Великиот канон на св. Андреј Критски: Среда

"Великиот канон на св. Андреј Критски: Среда"

ПЕСНА 1

Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.

[2Мојс. 15, 1-2]

Припев: Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Од младоста, Христе, заповедите Твои ги прекршив, сиот мој живот во страсти, небрежно и во мрзливост го минав. Затоа Ти повикувам, Спасителу: Барем на крајот, спаси ме.

Исфрлен пред Твоите врати, Спасителу, барем на старост не фрлај ме во адот, но пред крајот, како Човекољубец, дај ми прошка на гревовите.

Откако во блуд го потрошив богатството мое, Спасителу, лишен од плодовите на благочестието, и гладен, викам: Оче на добрините, побрзај и помилуј ме.

Паднат сум меѓу разбојници, и сега целиот сум претепан од помислите мои и лежам во рани. Но самиот Ти, Христе Спасителу, дојди и исцели ме.

[Лк. 10,30]

Еден свештеник ме виде и ме одмина; еден левит ја виде мојата болка и ја презре мојата голотија. Но Ти, Исусе, излекувај ги раните мои и помилуј ме.

[Лк. 10,30-31: Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога ги виде, си замина.]

Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас.

На преподобната: Ти дај ми ја светлозарната благодат на божествената промисла, за да го избегнам мракот на страстите и од срце да ги пеам, Марие, красните дела од твоето житие.

Слава:троичен: Надсуштествена Троице, почитувана во Единица, тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на покајание.

Богородичен: Богородице, на оние што ти пеат, надеж и застапнице! Тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како чиста Владичица, мене кој се каам, прими ме.

ПЕСНА 2

Ирмос: Чуј ме, небо, и ќе прозборам и Христа ќе Го воспеам, Кој во тело дојде од Дева.

Како Давид, блудно паднав и се осквернив. Но и мене, Спасителу, со солзи измиј ме.

[2Цар. 11,4: Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде при него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој.]

Немам ни солзи ни покајание, ниту смирение. Но самиот Ти, Спасителу, како Бог, нив дарувај ми ги.

Ја загубив првосоздадената моја доброта и благолепие, а сега гол лежам и се срамам.

Твојата врата не затворај ми ја тогаш, Господи, Господи, но отвори ми ја мене, кој се каам пред Тебе.

[Мт. 7,21-23; 25,11: Не секој што Ми вели: »Господи, Господи«, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Мнозина ќе ми речат во оној ден: »Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: »Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!«; Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!«]

Чуј ги воздишките на душата моја, и капките од моите очи прими ги, Спасителу, и спаси ме.

Човекољупче, Кој сакаш да се спасат сите, Ти повикај ме и, како добар, мене кој се каам, прими ме.

[1Тим. 2,4: Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината.]

Богородичен: Пречиста Богородице Дево, единствена сепеана, моли се прилежно да се спасиме.

Втор ирмос: Погледнете и видете дека Јас сум Бог, Кој некогаш во пустината на моите луѓе мана им пуштив и вода од каменот им источив, со единствената десница и со силата Моја.

[2Мојс. 16,14; 17,6: И, ете, кога се крена росата, а тоа – по пустињата лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата; А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.” И направи Мојсеј така пред синовите Израилеви.]

Слушај Го, душо моја, Господа, Кој вика: Погледнете и видете дека Јас сум Бог, и оддалечи се од поранешниот грев и плаши се од Него како од непоткуплив Бог и Судија.

Кому си се уподобила, многугрешна душо? Само на првиот (убиец) Каин и на оној Ламех! Ти, која го каменуваше своето тело со лоши дела и го уби својот ум со желби безумни.

[1Мојс. 4,1-26: И му рече Каин на својот брат Авела: „Да појдеме в поле!” А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби; И им рече Ламех на жените свои, Ада и Села: „Чујте го гласот мој, жени Ламехови; послушејте ги зборовите мои: ќе убијам човек, кој ќе ме рани, и младич, ако ме удри.“]

Душо моја, ти ги надмина сите оние пред законот: на Сита не си се уподобила, ни Еноса не си го подражавала, ниту како Енох си се променила, ниту како Ноја, туку самата од праведниот живот си се лишила.

[1Мојс. 5,1-32: Адам поживе двесте и триесет години, кога му се роди син според подобието свое и според образот свој, и му даде име Сит; (…); Сит, пак, поживе двесте и пет години и му се роди Енос; (…); И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде; (…); Ламех, пак, откако поживе сто осумдесет и две години, доби син. И го нарече Ное, велејќи: овој ќе нè утеши во работите наши и во трудот на рацете наши на земјата, што Господ Бог ја проколна.]

Ти самата си ги отворила окната на гневот на Твојот Бог, душо моја, и си го потопила целото тело, како земјата (од потопот), и делата и животот, и надвор од спасоносниот ковчег си останала.

[1Мојс. 7,1-24: Кога имаше Ное шестотини години, во вториот месец во таа година, дваесет и седмиот ден од тој месец, во тој ден бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески; и се лиеше дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи.]

На преподобната: Со сета ревност и љубов си Му пришла на Христа, откако од поранешниот пат на гревот се одврати, во пустини непроодни хранејќи се, и Неговите божествени заповеди во чистота извршувајќи ги.

Слава: троичен: Беспочетна, несоздадена Троице, неразделна Единице, мене кој се каам прими ме и кој згрешив спаси ме, Твое сум создание, не презирај ме, но од огнената осуда поштеди ме и избави ме.

Богородичен: Пречиста Владичице, Богородице, надеж на оние што ти приоѓаат и пристаниште на оние што се во бура, Твојот милостив Син и Создател умило-стиви Го и за мене, со твоите молитви.

ПЕСНА 3

Ирмос: Господи, утврди го моето расколебано срце врз каменот од Твоите заповеди, зашто си единствен свет и Господ.

Благословот Симов не си го наследила, душо бедна, ниту пространиот имот што Јафет го доби во земјата на проштавањето.

Излези од земјата Харан, остави го гревот, душо моја, и оди во земјата од која тече вечноживо нетление, што Авраам го наследи.

[1Мојс. 12,1-7: И му рече Господ на Аврама: „Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас! А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен. Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и +преку тебе ќе бидат благословени сите родови на земјата.” Тогаш тргна Аврам, како што му кажа Господ, а со него појде и Лот. А Аврам имаше седумдесет и пет години кога излесе од Харан. И ги зеде Аврам Сара, жената своја, и Лота, братанецот свој, со целиот имот што го беа спечалиле, и луѓето што ги беа придобиле во Харан, па излегоа за да отидат во земјата Хананска. И Аврам ја измина таа земја во должина дури до Сихем и до високиот даб Мамре; а тогаш во таа замја живееја Хананејци. И му се јави Господ на Аврама и му рече: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство.” И направи таму Аврам жртвеник на Господа, Кој му се јави.]

Си слушнала за Авраам, душо моја, кој во она време ја остави земјата на татковците и стана туѓинец; неговата добра волја подражавај ја.

[1Мојс. 12,1-7]

Откако патријархот Авраам ги угости ангелите кај дабот Мамвриски, на старост од Бога ветеното го наследи.

[1Мојс. 18,1: Потоа му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина.]

Бедна душо моја, откако ќе ја разбереш новата жртва на Исаак, тајно принесена на Господа, неговата одлука подражавај ја.

[1Мојс. 22,2: Бог продолжи: „Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!”]

Си слушнала, душо моја, за Исмаил кој беше истеран како дете на слугинка; затоа биди будна и пази и ти да не пострадаш како него, предавајќи им се на страстите.

[1Мојс. 21,10-11: па му рече на Авраама: „Истерај ја оваа робинка со синот нејзин, зашто синот на оваа робинка не бива да стане наследник со мојот син Исака!” А тоа на Авраама му беше многу тешко, поради синот негов Исмаила.]

Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас.

Обземен сум од бура и од гревовни бранови, но ти самата, мајко, сега спаси ме и кон пристаништето на божественото покајание одведи ме.

На Марија: Твојата понизна молитва, Преподобна, принеси ја сега кон милостивата Богородица, по твоите молитви, да ми ги отвори вратите божествени.

Слава: троичен: Троице проста, несоздадена, беспочетно естетство, пеана во три Ипостаси, спаси не нас, кои на Твојата моќ и се поклонуваме.

Богородичен: Безвремениот Син на Отецот, во времето без маж си Го родила, Богородице: необично чудо! Доејќи остануваш Дева.

ПЕСНА 4

Ирмос: Пророкот го слушна доаѓањето Твое, Господи, и се исплаши, дека сакаш од Дева да се родиш и на луѓето да им се покажеш, и говореше: го слушнав гласот Твој и се исплашив: слава и на силата Твоја, Господи.

Телото се оскверни, духот се извалка, сиот во рани се сторив, но како лекар, Христе, обете со покајание исцели ги: измиј ги, очисти ги, почисти од снегот, Спасителу мој, покажи ги.

Телото Твое и крв, распнуван за сите, си ги положил: телото – за да ме очистиш; крвта – за да ме измиеш; а духот си го предал, Христе, за да ме приведеш при Твојот Родител.

Спасението си го извршил среде земјата, Штедре, за да се спасиме. На крстот си се распнал доброволно, затворениот рај се отвори, горната и долната твар, сите народи Ти се поклонуваат Тебе, спасени.

[Пс. 73,12: Но Бог е Царот наш уште од пред вековите, Он приготвил спасение среде земјата!]

Крвта од Твоите ребра да ми биде и купел и напиток, кој ја точи водата на проштавањето, та двојно да се очистам – помазувајќи се и пиејќи, зашто Твоите животочни зборови, Слове, се и помазание и напивка.

[Јн. 19,34: Но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.]

Црквата го наследи Путирот – ребрата твои живоносни, Спасителу наш, од кои ни течат две реки: проштавање и богопознание, како символ на двата завета, Стариот и Новиот.

Лишен сум од брачната одаја, лишен и од свадбата, како и од вечерата. Светилката изгасна, оти снема елеј. Додека спиев, брачната одаја се заклучи, вечерата се изеде. А јас, со врзани раце и нозе, надвор сум исфрлен.

[Мт. 25,1-13; Лк. 12,35-37; 13,24-27; 14,7-24: Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: »Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!« Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: »Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.« Мудрите им одговорија и рекоа: »Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!« А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!« А тој им одговори и рече: »Вистина, ви велам: не ве познавам!« И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки. Нека ви биде крстот стегнат и +светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука. Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.]

Слава: троичен: Неразделно по суштина, неслеано по лица, Те богословам, троично Божество и единствено, како едноцарствено и сопрестолно, Ти пеам песна голема, во висините тројно славена.
[Ис. 6,1-3]

Богородичен: И раѓаш и девствуваш, и во двете по природа Дева остануваш. Родениот од тебе законите на природата ги обновува, зашто раѓа утроба која не раѓала. Каде што сака Бог, се победува природниот поредок, зашто прави се што сака.

ПЕСНА 5

Ирмос: Мене, кој од ноќта поранувам, просвети ме Човекољупче, и се молам: Упати ме на заповедите Твои и научи ме, Спасителу, да ја творам волјата Твоја.

[Пс. 62,2; Пс. 118,35]

Бев со тешка нарав како лутиот фараон, Владико, сличен на Јани и Јамври, со душа и тело, и со ум потопен, но Ти помогни ми.

[2Мојс. 7,11; 2Тим. 3,8: Тогаш Фараонот ги повика мудреците египетски и врачевите; и тие направија исто со своето вражање; Па, како што му се противеа на Мојсеја Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата.]

Со кал умот го извалкав, бедниот јас. Измиј ме, Владико, Те молам, со бањата на моите солзи, и облеката на моето тело како снег избели ја.

Ако делата свои ги испитам, Спасителу, се гледам дека со гревови секој човек сум надминал, зашто згрешив како оној што со разумот мудрува, а не од незнаење.

Поштеди го, поштеди го, Господи, Твоето создание. Згрешив, прости ми, зашто само Ти единствен си чист по природа, и никој друг, освен Тебе, не е без нечистотија.

Иако Бог, заради мене стана човек, си покажал чудеса, кога лекуваше лепрозни, и раслабениот го крена, жената крвоточива ја излекува, Спасителу, кога Ти ја допре облеката.

[Мт. 9,20; Мк. 5,25-27; Лк. 8,43-44: И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението.]

На преподобната: Откако ја премина реката Јордан, си нашла безболен спокој, кога ги избегна телесните наслади; од нив измиј не и нас, Преподобна, со твоите молитви.

Слава: троичен: Тебе, Троице, Те славиме, единствениот Бог: Свет, Свет, Свет си Оче, Сине и Духу: просто суштество, Единице секогаш славена.

И сега: Богородичен: Од тебе – нетлена, безмажна Мајко Дево, Бог Кој ги создаде вековите, го прими нашето тело и со Себе ја соедини човечката природа.

ПЕСНА 6

Ирмос: Повикав од се срце кон Штедриот Бог, и ме слушна од најдолниот ад и го изведе од гибел животот мој.

Стани и победи ги телесните страсти, како Исус (Навин) – Амалика и Гаваонците, победувајќи ги секогаш лажните помисли.

[2Мојс. 17,8; Исус 8,21: Но тогаш дојдоа Амаликијците и се биеја против Израилците во Рафидин; Исус и целиот Израил, кога видоа, дека оние што беа во заседа го презеле градот и дека од градот се крева дим кон небото, се вратија и почнаа да ги убиваат Гајците.]

Бог заповеда, душо, да ја поминеш минливата природа на времето и да станеш наследник на ветената земја.

[Исус 3,17: А народот стоеше спроти Јерихон; кога пак свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан, тогаш и сите синови Израилеви преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан.]

Како што го спаси Петра, кој повика: Спаси ме; побрзај, Спасителу, и од ѕверот избави ме! Подај ја раката Твоја и од бездната гревовна изведи ме.

[Мт. 14,31]

Знам дека си мирно пристаниште, Владико Христе, затоа побрзај и од непроодната длабочина на гревот и очајание избави ме.

Слава: троичен: Троица сум проста, нераздела, а по лица разделна; и Единица сум, по природа соединета, вели Отецот и Синот и Светиот Дух.

Богородичен: Утробата твоја Бога ни Го роди, според наш образ: Него, како Создател на сите, моли Го, Богородице, по твоите молитви да се оправдаме.

Кондак: Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува.

ПЕСНА 7

Ирмос: Згрешивме, против законите живеевме, неправедни бевме пред Тебе. Ниту запазивме, ниту извршивме како што си ни заповедал. Но не отфрлај не до крај, Боже на татковците.

[Дан. 9,5-6]

Доброволно си ги намножила, душо, гревовите Манасиеви, принесувајќи ја на жртвеник одвратноста на твоите страсти и гневот врз себе умножувајќи го. Но следи го и примерот на неговото искрено покајание и стекни смирение.

[4Цар. 21,1-2: Манасиј беше на дванаесет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет години; мајка му се викаше Офовија. Но тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, подражавајќи ги лошите работи на оние народи, кои Господ ги беше изгонил од пред лицето на Израилевите синови.]

Тешко мене, душо моја, нечистотијата на Ахава си ја подражавала, и си била живеалиште на телесна нечистотија, и срамен сад на страсти. Но од длабочината твоја воздивни и кажи Му ги на Бога твоите гревови.

[3Цар. 16,30: И Амвриевиот син Ахав го вршеше она што не му беше угодно пред очите на Господа повеќе од сите свои претходници.]

Небото се затвори за тебе, душо, и глад за Бога те снајде, кога не ги послуша зборовите на Илија Тесвиќанец, како Ахав во она време, но следи го примерот на вдовицата од Сарепта и душата пророчка нахрани ја.

[3Цар. 17,8-9: Тогаш Господ му рече: „Стани, оди во Сарепта Сидонска и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.”]

Илија двапати направи да изгорат педестмината (пратеници Охозиеви), кога ги погуби срамните пророци Језавелини, за да го изобличи Ахава. Но ти, душо, бегај од нивно подражавање, и крепи се.

[4Цар. 1,10-15: Одговори Илија и му рече на педесетникот: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина.” И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина.
Царот испрати друг педесетник со неговите педесетмина. И тој му проговори и рече: „Човеку Божји, вака вели царот: »Слези поскоро!«“ Илија одговори и му рече: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина”. И падна оган Божји од небото и го изгоре него и неговите педесетмина. Царот испрати по третпат педесетник со неговите педесетмина. Третиот педесетник стана, та дојде, и падна на коленици пред Илија, го молеше и му зборуваше: „Човеку Божји, да не биде презрена душата моја и душата на твоите слуги – овие педесетмина – пред твоите очи; Ете, падна оган од небото и ги изгоре двајцата претходни педесетници со нивните педесетмина; но сега да не биде презрена душата моја пред твоите очи!”]

Слава: троичен: Троице проста, неразделна, едносушна и естетство едно: Светлини и Светлина; и Тројца Свети, и Едно Свето – се пее Бог Троица. Но, душо, запеј и прослави Го Животот и Животите, и Бога на сите.

Богородичен: Ти пееме, те благословуваме, ти се поклонуваме, Богородице, зашто си Го родила единствениот Христос Бог, Кој е неразделен од Троица, и самата си ни ги отворила небесата, нам кои сме на земјата.

ПЕСНА 8

Ирмос: Оној што небеските војски Го слават, и од кого треперат херувимите и серафимите, се што дише и секоја твар, пејте Му, благословувајте Го и превозносете Го во сите векови.

Судијо праведен и Спасителу, помилуј ме, и избави ме од огнот и заканата, што на Судот праведно ќе ги претрпам. Прости ми пред крајот, со добродетелта и со покајанието.

Како разбојникот Ти викам: Спомни си за мене; како Петар – горко плачам; како митарот викам: Спасителу, помилуј ме; како блудницата – солзи ронам. Прими го моето редење, како некогаш на Хананејката.

[Лк. 7, 37-38; 18,13; 23,42; 22,62. Мт. 15,22: И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”; И штом излезе надвор, заплака горко; И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.”]

Гноењето на мојата смирена душа, Спасителу, исцели го, единствен Лекару, завој, елеј и вино стави ми, дела на покајание и солзи на смирение.

Хананејката падражавајќи ја, и јас викам: Сине Давидов, помилувај ме! Се допирам до крајот од облеката, како крвоточивата; плачам како Марта и Марија над Лазара.

[Мт. 9,20; 15,22. Јн. 11,33: И ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова; Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути.]

Слава: троичен: Беспочетен Оче, Сину собеспочетен, Утешителу Благи, Духу вистински: на Словото Божјо Родителу, на беспочетниот Отец – Слово, Духу Кој живееш и твориш – Троице – Единице, помилуј не.

Богородичен: Како од тенко црвено платно, Пречиста – умна багренице Емануилова, во твојата утроба Неговата плот беше исткаена. Затоа навистина те почитуваме како Богородица.

ПЕСНА 9

Ирмос: Од бессеменото зачнување, раѓање неискажливо; од безмажна мајка, нетлен плод; оти Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневесна Мајка, православно те величаме.

Болести лекувајќи, на сиромашните им благовестеше, Христос Словото. Куци лекуваше, со митари јадеше, со грешници разговараше, душата на умрената ќерка Јаирова со допир на рацете и ја врати.

[Мт. 4,23; 9,10-11. Мк. 5,41-42: И одеше Исус по цела Галилеја и, кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болести немоќ кај народот; И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина митници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови. Но, штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?”; И, кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!” – што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!” И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.]

Цариникот се спаси, и блудницата стана целомудрена, а фарисејот, фалејќи се, самиот се осудуваше: зашто едниот велеше: Очисти ме; другата – помилуј ме, а третиот се фалеше, викајќи: Боже, ти благодарам и други безумни зборови.

[Лк. 7,46-47; 18,14: Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!”; Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.”]

Закхеј беше цариник, па сепак се спаси, а фарисејот Симон се соблазнуваше. Блудницата прими прошка на гревовите од Оној што има власт да проштава гревови; нејзиниот пример, душо, побрзај да го подражаваш.

[Лк. 7,39; 19,9; Јн. 8,3-11: А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.”; А Исус му рече: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов“; Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?” Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги. Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!” И пак се наведна долу и пишуваше по земјата. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што
те обвинуваа? Никој ли не те осуди?” А таа рече: „Никој, Господи.” Тогаш Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.”]

Примерот на блудницата не си го следела, бедна душо моја, која зеде сад со миро и со солзи ги миеше и со коса ги бришеше нозете Исусови, Кој го кинеше списокот на старите нејзини гревови.

[Лк. 7,37-38]

Си слушнала, душо моја, како беа проколнати градовите на кои Христос им го проповедаше Евангелието! Од казната исплаши се, за да не бидеш како нив, кога Господ ги спореди со Содомјаните и во пеколот ги осуди.

[Лк. 10,12-15: Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град. Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам. И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш.]

Да не се покажеш полоша, душо моја, во очајание, кога слушаш за верата на Хананејката, чија ќерка со зборот Божји се исцели: и ти, како неа, од длабочината на срцето повикај кон Христа: Сине Давидов, спаси ме и мене.

[Мт. 15,22]

Слава: троичен: Отецот да Го прославиме, Синот да Го превознесеме, на Божествениот Дух верно да Му се поклониме, на Троица неразделна, Единица по суштина, како на Светлина и Светлини, Живот и Животи, Кој живот твори и сите краишта ги просветлува.

Богородичен: Градот твој пази го, Богородице Пречиста, зашто со твоја помош тој верно царува, во тебе се утврдува, и со тебе секое искушение победува, и воини запленува и во послушание напредува.

Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас.

На свети Андреј: Андрее чесен, и оче најблажен, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние што ти пеат: да се избавиме сите од гнев и неволи, и гибел, и безмерни прегрешенија, ние кои твојот спомен верно го почитуваме.

Потоа и двата хора го пеат ирмосот: Од бессеменото зачнување, раѓање неискажливо; од безмажна мајка, нетлен пород; оти Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневесна Мајка, православно те величаме.