Канадските имами издале фетва против Исламската држава

"Канадските имами издале фетва против Исламската држава"

Триесет и осум канадски имами од неколку канадски градови се согласиле и издале фетва со која се осудуваат делата на „Исламската држава“. Една од целите на овој документ била да се убеди муслиманската младина да не заминува на Блискиот Исток, за да со бори заедно со терористите. Фетвата била издадена на 11 март одинава, а била составена по иницијатива на имамот на градот Калгари, г. Сајед Сохарварди со поддршка на Врховниот исламски совет на Канада.

– Исламот забранува да се стапува во редовите на ИД и групите слични на неа – е подвлечено во фетвата во која, исто така, се вели дека секој муслиман кој влегува во слични терористички групации се лишува себеси од заедницата на пророкот Мухамед. Вклучувањето во Исламската држава е чин на непослушност кон Аллах и пророкот.

Имамите појасниле дека според Исламот, забрането е и давањето помош и поддршка на ИД и на луѓето кои се вклучуваат во оваа терористичка групација. Тие упатиле и апел до сите муслимани, но особено кон муслиманската младина, да не потпаѓаат под влијание на зборовите, песните и текстовите што се шират преку социјалните мрежи на интернет од луѓе „кои самите себе се сметаат за муслимани“.

Дополнително, фетвата ги повикува верните муслимани отворено да им пристапуваат на сите прашања поврзани со оваа тема, да се советуваат со имамите од нивните џамии, и во полиција да го пријават секој човек кој подготвува заговор против Канада. „Муслиманите во Канада уживаат целосна верска слобода. Оттука, секаков напад на Канада е напад врз слободата на канадските муслимани. Бранењето на Канада, пак, е долг на секој муслиман кој живее во оваа земја“, велат авторите на овој документ.

На документот отсуствуваат потписите од неколку имами кои, поради страв да не бидат изложени на гневот на терористички групи кои делуваат во Канада, одбиле да ја поддржат фетвата.

Извор: Благовест-инфо