Како да се однесуваме во храмот?

"Како да се однесуваме во храмот?"

Влегувајќи во светиот храм, се прекрстуваме со благ наклон. Доаѓаме до иконата за целивање што е поставена во средината од црквата, се поклонуваме пред неа, се прекрстуваме и ја целиваме. Притоа, внимаваме да не им сметаме на тие околу нас, како и на оние што чекаат да го сторат истото после нас.

Храмот е свето место за собирање на верниот народ за заедничка молитва и богослужба. Разговорите за време на службите се непристојни и себични, зашто на тој начин забораваме на другите што се во храмот и се молат; нашиот говор ги соблазнува и ги расејува во молитвата. Можеби некоја мајка се моли за здравјето на своето чедо, или пак, некое детенце Го моли Бога за здравјето на својот дедо.

За време на богослужбите важно е да ги оставиме сите секојдневни грижи и проблеми, и своите срца и умови да Му ги посветиме на Господа. Единствено на тој начин можеме да излеземе од црквата како нови, очистени, осветени, препородени и обновени луѓе.

Изглед и однесување

В црква треба да сме пристојно облечени. Зачудува фактот што луѓето никогаш не прашуваат како треба да се облечат за на театар и кино, или кога одат на гости, а кога одат на „гости“ кај својот Господ и Спасител, кога пристапуваат на Неговата Света Трпеза од којашто го добиваат дарот на животот – или беспотребно празнословат за начинот на облекување, или пак, воопшто не обрнуваат внимание на тоа како се облечени.

Непристојно е да влегуваме во храмовите Божји со гуми за џвакање; непристојно е со рацете ставени во џеб да ги набљудуваме нашите браќа и сестри кои се трудат да се молат, или гласно да разговараме на мобилен телефон.

Домот мој е дом за молитва“, вели Господ. Како што во своите и домовите на нашите ближни се придржуваме до определни правила на однесување, за животот во заедница да ни биде олеснет и да послужи за меѓусебна радост, почит и љубов, така и во храмот треба да бидеме природни, без да се претвораме во робови на правилата, за на тој начин да не го заробиме духот на љубов и молитва, но на истиот начин не треба да се однесуваме ниту небрежно и без почит.

Како да го изобразиме крсниот знак?

Сите свештени обреди и молитви се осветуваат со знакот на крстот. Се крстиме така што ги собираме трите прста од десната рака – палецот, показалецот и средниот прст, а малиот и домалиот прст ги превиткуваме на дланката. Трите споени прсти Го символизираат Бога – Света Троица, додека двата превиткани прста на дланката ги символизираат двете Христови природи – божествената и човечката. Со трите составени прсти го допираме челото, посветувајќи Му го на Бога својот ум велејќи: „Во името на Отецот“, потоа пределот под градите, посветувајќи Му го на Бога своето срце велејќи „и Синот“, а на крај ги допираме десното па левото рамо, посветувајќи Му го на Бога своето тело велејќи „и Светиот Дух“. Завршуваме со „Амин“, што значи: „Така нека биде“.

Изобразувајќи го крстот го осветуваме сето свое битие. Со силата на крсниот знак се растеруваат сите нечисти сили, преку него се исповеда нашата вера во Бога и Воскресението.

Молитви и химни

Молитвите и химните што се кажуваат / пеат за време на богослужбите не се само формално изговарање на текстот или пеење на мелодијата, туку имаат длабока смисла; ни помагаат во нашето духовно освестување, го упатуваат нашиот ум кон Бога и ближните. Затоа е важно да се слуша секој еден дел од богослужбата, дури и на почетокот, кога многу нешта ни се нејасни.

Со Божја помош и редовно посетување на богослужбите, но и со сопствен труд, читање на духовна литература и преку разговори со парохискиот свештеник, ќе започнеме да го разбираме значењето на сите свештени дејанија во Црквата, како и зборовите од молитвите, химните и читањата од Светото Писмо. Tие ќе станат интегрален дел и оска околу која се движи нашиот живот.

За време на богослужбите не би требало да шетаме низ црквата, ниту да се гураме. Верата доаѓа преку слушање, т.е. слушање на Словото Божјо искажано преку Светото Евангелие, зборовите од молитвите, химните, слушањето на гласот на своето и срцето на ближните.

Најубав и вистински вид на собирање на верните е кога сите заедно пееме со хорот или певците – тоа е вистинско славословие кон Господа и Светиите, соучествување во богослужбата и заедничките молитви. За време на Божествената Литургија, но и другите богослужби, ѓаконот или свештеникот кажува што треба да правиме, доколку внимателно слушаме: „Во мир да се помолиме на Господа“, „Главите наши пред Господа да ги приклониме“, „Да Му благодариме на Господа“, „Во мир да излеземе“…

Причестување

Кон Светата Причест пристапуваме со благослов од својот духовник или исповедник. Кон Путирот пристапуваме мирно, и не се крстиме пред него, за ненамерно да не би предизвикале некаква незгода или истурање на Светињата. Пред причестување со Светите Христови Тајни не се јаде, ниту пие, ништо од полноќ до самиот момент на причестување следното утро.

Благослов

Приоѓајќи кон свештенослужителот, ја целиваме неговата рака, велејќи: „Отец, благословете“, или, во случај да станува збор за епископ, „Благословете, владико“. Тогаш верникот добива благослов преку раката на свештенослужителот, чии прсти на раката ги формираат буквите ИСХС, букви од името на Спасителот Христос.

За време на богослужбите, кога свештеникот го благословува народот, сите треба да ги приклониме главите, примајќи го тој благослов како од Самиот Господ. Со ова приклонување на своите глави, верните ја изразуваат својата благодарност кон Бога.

Палење на свеќи и оставање дарови

Свеќите треба да ги купуваме единствено од храмот, зашто тие се осветени, а на тој начин го потпомагаме и животот и работата на храмот во којшто се молиме и кадешто ги добиваме даровите од Господа. Тоа се однесува и на сите други црковни предмети. Иако поради практични причини е воспоставена пракса на горната површина да се палат свеќи за живите, а на долната за упокоените, треба да знаеме дека во Христа сите се живи, и дека не треба да се оптоваруваме со формалната страна на палењето свеќи.

Според својата можност, верниците доброволно даваат прилог за светиот храм, во знак на благодарност за благодатните дарови од Господа кои во него ги добиваат, но и со разбирање дека на тој начин храмот ќе може поефективно да се обновува, живее и да го организира својот духовен живот.

Даровите и прилозите не треба да ги оставаме врз самите икони, туку покрај нив.