една земја во која Првиот Амандман [на американскиот Устав] ни дозволува слободно да богослужиме, да делуваме според она во кое како православни христијани веруваме, и да живееме како сведоци на Христа Спасителот и Неговата љубов кон другите.

Одлуката не го менува учењето на Црквата, но нè потсетува дека треба да бидеме христообразни во нашите односи со другите. Државата е одговорна за носење закони со кои се штитат правата на секој човек. Црквата, и покрај тоа што не ги благословува „истополовите бракови“, ниту ги смета за светотаински, сепак во секој човек гледа икона Христова, и смета дека секој човек е вреден во очите на Господа Кој умре на Крстот заради нашето спасение.

Како Православна Црква во Америка, ние сме одговорни да се грижиме за оние кои имаат потреба од тоа, да им помогнеме на оние кои се жртви на предрасуди, расизам или гонење по било која основа, и да им помогнеме на болните, сиромашните, бездомните и затворените.

Мисијата на Црквата продолжува, и врз нас лежи големата одговорност да им бидеме „сè на сите“, за сите да можеме да бидеме „едно во Христа“, и во последниот ден да ги чуеме зборовите: „Убаво, добар и верен слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!“ (Мт. 25,21).

Со љубов во Господа,

+ Тихон
Архиепископ Вашингтонски
Митрополит на цела Америка и Канада

Извор: Православна Црква во Америка