Британските медиуми јавуваат за нова ера на „негување на исламското право“ од страна на британскиот правен систем, под раководство на правници кои ќе имаат право да пишуваат „Шеријатски тестаменти“. Преку процес директно надгледуван од Правното општество на Британија, правниците ќе можат да пишуваат исламски тестаменти во кои на жените ќе им биде негирано правото на еднаков дел од наследството, или пак на „неверниците“ ќе им биде забранет пристап до наследството.
Со овој документ, кој ќе биде признаен од судовите во Обединетото Кралство, на вонбрачните и посвоени деца ќе им го ускрати правото да бидат сметани за легитимни наследници. Исто така, преку него ќе може да бидат исклучени од наследување сите муслимани кои се откажале од исламот и примиле христијанство.
И додека некои правни експерти се воодушевени од процесот на имплементирање на нормите од шеријатот во британското законодавство, други обвинуваат дека на овој начин со формира „паралелен правен систем“ за британските муслимански заедници. Според вторите, шеријатските принципи би можеле да надвладеат над позитивните правни прописи во земјата, и да доведат до преседани какви што земјата не помни. Во моментов, шеријатските принципи ниту се третираат, ниту пак се вклучуваат во британското законодавство. Сепак, постои мрежа на шеријатски судови кои ги решаваат споровите меѓу муслиманските заедници и семејства. Неофицијално, нивниот број изнесува 85. Многу мал дел од нив се официјално регистрирани и признаени.
Противниците на ваквото официјализирање на шеријатските норми се категорични: „Секој има право да состави свој тестамент и секој има слобода неговиот тестамент да ги отслика неговите религиски убедувања. Но, една организација како „Право општество“ да промовира или поддржува политика која е толку многу дискриминаторски расположена кон жените и вонбрачните деца, е навистина загрижувачки“.
Според прогнозите, во 2030 година секој десетти граѓанин на Велика Британија ќе биде муслиман, што значи дека во Британија ќе има повеќе муслимани отколку во Кувајт.
Извор: Telegraph.co.uk