Голем број на активисти од Муслиманското граѓанско општество и членот на ирачкиот Парламент, г. Шруг Абаиџи, заедно со бројни Христијани од Ирак се собрале во црквата на св. Георгиј (Мар Горгис), со транспаренти во рацете на кои било испишано: „Јас сум Ирачанец. Јас сум Христијанин“, со цел да ја изразат нивната солидарност со Христијаните од Мосул. Тие ја изразиле нивната подготвеност да ги вдомат раселените семејства и да им помогнат, истовремено нагласувајќи го процесот на злосторство против човештвото што се одвива во нивната земја.
На собирот присуствувал и халдејскиот патријарх Луис Рафаел I Сако, кој во неговото обраќање, меѓу другото, рекол:
„Ви благодарам на вашата солидарност и безрезевна поддршка во ова искушение. Се работи за едно злосторство против човештвото и против Ирак. Како може невооружени и невини луѓе да бидат откорнати од нивните домови само поради тоа што се Христијани? Како може некој да дозволи нивните домови и пари да бидат разграбани? Во болка и шок сме, и сме загрижени. Се обраќам до совеста на секој еден човек, без разлика дали е верник или не, да го крене својот глас во осуда на овие злодела. Сето ова е против и Исламот и против Муслиманите, ова е клевета за Исламот. Вашата солидарност кон нас ни дава сила и надеж. Вие сте иднината. Ви благодарам“.
На средбата присуствувале и претставници на неколку медиумски куќи. Претставникот на активистите, меѓу другото, посочил:
„Се собравме денес за да кажеме само едно нешто: Тука сме и во нашите срца има тага и солзи за сите раселени Ирачани, Шиити и Сунити, Христијани и Јазиди, Шабаци, Мандејци, Туркменистанци и Арапи. Сите тие ја имаат истата лична карта како и нас… Од ирачката Влада, граѓанските организации и Меѓународната заедница бараме под итно да делуваат и да ги згрижат бегалците…
И конечно, мора да го споменеме слоганот ‘Јас сум Ирачанец, Јас сум Христијанин’, со кој излеговме, затоа што силите на темнината ги сметаат Христијаните за религиско малцинство. Затоа, мора да застанеме до нашите браќа на Земјата и на Небесата, обединети против нашиот заеднички непријател кој го не може, а да не го погази толерантниот и пристоен граѓански закон. Затоа, тие веќе не се дел од човештвото“.
Извор: http://saint-adday.com/