На последниот ден од неговата посета на Њујорк (10 декември 2014 г.), Неговата Светост, Патријархот Антиохиски Јован ја посетил Организацијата на обединетите нации и одржал конференција за печат.
Патријархот напрво се сретнал со Заменик-генералниот секретар на ООН, г. Јан Елијасон. За време на овој, а и на другите состаноци, Патријархот нагласил дека единствено решение на кризата во Сирија се преговорите и мирот, а не бомбите и војната, велејќи дека сирискиот народ бара мир и добросостојба за себе и за сите други народи на земјата.
– Како христијански лидер, можам да зборувам и од име на исламските лидери во Сирија. Сите ние го отфрливме екстремизмот. Во Великата Сирија ние живеме заедно стотици години. Како христијани, не сакаме да нè сметаат за некакво малцинство на кое му е потребна посебна заштита. Напротив, како христијани, ние сме влучени во сите делови од општеството и сме еднакви граѓани во секој поглед – продолжил во ист тон Патријархот.
Тој потоа го цитирал великиот муфтија на Сирија, кој одговарајќи на прашањето „Колку христијани има во Сирија?“ одговорил „23 милиони“ (вкупниот број на жители на сириската држава). Ист бил одговорот на Патријархот кога го прашале колку муслимани има во неговата земја – 23 милиони. На крајот, тој потенцирал дека христијаните во Сирија, Либан, Ирак, Палестина, Јордан и Египет нивните корени ги имаат токму на Блискиот исток, и оттука не треба од нив да се бара да бидат евакуирани, бидејќи, според неговите зборови, „ние бевме тука и пред исламот, и за време на исламот, и не планираме да си ја напуштиме нашата земја.“
После овој состанок, Патријархот и неговата делегација оствариле средба со амбасадорот во ООН на Чад, Н.Е. г. Шериф Зене, кој во моментот ја извршува функцијата Претседател на Советот за безбедност, по што следеле средби со амбасадорите на Сирија и Русија.
На крајот, Свјатејшиот Патријарх на Истокот одржал конференција за печат на која одговарал на прашања.
Извор: Антиохиска Патријаршија